По долго чекање: Што може Ауди Ку6 е-трон?

Светот две години чека со љубопитност да ја види новата Ку6 е-трон, за господарите на прстените да го одбележат завршетокот на сушата од нови модели.

Таа е прв модел што е конструиран врз новата платформа за електрични автомобили ППЕ, со којашто Ауди зачекорува уште подлабоко кон иднината. Ку6 е-трон треба на Инголштат да му го врати правото за марката Ауди да може повторно да му порачува на светот дека е предводник во автомобилската технологија.

Се чекаше да бидат надминати сите проблеми со електрониката и да се совладаат сите пречки. Ауди конечно го симна велот од својот спасоносен електричен автомобил.

Баварците се многу поприземни со својот Ку6 е-трон отколку што тоа беше случај во сестринската марка Порше, коишто својот прв модел врз платформата ППЕ, новиот и електричен Макан, го претставија со силна помпа во Сингапур. Без големо шоу, Ауди ја откри својата Ку6 е-трон целосно по дигитален пат, во предвечерието на годишната конференција за медиуми.

Тоа сепак не значи дека изостанаа големите зборови. „Ку6 е-трон врз новата платформа ППЕ претставува следниот технолошки скок во електричната премиум мобилност“, кажа новиот шеф на Ауди, Гернот Делнер.

Теренски способниот модел ќе почне со продажба уште пред да започнат фабричките летни одмори, по цена од 74.700 евра во Германија. Тоа е разлика од 10.000 евра во споредба со електричнот Порше Макан, со истата техника.

При користење ѕиден полнач Ку6 постигнува само 11 киловати

За технолошкиот скок се грижи нова 800-волтна архитектура, што на Ку6 ѝ овозможува да полни со моќност до 270 киловати. Тоа значи дека енергија за 255 километри пат ќе се наполни за десет минути. Таа голема најава сепак се разблажува затоа што полнењето на обичен домашен полнач е бавно.

Додека конкуренцијата дозволува на ѕиден полнач да се постигнат и до 22 киловати, кај Ауди, исто како и кај Макан, може да се смета на најмногу 11 киловати.

Фабричкото видео со Ауди Ку6 е-трон во возење

Утеха за тоа е новата генерација батерии, со капацитет од 100 кВч, што во теорија дозволува досег до 625 километри. За досегот во пракса да не отстапува премногу од теоријата, Ауди стандардно вградува во Ку6 нова генерација топлински пумпи. Со тоа се постигнува подобар менаџмент на температурата во батеријата.

Електромоторите исто така потекнуваат од нова генерација и во Ку6 во почетокот ќе се вградуваат само во пар. Во Ку6 е-трон Кватро, двата е-мотори заедно постигнуваат 388 КС и овозможуваат спринт до темпо сто за 5,9 секунди. Кај Ес-Ку6 стојат на располагање 517 КС и спринт од 4,3 секунди.

Баварците сакаат сериозно да се впуштат во лов по конкуренцијата, па највисоката брзина ја ограничуваат на 210, односно 230 км/ч. Понудата ќе се збогати со уште две моделски изведби: Основен модел со само еден мотор и со помала батерија, и уште посилен Ку6 е-трон РС, како врвна спортска варијанта.

Ку6 поседува багажник под предната хауба

Со димензиите, новиот модел се вклопува совршено во понудата на марката. Со 4,77 метри, Ку6 е на половина пат меѓу Ку4 и Ку8, меѓутоа просторот го искористува уште подобро. Благодарение на новата електрична платформа и меѓускиното растојание од 2,90 метри, на задната клупа се добива изобилство простор. Првпат кај електричен модел на Ауди, покрај стандардниот багажник од 526 до 1.529 литри, има и багажник под предната хауба, со зафатнина од не толку незначителни 64 литри.

Студиски снимки до најситен детал од новиот Ауди Ку6 е-трон

Под алуминиумската каросерија е сé ново. Баварците ветуваат дека во Ку6 ќе се ужива уште повеќе во возењето отколку во помалиот Ку4. Погонската техника не беше причина за доцнењето со претставувањето на новиот модел, туку развојот главно запна кај програмерите, што требаше да сработат нов софтвер за платформата ППЕ. Тоа значи дека во техниката и натаму сé е „ауди“.

Се докажале и дизајнерите, кои внатрешноста ја подигнале на следното скалило. Системите за асистенција работат поинтелигентно од кога било досега, силен впечаток создаваат и новите и големи дисплеи, а има нов начин на ракување со сензорски полиња на воланот и ново поле за ракување во вратата. Бидејќи таму се преселени голем број прекинувачи, од централното заклучување, до вклучувањето на светлата, кокпитот изгледа почисто и посредено. Најголемото изненадување е тоа што бирачот за возење уште е на старото место, на коешто се навикнати возачите на Ауди: Во средишната конзола.

Ауди не прави голем дизајнерски скок кај Ку6

Во дизајнот нема големи промени. Баварците решија да не ги престрашуваат своите клиенти и заљубениците во марката, туку повеќе сакаа да им угодат и затоа применија еволуција место револуција во изгледот. Тоа значи дека „синглфрејмот“ останува, исто како и издадените крила во духот на Ауди Кватро Спорт.

Мала револуција се случи во светлата. Возачот може да избере каква поздравна шема на осветлување ќе приредуваат предните светла, но и задните светла добија 180 светлечки ОЛЕД по страна, коишто преку неколку различни пиктограми комуницираат со сообраќајот за возилото. Тоа значи дека Ауди сега и буквално може да се види во ново светло.

Претходна објаваАМГ работи на сопствен електричен модел, тестира на мраз во Шведска
Следна објаваФерари ја тужат во САД поради непоправање дефект на сопирачките

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here