за

Пред 30 години е испечатен првиот Авто Плус, напиша историја, македонскиот синдром го погоди

На 13-ти ноември 1993 година, како што убаво помни Венцислав Гашевски, даден е налог за печатење на Авто Плус, за утредента по празникот, најголемиот македонски магазин за автомобили да се појави на трафика.

Насловната страница за првото издание на Авто Плус од ноември 1993 година

Во тие години, многу нешта продолжуваа по старо, но пак се почнуваа по ново, затоа што се работеше за Македонија. Авто Плус е најверодостојно потсетување за тоа што било некогаш, кога никој не ни помислуваше на тоа што ќе ни се случува денес.

Каков е тој македонски синдром? Низ големата историја на Авто Плус, првиот приватен автомобилски магазин во Македонија, имаат оставено трага дузини ликови. Некои од нив се повеќе познати во јавноста, други им се познати на луѓето во кругот на магазинот и во поширокото деловно опкружување, но сите се еднакви во заслугата, за денес многумина да се сеќаваат со убава носталгија на времињата кога Авто Плус беше Авто Плус.

Од друга страна, името постои и денес, но ниту постои магазин, ниту зад тоа име постои барем еден член од редакцијата што некогаш го создаваше тоа големо име. Пред кулисата на тоа што денес се претставува како Авто Плус, одвреме навреме ќе се појават неколку ликови што својот медиумски кредибилитет го засноваат врз тоа што насекаде го вејат знаменцето на Авто Плус, сигурно пронајдено случајно некаде во архивите на магазинот. Тоа е македонскиот синдром. Да го уништиш доброто и квалитетното, и да воспоставиш подлога за да го шириш твоето потпросечно и минливо нешто.

Авто Плус стана Авто Минус

„Плусот“ во името и во големото значење што го носи тоа име, уште пред долги години се има претворено во минус. Кога на плус ќе додадеш минус, останува минус. Плус и минус не можат да направат плус. Ако се направи минус на минусот, ете го пак плусот. Но, нема таков што ќе умее уште еднаш да направи минус.

На 13-ти ноември, од големиот „Авто Минус“ што некогаш бил Авто Плус, немало кој да јави оттаму за големиот и исклучително важен јубилеј, за гордо и достоинствено да се одбележат 30 години од излегувањето на првиот број од првиот приватен автомобилски магазин во Македонија. Тие не знаат.

Авто Плус се поврзува прво со две имиња. Тоа се големиот Томислав Биљарац, како соосновач и главен уредник на Авто Плус, заедно со Зоран Коцев, заменик на главниот уредник, како втор соосновач.

Дневник и Вест, Цаци на радио, нови Пунто и Поло, средишен дрворед од Цека до Нова Македонија, возење по една лента на Илинденска, Македонија…

Во тие времиња, во средината на 1990-те, уште се гледа МТВ, на големо се читаат дневните весници и се верува во нив, низ етерот се шири свежиот дух на Антена 5 и гласот на Цаци, по улиците се возат нови Пунто и Поло. Многу нешта отпочнуваат да се работат од ново и се развиваат. Се создава и вистински се гради тоа што е создадено.

Компаниите што ги увезуваат автомобилските марки уште се во салони по Градски Ѕид, во Трготекстил, во згради по Партизанска. Аутомакедонија, секако. Дури по неколку години, увозниците почнуваат да се издвојуваат во продажно-сервисни центри, Еуроимпекс ќе биде прв со објектот на магистрала, пред станицата на Макпетрол.

„Сé она што ќе значи придонес во збогатувањето на содржините и на квалитетот на Ревијата со задоволство ќе го прифатиме како наша обврска“, ќе напише големиот Томислав Билјарац во воведникот во првиот број на Авто Плус

Интернетот не само што уште не е омасовен, туку и компјутерите ги има најмногу по еден во цела фирма. Феноменот на автомобилски новинари, на кои вестите секогаш им почнуваат со пристигна и претстави, уште ја нема загадено медиумската сцена.

Господин Биљарац тогаш добива покани од автомобилските марки за да присуствува на презентации на нови модели по Европа и светот. Од тоа се создаваат главните содржини во Авто Плус. Се патува задолжително во Женева, Париз, Франкфурт, за на големите авто-салони да се обезбедат најновите материјали за печат. Тоа се стотици страници печатен материјал, обично со приложени фотографии. ЦД, ДВД и флешови уште се музика од иднината.

