за

Audi A5 Sportback пристига со премиера на салонот во Париз

По лимузината A4 следува и купе-лимузината A5 Sportback. Препознатливата линија од претходникот останува, исто како и практичноста на петтата врата и благородната опрема. Врвот е резервиран за S4 со нов шестцилиндарец со 354 КС – до пристигањето на RS5 Sportback.

По седум години од првата генерација на A5 Sportback доаѓа време за нов модел. Купето со пет врати врз база на Audi A4 ги задржува елегантната линија на претходникот, функционалноста што ја овозможува петтата врата, сето тоа во комбинација со комфор во возењето. Исто како лимузината, A5 Sportback доаѓа со комплетно ново подвозје, неколку нови мотори и иновативни системи за асистенција. Спортската верзија S5 вози со шестцилиндарски турбо со 354 КС и 500 њутнметри. За првпат во Sportback се нуди и изведбата g-tron со бивалентен погон на метан или бензин.

Audi A5 Sportback

Продолженото меѓуоскино растојание од новата платформа, заедно со кусите каросериски превиси и долгата хауба со „грпка“ уште повеќе ја нагласуваат динамичната и елегантна линија од првиот A5 Sportback. Маската има повпечатливи контури, пониска е и поширока отколку кај претходникот. Брановидната форма во страничната силуета е уште повеќе нагласена и заедно со моќните крила се повикуваат на гените на Quattro. Опашот се одликува со прецизни и хоризонтално ориентирани линии, со карактеристичен долен раб на задниот капак.

Новата платформа донесе повеќе простор во кабината во секој правец

Кабината е подолга за 17 милиметри, за возачот и совозачот има 11 милиметри повеќе простор за рамениците, патниците назад добиваат 24 милиметри повеќе простор за нозе. Со доплата за амбиентално осветлување може да се избира меѓу 30 различни бои за ентериерот. Багажникот од 480 литри е силен адут на купе-лимузината, со можност за отворање на капакот со замавнување со стопалото под браникот. Електромотори стандардно го отвораат и затвораат багажникот во сите моделски изведби на A5 Sportback.

Audi A5 Sportback

Ракувањето со кокпитот е поедноставено со новиот концепт. Со доплата се добива виртуелниот кокпит во замена за аналогните инструменти и со дисплеј од 12,3 инчи. На располагање стои и проекциски дисплеј, со приказ на информациите директно во видното поле на возачот – исто така како опција. Како врвно ниво меѓу мултимедиските системи е достапен MMI Navigation заедно со MMI touch, вклучувајќи меморија од 10 гигабајти, DVD, тригодишна претплата на интернет услугите на Audi, пет бесплатни обновувања на навигацискиот софтвер и дисплеј од 8,3 инчи.

Audi phone box овозможува безжично полнење на мобилен телефон, а за уживателите во добриот звук е наменето озвучување од Band & Olufsen, со 19 звучници и моќност од 755 вати. За забава на задната клупа може да се користи и Audi tablet, кој секако дека служи и како нормален таблет надвор од возилото.

Богата понуда од системи за асистенција, вклучувајќи асистент за возење во метеж

Понудата од системи за асистенција е истата како кај Audi А4, вклучувајќи го првенствено радарскиот темпомат, кој самостојно го одржува растојанието од возилата напред, во градски метеж запира и забрзува до 65 km/h, па дури врши и корекции на правецот. Остатокот се систем за избегнување пречка на патот, самостојно паркирање, предупредување за возило што наидува отстрана при излегување во рикверц, следење на мртвите агли, читање сообраќајни знаци и следење лента.

Audi A5 Sportback

Напред работи унапредена оска со пет водилки од претходникот, додека задната оска со трапезни водилки е заменета со нова конструкција со пет водилки. Со доплата се достапни приспособливи амортизери, коишто се интегрираат со серискиот систем за контрола на подвозјето Audi drive select. Новото електромеханичко сервоуправување, исто како во A4 нуди висока прецизност и верно пренесување на повратната информација од подлогата. Следен степен е опцијата за динамично управување, при што преносниот однос се менува според брзината и завртеноста на воланот.

Два бензинци и три дизели во дипајазон од 190 до 286 КС – плус S5 со 354 КС

Понудата од погонски единици ја сочинуваат два бензинци и три дизели, во дијапазон од 190 до 286 КС. Во споредба со претходникот, новите мотори трошат до 22 проценти помалку, при моќност зголемена до 17 проценти. Зависно од моторот, преносот на сила е преку мануелен шестстепен менувач, седумстепен менувач со двојна спојка S tronic или осумстепен tiptronic. Погонот quattro е достапен во две верзии на A5 Sportback, односно е стандард кај 3.0 TDI со 286 КС.

Спортскиот модел S5 Sportback со 354 КС забрзува за 4,7 секунди до сто и лимитиран е на 250 km/h. Погонот quattro е стандард, заедно со осумстепен tiptronic. За првпат во гамата се нуди и верзијата g-tron со погон на метан и дволитарски TFSI со 170 КС.

Испораките на новиот Audi A5 Sportback стартуваат во почетокот на следната година, со цена за основниот модел од 37.800 евра на германскиот пазар, односно 62.500 евра за S5 Sportback.

[FAG id=25426]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot 5008: Бројката останува, концептот се менува

Сите досегашни генерации на Land Rover Discovery