за

Audi да е, лимузина да е: Премиера на лимузинскиот A3

Audi A3 Limousine
Audi A3 Limousine

Audi ја претстави четвртата генерација на Audi A3 Sportback во почетокот на минатиот месец. Сега пристига и лимузинската изведба. Таа ретко се среќава на западноевропскиот пазар, но во светски рамки е мошне барана каросериска изведба на A3. Досега се продадени околу 240.000 примероци, што е солиден успех. Околу половината од вкупната продажба отпаѓа само на азиските пазари, и секако, на САД.

Разликите во каросеријата на лимузината во споердба со комбилимузинската изведба почнуваат од средните столбови наназад. Носот е идентичен со Sportback, со препознатливите светла со остра форма и стандардно опремени со диодна техника. Маската е поширока и пониска во споредба со претходниокот.

Отстрана се забележува линијата што продолжува право до задните светла и чијашто улога е оптички да ја издолжи лимузината. Покривот почнува да се спушта дури по задната клупа и може да се очекува доволно простор за глава назад. Задниот раб на багажникот е повисок во споредба со претходникот, со цел да се подобри аеродинамиката и да се смали потрошувачката. Мал спојлер му дава спортски белег на опашот. Кај задните светла може да се доплати за диодна техника, со повеќе сегменти.

Класичната каросериска изведба е 15 сантиметри подолга од Audi A3 Sportback

Лимузината е за 15 сантиметри подолга од изведбата со пет врати. Во споредба со претходната генерација, пак, ширината порасна за два сантиметри, на 1,82 метар, додека меѓуоскиното растојание остана непроменето, со 2,46 метри. Должината на новиот Audi A3 Sedan е зголемена за четири сантиметри, а има и плус еден сантиметар во висината (1,43 метар). Нема промени во зафатнината на багажникот. Тука стојат на располагање 425 литри.

Новиот модел…
New photo by Automedia MK / Google Photos
… и претходниот модел
New photo by Automedia MK / Google Photos

Внатрешноста е идентична со A3 Sportback. Доколку се споредува со претходната генерација на моделот, новиот дизајн се одликува со остри форми. Воланот има нов дизајн, а зад него е стандардно вградениот дисплеј, во замена за класични инструменти, со пречник од 10,25 инчи. Со доплата стои на располагање и поголем дисплеј, со пречник од 12,3 инчи. Странично од дисплејот се наоѓаат два отвори за воздух, со кои се нагласува завртеноста на командите кон возачот

Средишната конзола исто така е поставена под агол кон возачот и ракувањето е полесно. Комплетно се нови инфо-забавните системи, кои се водат како MIB 3 и имаат заеднички компоненти. Стандардниот средишен дисплеј е со пречник од 10,1 инчи. MIB 3 го користат и Golf 8 и Seat Leon. За разлика од „матичниот“ Golf, кај Audi има и класични команди за ракување со климата, греењето на седиштата и паркинг сензорите.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во почетокот се нудат два мотори, по еден бензинец и дизел. Во моделската изведба A3 35 TFSI работи 1,5-литарски мотор со 150 КС, кој опционално може да се комбинира со седумстепен автоматик S-tronic. Постои уште една опција. Доколку се избере менувач со двојна спојка, компактната лимузина во тој случај функционира како благ хибрид, со стартер-генератор, 48 волтна техника и мала батерија. Последнава се полни при забавување и запирање, по што се користи за напојување на стартер-генераторот, кој кусо дејствува како електромотор. Неговата асистенција со плус 50 Nm ќе се почувствува при забрзување.

Врвот и натаму ќе им припаѓа на S 3 и RS 3, ќе има и два хибридни модели

Дволитарскиот дизел исто така располага со 150 КС и стандардно се испорачува со седумстепен автоматик. Кусо по почетокот на продажбата, кој е најавен за налето, Audi ќе понуди уште два мотори. Едниот е A3 30 TFSI со еднолитарец со 110 КС, вториот е дволитарски TDI со моќност смалена на 116 КС. Помалиот бензинец исто така ќе биде на располагање со менувач со двојна спојка, како опција.

Засега не се спомнува спортската изведба S3, но е сосем извесно дека таа подоцна ќе ја круниса гамата. Потоа следи уште едно „експлозивно“ полнење, со RS 3 Limousine со петцилидарец и над 400 КС. Се очекуваат и две верзии со плагин-хибриден погон, по пример на Golf, со 204 и со 245 КС.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Audi A3 не сака да биде само поскап Golf

Новиот Audi A3 ќе биде „вулкан“ меѓу компактите

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes сака да биде најомилена луксузна марка

„Mercedes сака да биде најомилена луксузна марка“

Продажбата на електромобили расте на сите клучни пазари

Германците веднаш со анкета: Кризата не го менува планот за нов автомобил