Денешните автомобилски новинари на кои работата им почнува со вевеве…хр, тогаш не би имале каде да го напишат тоа. Објавите во Авто Плус се создаваат, се пишуваат од луѓе што имаат жичка за тоа. Препишувањето од некои туѓи средини, не може да успее и не треба да успее.

Редакцијата располага со архива во којашто се опфатени илјадници материјали за печат, милиони испечатени страници текст, стотици илјади фотографии, филмови, видеа. Кога се пишува за нов Мерцедес, се оди во архива и се бара што пишувало во пресот за претходниот модел, за потсетување.

Посебно вреден материјал создава Венцислав Гашевски, за кој ќе биде премногу скромно за денес да се каже дека е јадрото на сите спреги во редакцијата на магазинот. Фотографии од автомобилски трки, од отворање нови салони, домашни презентации на модели, настани, саеми. Секоја седмица има на тест во редакцијата најмалку по два автомобили. Фотографиите од автомобилите на тест, пак упатуваат на наш Венци.

Вистинската приказна за Авто Плус ја откриваат луѓето што некогаш го создаваа овој ценет магазин. Ова се исклучително вредни зборови полни со емоции, ова се сеќавања и моменти, на луѓето од Авто Плус.

Прво дамите.

Даниела Младеновиќ

Авто Плус беше моето прво работно искуство, коешто на мое задоволство траеше 16 години. Таму созреав како личност, но и професионално. Во Авто Плус имаше живот, сите беа млади и полетни, полни со идеи, а на чело беше еден човек господин во вистинската смисла на зборот, кој повеќе од директор, на суптилен начин нé растеше, оформуваше, нé подготвуваше за живот. Со згаснување на неговиот живот згасна и Авто Плус. Сите ние се раздвоивме на разни страни, но до денес си имаме подршка, се сакаме и почитуваме.

Татијана Трпковска

На мојата листа за работен стаж, во Авто Плус се забележани 10 години работно искуство, но од денешна перспектива, со вкупен работен стаж од 21 година и сменети неколку компании, можам да заклучам дека времето поминато во таа компанија е неспоредливо со останатите. Таму постоеше работна атмосфера, но не и чувство дека сме во работни простории. Ние бевме едно големо семејство, кое поголемиот дел од денот го поминуваат сплотени заедно.

Како женски дел од тимот, со оглед на моето познавање на автомобилската индустрија, можеби не бев од голема корист, но секако дека се радував на секое ново тест возило, и ако ништо друго, земав за право слободно да го искоментирам секој нов дизајн.

Со нетрпение очекував да го помирисам секој нов број на списанието и ги голтав текстовите да стигнам и до последната страница. Во нив, текстови од мои драги колеги, амбициозни, деца во тоа време, секој вљубеник во својата тематика, а истите предводени од доајенот на македонското автомобилско новинарство.

Со оглед на предизвиците кои ги имавме: Авто Експо, Избор на автомобил на годината, многу тест возења и заеднички поминати километри по автопати, беспаќа, има многу, многу да се зборува, и само ќе кажам дека ми е голема чест што сум дел од приказната 30 години Авто Плус.

Венцислав Гашевски

Мислам дека Авто Плус направи повеќе од што можеше, повеќе од условите во кои работевме, затоа што во Авто Плус, покрај основачот, работеа многу млади луѓе кои знаеја, можеа, учеа во óд, беа креативни, чесни, желни да направат нешто големо и не се штедеа. Работеа сé што требаше, кога требаше, беа упорни, повлекуваа со себе и други луѓе надвор од Авто Плус, за да се направи нешто ново, квалитетно, нешто што до тогаш не било направено во Македонија. Имаше и грешки, од незнаење, од неискуство, но најчесто и од преголема желба да се направи нешто ново и поголемо од можностите, наши, на пазарот, на општите услови во државата.

Авто Плус ги надмина условите во кои работеше и постигна повеќе од што објективно можеше. Во Авто Плус беа направени многу работи што денес, за зал, не може да се направат, нема тим кој може тоа да го направи. Да, можеше и многу подобро и многу повеќе, да не беа некои објективни, но и некои злонамерни пречки во работењето.

Зоран Арсовски

АВТО ПЛУС… Првиот македонски авто-мото магазин. Да, среќен сум што бев во првата постава на магазинот, во самите почетоци, како мото тест-возач и новинар, и што ја имав таа среќа да ги запознаам и да работам со Венцо, Жаре, Даре, Игор, Зоран…, како и со Југо и Томислав, кои за жал, не се повеќе помеѓу нас. Екипата беше спремна, ентузијастична и одлично организирана, дури и во пионерските денови на магазинот.

