за

Audi A3 не сака да биде само поскап Golf

Audi A3 Sportback
Audi A3 Sportback

Audi A3 ја завршува обновата на моделите од компакт класата на концернот Volkswagen. Компактот од премиум марката го следи актуелниот дизајн на Audi, повеќе новитети има под каросеријата.

Од премиерата на осмата генерација на Golf минаа неколку месеци, моделот во меѓувреме имаше и македонска премиера, а сега следи и новиот Audi A3, кој традиционално користи платформа од компактот од Волфсбург. Во четвртата генерација на A3 нема револуција во изгледот, најважните промени се под каросеријата. Дигитални инструменти следуваат стандардно, дел од функциите може да вклучуваат и преку паметен телефон, а богатиот арсенал од системи за асистенција го прави возењето во исто време покомфорно и побезбедно.

Маската е поширока и пониска, со таа разлика што повеќе не допира до хаубата. Сериските диодни светла имаат острa формa и делот што продолжува надолу се забележува повеќе од претходно. Проширените и заоблени крила, заедно со нагласените линии над праговите, прават A3 Sportback да изгледа подинамично и издолжено. Тој впечаток го заокружуваат задните столбови, што се повеќе закосени, а со тоа и задното стакло е повеќе налегнато.

New item by Automedia MK / Google Photos

Издувни цевки повеќе не се забележуваат во задниот браник. Исто како кај Golf 8, во тој дел од браникот има само украсна лајсна. Нагласените странични отвори се во ист стил со предниот браник. Моделот остава многу поспортски впечаток отколку претходникот. Со должина од 4,34 метри и ширина од 1,82 метар, новата „тројка“ порасна по три сантиметри во двата правци. Меѓусокиното растојание од 2,64 метри и висината од 1,43 метар не се променија. Зафатината на багажникот исто така речиси е непроменета, со 380, одосно 1.200 литри. Кабриолет и верзија со три врати повеќе не се нудат, A3 ќе биде достапен само како Sportback со пет врати и како лимузина.

Средишната конзола е завртена кон возачот, облогите на седиштата се изработени од рециклирани пластични шишиња

Дизајнот во внатрешноста има остри линии, за разлика од заоблените форми кај претходникот. Новитет е тоа што средишната конзола е завртена кон возачот. Отворите за воздух што се наоѓаат лево и десно од инструментите го нагласуваат ефектот на кокпитот што е ориентиран кон возачот. Потег за пофалба е тоа што облогите на седиштата се изработени од рециклирани пластични шишиња.

New item by Automedia MK / Google Photos

Инфо-забавниот систем MIB3 е познат од Golf 8. Средишниот дисплеј во A3 има пречник од 10,1 инчи и доаѓа заедно со стандардни дигитални инструменти од 10,25 инчи. Со доплата се добиваат инструменти со пречник од 12,3 инчи. За разлика од Golf, ракувањето не е префрлено целосно на допир и говор. Со климата, греењето на седиштата и слични функции, тука уште се ракува преку копчиња. Поддршката за Apple Carplay и Android Auto е стандард, а ќе биде достапна и безжична врска со паметен телефон.

Audi A3 може да се отклучи преку апликација на паметниот телефон

Во комбинација со бесплатната апликација MyAudi и со клуч Audi Connect, вратите може да се отклучат преку паметен телефон со Android, а потоа и да се стартува моторот. Далечински може да се вклучуваат најразлични функции. Во лето ќе се понуди и говорната служба Amazon Alexa. Во тој случај ќе може директно од возилото да се ракува со интелигентни домашни уреди.

New item by Automedia MK / Google Photos

Audi A3 стандардно поседува цела низа системи за асистенција. Автомобилот запира самостојно при опасност од судир, помага да се избегне ненадејна пречка и предупредува при напуштање на лентата. Со доплата се вградуваат и радарски темпомат и систем за следење лента, во пакет заедно со камера за знаци, автоматско долго светло и автоматско паркирање.

Благиот хибриден погон постигнува заштеда во потрошувачката на гориво до 0,4 литар само преку функцијата на „едрење“

Во почетокот на продажбата, Audi A3 е достапен со 1,5-литарски бензинец со 150 КС и два дволитарски дизели, со моќност од 116 и 150 КС. Подоцна ќе се придружи трицилиндарски бензинец со 110 КС и верзија со благ хибриден погон. Бензинците поседуваат 48-волтна мрежа и стартер-генератор, кој го потпомага моторот при поаѓање и ја полни батеријата при запирање. Уште една функција на благиот хибрид е можноста возилото да се одржува со иста умерена брзина во времетраење до 40 секунди, со изгаснат мотор. Според Audi, ова таканаречено „едрење“ заштедува до 0,4 литар гориво на сто километри.

New item by Automedia MK / Google Photos

За разлика од изедбата со благ хибрид, кадешто работи седумстепен менувач со двојна спојка, останатите погонски варијанти стандардно располагаат со шестстепен мануелен менувач. Понатаму ќе се придружуваат дополнителни бензински и дизел варијанти, како и два плагин-хибриди и изведба со погон на метан. Истото важи и за верзиите со погон quattro, со сите иновации што следуваат таму.

Испораките на германскиот пазар ќе стартуваат во мај. Веќе е објавен тамошниот ценовник, кој стартува од 28.900 евра за A3 Sportback 35 TFSI со 1,5-литарски бензинец со 150 КС. Во верзијата S Line, цената изнесува 31.350 евра. Дволитарскиот дизел со 116 КС во A3 30 TDI чини 29.900 евра. За почетокот на продажбата се нуди и изведба Edition One, со ексклузивни детали во изгледот, во кабината и во опремата, со цена од 34.700 евра за 35 TFSI.

New item by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

тест летни гуми втори марки

Колку се добри летните гуми од евтините марки на премиум производителите?

Volvo ја пушти новата монтажна линија за батерии во Гент

Volvo ја пушти новата монтажна линија за батерии во Гент