Половина век Audi 80: Без него Passat немаше да постои

Audi 80 од генерацијата B1 постигна вистинска револуција при своето појавување во 1972 година и на марката од Инголштат ѝ го донесе приматот во средната класа. Свежата техника во лимузината беше поттик за Волфсбург да се ослободи од моделите со застарена техника и заден погон и да почне да го применува концептот на Audi – напредна техника, погон напред.

Пред 50 години се случуваа големи промени во автомобилскиот свет. Младите јапонски производители на автомобили го освојуваа светскиот пазар, додека Volkswagen славеше рекорд на најпроизведуван модел за својата Буба, конструирана пред војната. На германскиот пазар, во тоа време сепак владееше друга марка. Моделите на Opel имаа многу понапредна техника и пазарот го ценеше тоа.

Ситуацијата се смени драстично, кога се појави Audi 80 (B1), како семеен модел со достапна цена, со педантен стил и со напредна техника. Моделот со преден погон ги засени докажаните бестселери во средната класа, Opel Ascona, Ford Taunus и Fiat 124. Новодојденците од Далечниот Исток исто така изгледаа неубедливо во споредба со Audi 80. Во тоа време, Volkswagen безуспешно се обидуваше да конкурира со застарените модели со заден погон, од типот на Volkswagen 1600 и 411.

Моделот конструиран од прочуениот Лудвиг Краус донесе свежина во целиот концерн и беше синоним за технички напредок. Од техничко гледиште, „80“ беше посебен со новите и штедливи четирицилиндарци, со погон на брегастото вратило со запчест ремен, како и со лесната конструкција на каросеријата. Лимузината тежеше само 800 килоограми. Првпат се користеше преден погон со негативен радиус, со којшто се намалуваше влијанието на погонот врз управувањето.

Audi 80 B1

Назад работеше полукрута оска, којашто донесе многу подобри возни својства и комфор во споредба со обична крута оска. Volkswagen ги искористи сите овие технички посебности и практично го клонираше Audi 80 во Passat во 1973 година, со таа разлика што моделот на марката од Волфсбург имаше петта задна врата. Четирицилиндарецот од типот EA 827, една година подоцна се појави и во Golf.

Audi 80 B1

Техничките начела врз коишто се потпираше Audi 80 се користеа веќе десетина години во Инголштат. Audi 100 имаше и преден погон, и лесна конструкција и врвен комфор. Дури и претходникот на Audi 80, моделската серија Audi F103 (Audi 60-72-75-80-Super 90), веќе ја имаше техниката што стана прочуена дури со појавувањето на B1. Во споредба со форматот на денешните лимузини од средната класа изгледа неверојатно следниов податок: 4,17 метри, толку беше долга каросеријата на B1, што се произведуваше и во верзија со две врати.

Audi 80 победуваше на споредбените тестови против Alfasud, Citroën GS и Renault 12, освојуваше симпатии во медиумите, со „првокласно изработена внатрешност и со комфор на модел од повисока класа“. 

Лимузината се продаваше и во САД, под моделското име „Fox“, каде што најмалечкиот модел на Audi стекна култен статус. Рекламите прикажуваа како „Fox by Audi“ ги надитруваше песовите (се мислеше на големите лимузини од Детроит) додека тие го гонеа при лов на лисици. Во 1975 година, Fox Variant (тоа беше Passat Variant со лого на Audi) беше прогласен за „best new small sedan in the world“. Тоа беше прв модел на Audi што се произведе во повеќе од еден милион примероци. Секако дека и името на дизајнерот ја следи приказната за успехот на Audi 80, тоа е легендарниот Хартмут Варкус.

Audi 80 B1

Приказната доби нов тек со појавувањето на Audi 80 GT. Со 100 КС, со двојни предни светла и со рели-ленти по каросеријата, спортскиот модел јасно покажуваше во правец на Минхен и Милано, кон BMW 2002 и Alfa Romeo Giulia. Способен за 175 km/h, моделот во почетокот се испорачуваше само во дречливо жолта боја.

Не мораше да се посегнува по најскапиот и најсилниот модел, затоа што и основниот модел, благодарение на исклучително ниската тежина, постигнуваше перформанси исти како поголемите и посилни конкуренти. Со 55 КС, основниот модел со крајна брзина од 151 km/h беше исто толку брз колку BMW 1602 со мотор посилен 30 КС. Популарните модели Audi 80 S/LS со 75 КС ги претркуваа посилните Audi 100 и VW K70, додека Audi 80 GL со двојните предни светла им се закануваше и на шестцилиндарските модели на Mercedes.

1:18 BOS - Audi 80 GTE

Ниската потрошувачка беше главен адут во времето на првата нафтена криза во 1973/74 година. Една година подоцна, точно кога се појави првата серија 3 на BMW, Германците го пуштија Audi 80 GTE со впрскување од Bosch и со 110 КС. Легендарниот мотор од 1,6 литар послужи за уште еден легендарен модел, за Golf GTI.

Audi 80 ги постави основите и за платформската стратегија, врз којашто почива целата денешна автомобилска индустрија. Компонентите од Audi 80 можеа да се користат речиси во сите моделски серии во концернот VW. Четирицилиндарецот на Audi стана најпродаван мотор со водено ладење во концернот. Од него беше изведен дури и дизелот, што се вградуваше во милион примероци од Golf и Passat, исто како и славните 16V-мотори од 1980-те. Петцилиндарецот од првата генерација, исто се базира врз EA 827.

Во 1976 година следеше моделско освежување, коешто го донесе изгледот на поголемиот Audi 100. Во мај 1978 година, Инголштат славеше еден милион произведени примероци од Audi 80. Сцената го поздрави со одушевување пристигнувањето на новиот модел од генерацијата B2. Тој беше поголем, попретставителен, но и со значително подобра заштита од корозија.

Audi 100 почна да вози пред половина век

 

Претходна објаваШвајцарски авиони први ќе летаат со „соларен керозин“
Следна објаваМенаџер на Renault: Вредноста на идните автомобили ќе паѓа помалку

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here