Со колегата Венцо, кој беше главниот организатор во магазинот, меѓу другото и за тестовите на мотоцикли, скутери и квадрицикли, како што тогаш ги нарекувавме 😀 , одработивме преку 50 теста. Поради моите и неговите обрски, секогаш бевме во теснец со време, а често пати и невреме, од климатска гледна точка 😀 . Се тестираа мотоцикли во сите месеци кога климатските прилики дозволуваа, а патиштата и улиците беа проодни.

Не ретко сме сликале и тестирале и на дожд, на ладно, на мокро, на суво, во кал на мотокрос патека, во природа, во урбана средина, по автопати, на тропски горештини … Kако и да ми ја смислеше кореографијата колегата Венцо за следниот број на магазинот, сé беше секогаш спремно и организирано до перфекција.

Дури и потсеќањето за пишување на текстот и предавањето во рок му беше смислено однапред и направено на време, за да не изгледа премногу нападно 😀 Од оваа временска дистанца… многу убави сеќавања. Можам само да замислам колку енергија и стрпливост во тие пионерски денови на автомотомагазинот на Венцо му беа потребни за да договори тест на мотоцикл вреден повеќе илјади марки, во тоа време, а потоа и евра, и да им објасни на тукушто формираните импортери на мотоцикли, скутери и квадрицикли, дека тест на мотоцикл не е краш-тест и дека ние нема да го кршиме со чекани и расклопуваме, да дивееме со него, возиме до лимити и кој знае што друго, што можеа само да замислат во своите глави, тогаш сеуште во пионерско време, импортерите на возилата што ги тестиравме 😀 .

Но, за среќа… и нивна, и наша… имавме среќа да не се случи ни најобична гребаница на скапоцените возила, а тестовите да ги извршиме без непотребни стресови и непријатности. Многу скоро, веќе ќе ја почнам својата шеста деценија на животот, а тие петнаесетина години работа со колегите во АВТО ПЛУС ќе ми останат во многу светло сеќавање. Среќен ТРИЕСЕТТИ роденден АВТО ПЛУС или тридецениски јубилеј, и нека некои нови генерации се сетат и на нас, кога ќе се слават следните јубилеи.

Игор Стефановски

Првиот, најдобриот и долго време единствен авто-мото магазин во Македонскиот медиумски простор – Авто Плус, за моја среќа беше мојот прв допир со автомобилското новинарство. Прекрасна работна атмосфера, искусни колеги кои несебично ме воведоа во фелата, се моите први позитивни впечатоци од „декадите” поминати како соработник во Авто Плус. Првата работна задача беше извештајот од трките во календарот на Мото ГП, кој заедно со едиторијалот на магазинот беше ревидиран и на моја голема радост влезе во печатење. Како минуваа годините, работните задачи стануваа сé поголемо задоволство, а покрај мојата „главна тема” Мото ГП трките и мото трките од домашното и балканското мотоциклистичко првенство, спорадично на тест ми поминуваа и тест-автомобили, калејќи го автомобилскиот новинарски занает и во една друга сфера. Успешната соработка со уредништвото и колегите ме мотивираше уште подлабоко да навлезам во тематиката, а круна дојде по една декада, кога мојот постар колега Зоран – првиот мотоциклистички новинар и тест возач во Авто Плус ми го отвори патот до таа многу посакувана, но и одговорна задача.

Следуваа години на вистинско уживање во работата, а во шесте години на позицијата мотоциклистички тест возач и мото-новинар, под „лупа” ми поминаа околу 50 мотоцикли, скутери, трицикли и квадови. Покрај тестирањето, успешно ја совладував и примарната работна задача – извештаите од мото трките од домашното првенство, супербајк првенството и Мото ГП. Работните задачи ми овозможија и следење на сите овие првенства во “живо”, често правејќи го Авто Плус единствен Македонски медиум кој директно известувал од овие првенства, а мене единствениот Македонски новинар во прес-салите и падокот на Мото ГП и Супербајк. Незаборавни се искуствата и од официјалните презентации на Априлиа во Ница и посетата на миланската ЕИЦМА, а известувањата од овие настани беа меѓу првите на Светско ниво, и се разбира премиерни во Македонскиот авто-мото етер.

