Со одликувањето се признава одржливата обработка на алуминиумот во целиот синџир на материјали во Audi, почнувајќи од откоп на боксит до рециклирање на отпадот при пресувањето на каросериските делови.
Audi прв меѓу производителите на автомобили добива сертификат „Chain of Custody“ од иницијативата за управување со алуминиум ASI. Со тоа се потврдува дека Audi го почитува синџирот на материјали што го пропишуваат стандардите на ASI за одржливо производство на алуминиум. Одржливоста во примената на алуминиумот не важи само за вградувањето на деловите во возилата, туку и за самото производство на деловите од страна на добавувачите, вклучувајќи ја набавката на суровини, како и за враќањето на отпадот од пресите на Audi, во затворен круг на материјали.
Целта на иницијативата ASI е ефикасно и домаќинско постапување со суровините, заради ограничување на потребата од примарен алуминиум. Тоа значи и поштеда на животната средина од влијанијата при ископ на боксит и натамошната обработка на примарната суровина.
Дирк Грос-Лоајде, директор за набавки во Audi AG: „Одговорни сме за сите лица што се дел од нашиот синџир на добавувачи. На идните генерации им должиме грижливо постапување со природните ресурси. Ефикасното користење на ресурсите е клучно за една индустрија што е ориентирана кон иднината.“
Алуминиумот е важна суровина во Audi
Audi користи алуминиум за каросеријата и за делови од подвозјето на своите модели уште од 1990-те години. Отпадоците при пресувањето на каросериските панели се враќаат назад до добавувачите за алуминиумска ламарина. Алуминиумот е материјал за којшто е потребна огромна количина на енергија при топењето на рудата.
Грижливо проектираниот „затворен круг за алуминиум“ беше воведен во 2017 година во фабриката во Некарсулм, а лани се придружи и погонот за пресување во Инголштат. Годинава е планирано системот да се примени и во Ѓер, Унгарија. На овој начин, животната средина беше поштедена од 150 илјади тони СО2 само во 2019 година.
Во системот на ASI влегуваат 143 компании од индустријата на алуминиум.
















