Ауди 50 години вградува 5-цилиндарци во своите модели

Ауди в година ќе одбележи точно половина век откако во 1976 година го вгради својот прв 5-цилиндарски мотор во тогашниот Ауди 100.

Инголштат се подготвува за прослава на 50 години од вградувањето на својот прв мотор со 5 цилиндри во Ауди 100 од втората генерација. Како што напредуваше технологијата, овие мотори добиваа турбонатполнење, 4-вентилска техника, катализатори, се развиваа мотори за рели, па дури беше изработен и 5-цилиндарски дизел. Оваа традиција денес ја застапува Ауди РС 3 со својот 2.5 ТФСИ.

Познат е слоганот на марката со прстените, Форшпрунг дурх Техник, односно напредок преку техниката. Веродостојноста на овој слоган меѓу другото се докажува и со долгата традиција на мотори со 5 цилиндри. Тие се докажаа и со победите во мотоспортот и со перформансите на сериските модели. Но, како почна сé.

Првиот петцилиндарец проработе во Ауди 100 од генерацијата Ц2 во 1976 година. Намерата на Ауди беше моделот со интерна ознака Тип 43 да го позиционира во повисока класа од претходникот. Инженерите планираа за таа цел да вградуваат пет- или шестцилиндарски линиски мотори. Втората варијанта беше предолга за вградување во кошот за мотор, а ќе се нарушеше и тежинскиот распоред.

Изборот падна на 5 цилиндри. Како основа послужи генерацијата 4-цилиндарски мотори ЕА 827, која штотуку почна да се вградува. Тие мотори се користеа во целиот концерн Фолксваген, вклучувајќи ги Ауди 80 и Ауди 100. Од таа основа беше изработен 5-цилиндарец со зафатнина од 2.144 сантиметри кубни, со моќност од точно 100 киловати, односно 136 КС. Современ систем за впрскување гориво овозможуваше и штедливост и високи пеформанси. Првите примероци од Ауди 100 5Е беа испорачани во март 1977 година.

Од пра-кватро до Шпорт кватро

Ауди уште во 1978 година разви дизел верзија, атмосферска, со два литри зафатнина и со моќност од 70 КС. Во следната година дојде и првиот 5-цилиндарец со турбонатполнење, што беше пионерски чекор на Ауди. Моторот со 170 КС и 265 њутнметри се вградуваше во врвниот модел Ауди 200 5Т.

Следното достигнување беше верзијата на овој мотор за Ауди пра-кватро од 1980 година. Со турбонатполнење, интеркулер и постојан погон на сите тркала, овој погон беше како измислен за рели спортот. Во почетокот, пра-кватро (Германците го нарекуваат ур-кватро) располагаше со 200 КС.

Во 1982 година, Ауди победи во конкуренција на марки во светското првенство во рели, за една година подоцна финскиот возач Хану Микола да стане и светски првак во рели.

Во истата година Ауди го пушти Шпорт кватро, покус за 24 сантиметри и со проширена трага. Моторот беше развиен од ново, со 4-вентилска техника и целосно изработен од алуминиум. Со 306 КС, Шпорт кватро во тоа време беше најсилен сериски модел од германска марка.

Тој послужи како основа за рели-болидот од новата Група Б, каде што моторот испорачуваше 450 КС. Автомобилот се вклучи во рели во претпоследната трка во 1984 година, во Брегот на слоновата коска.

Претходните трки ги возеше Швеѓанецот Стиг Бломквист, со Ауди кватро А2 од Група Б со 360 КС. Тој стана првак во сезоната ’84, Ауди победи како марка.

Валтер Рерл на Пајкс Пик

Откако Група Б стана преопасна и за возачите и за публиката, Ауди се повлече од истата во 1986 година. Но, тоа не беше крај за болидот. Валтер Рерл со Ауди Шпорт кватро С1 (Е2) победи на планинската трка Пајкс Пик во САД во 1987 година. Моторот тогаш располагаше со 598 КС.

Верзија од моторот на С1 со двовентилска техника се користеше во Ауди 200 Транс Ам, со 510 КС, со којшто Харли Хејвуд во 1988 година победи во сезоната Транс-Ам. Пертцилиндарски болид на Ауди учествуваше и во туристичкиот шампионат во САД, со 720 КС.

Ауди на салонот ИАА во Франкфурт во 1989 година го прикажа Ауди 100 ТДИ, 5-цилиндарски турбодизел со директно впрскување и целосно електронска контрола на моторот. Од 2,5 литри произлегоа 120 КС.

Следеа нови варијанти на 5-цилиндарци, меѓу другото и со моторот со 315 КС во прочуениот Ауди РС2 од 1994 година. Како комби Авант, овој модел постави темели за нов сегмент на пазарот.

Со Ауди А4 во 1994 година, 5-цилиндарците заминаа од средната класа. Тогаш помасовно се користеа мотори Ве-6. Последните петцилиндарци беа испорачани во 1997 година, во Ауди А6 2.5 ТДИ и во Ауди С6, со 20В Турбо од 2,2 литри.

За 30-годишнината од првата верзија со турбонатполнење, Ауди реши да го врати 5-цилиндарецот во понуда, во ТТ РС. Моторот од 2,5 литри испорача 340 КС. Тој се вградуваше и во РС 3 Спортбек. Во 2012 година следеше ТТ РС плус со 360 КС, а моторот во 2013 проработе и во СУВ-модел, во РС Ку 3.

Нова верзија на моторот следеше во 2016 година. Моќноста порасна на 400 КС, а вртежниот момент на 480 њутнметри.

400 КС и 500 њутнметри во Ауди РС 3

Од 2021 година во РС 3 се вградува усовршена варијанта на 2.5 ТФСИ. Со овој мотор, компактот спринтува до темпо сто за 3,8 секунди, а крајната брзина е ограничена на темпо 250. По желба, тоа се поместува на 280 км/ч. Уште едно скалило над тоа следи со доплата за РС-пакет за динамика и керамички сопирачки, кога забрзувањето престанува на 290 км/ч.

Претходна објаваКина го отвори најдолгиот тунел на автопат во светот
Следна објаваЦЕС Лас Вегас 2026: Мерцедес доаѓа со нова технологија, БМВ продолжува со Ное Класе

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here