Среќен 30-ти роденден на мој драг Авто Плус!!!

Љубомир Анастасовски

Авто Плус беше јадро од кое што тргнаа никулците на македонското автомобилско новинарство. Воден од искусното перо на Томислав Билјарац, кој имаше слух да ги одбере искрените љубители на автомобилизмот, и да им даде шанса да го претопат својот ентузијазам во убавина на пишаниот збор. Тоа е основата за сите медиуми и рубрики кои никнале и ќе никнуваат, иако ретко кој што денес ја обработува оваа тематика, знае од каде таа потекнува.

Тажно е што исчезна убавината на пишаниот збор, којашто се негуваше во Авто Плус, а заложбите за високо ниво на изразност се однесени во води на непрепознатливост и изразно бледило, коешто е недостојно не само за опус адресиран кон неговото величество автомобилот, туку и за македонскиот литературен јазик.

Влатко Силјановски

Во текот на постоењето на ревијата Авто+, ја имав таа чест десетина години да бидам надворешен соработник на списанието во делот на домашниот и меѓународен спортски автомобилизам.

Беше повеќе од задоволство да се соработува со тимот создаден од доајени на македонското новинарство и, во тоа време, сé уште млади и амбициозни ентузијасти со кои соработката и размената на мислења беше прекрасна.

Во својот спортски дел, Авто+ беше паметник и редовен сопатник во развојот на македонскиот спортски автомобилизам, како во неговата златна ера во втората половина на 90-тите, така и во неговото меѓународното признание и успеси во 2000-те. Не само пишаниот збор, туку и фото архивата на Авто+ остануваат безвременски и емотивен времеплов за едни убави времиња на скопскиот круг, Водно, Кичево, Пониква….

Југослав Стојанов е човекот на кој мора уште еднаш да му оддадеме почит, за неговата работа во Авто Плус, и за тоа што продолжи понатаму да го постигнува во кариерата, вклучувајќи и работа за британската Датафорс, моќна консултантска компанија што ја покрива автомобилската сцена. Југо почина млад, по компликации настанати од повредата во сообраќајна незгода на автопат во Хрватска. Неговото дело остана овековечено на страниците на Авто Плус, еден од најоригиналните автори на магазинот, со нарациски дух достоен и за тогашен Топ Гир.

Уредникот Зоран Коцев не ни се придружи со коментар и потсети дека се води судски спор со сегашниот „сопственик“ на Авто Плус. Навиваме за нас, Зоран. Коментар ни недостига и од Жарко Атанасоски, кој уште од првиот број беше дел од редакцијата. Нека има следна пригода, Жаре, ова не исчезнува. Поздрав и почит до сите ценети луѓе што беа дел од Авто Плус и не се спомати во оваа содржина. Но, не се заборава и не се забораваме.

Од денешно гледиште се чини малку веројатно дека магазин за автомобили, во почетокот печатен во црно-бело издание, без пристап на интернет и без друштвени мрежи, без инфлуенсерки, спонзорирани објави на фејсбук за 20 евра и „гивавејови“, можело да постигне толкаво влијание и почит на македонската медиумска и автомобилска сцена.

Тоа што се случуваше со Авто Плус, се случуваше и продолжува да се случува и со државата Македонија. Многу паралелни спреги можат да се воспостават со нападите што Авто Плус ги трпеше постојано, вклучувајќи ги и најсилните, оние што доаѓаа од неколкуте новинари острана, што магазинот ги вклучи во изборот на автомобил на годината во Македонија.

Во овие времиња се најважни надежта и вербата. Кога се продаваа државнички функции, а со тоа и делови од државата, само за тоа што денес го препознаваме јасно како предавство да диктира улога на власт, мораме да веруваме дека Македонија повторно ќе ја има волјата и способноста за сé да направи одново.

Кога на плусот ќе се додаде минус, станува минус. Кога минусот ќе се минусира, ете го пак плусот. Точно тоа е симболиката.

Тоа што ликови затскриени зад денешните срамни остатоци од Авто Плус, упорно го премолчуваат големиот јубилеј, важен не само за името на магазинот, туку и за државата, се прави само од страв за јавноста да не ја дознае вистината. Тоа нема да им успее. Има еден филм, Фаренхајт…

Нека му е среќен роденденот на Авто Плус.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Хавал во последното тромесечје продаде над 200.000 возила

СУВ-моделите продолжуваат да владеат, Фолксваген и Лексус со најголем раст