Кина го отвори најдолгиот тунел на автопат во светот

Кина на 26-ти декември го отвори тунелот Тјаншан-Шенгли за сообраќај. Тоа е најдолгиот тунел што е дел од автопат во светот.

Тунелот долг 22,13 километри води низ средишниот дел од планинскиот масив Тјаншан во автономното подрачје Синџианг и дел е од новиот автопат Г0611, што ги соединува Урумки на северот со Јули на југот.

Со новата делница од автопатот се заобиколува стариот пат преку планински превој, којшто честопати беше затворен за сообраќај во текот на зимата. Место да се патува со часови, растојанието меѓу двете одредишта сега со тунелот се минува само за 20-на минути. На овој начин, патувањето преку високиот планински масив од северот до југот, сега првпат е можно во текот на целата година.

Две тунелски цевки со врвни стандарди за автопат

Тунелот ги исполнува сите стандарди за автопат и се состои од две одвоени тунелски цевки, со повеќе возни ленти. Автопатот е дел од државната мрежа на експресни патишта и по целата негова должина нема вкрстување со споредни патишта. Истиот е опрепен со најсовремени системи за надзор. Се градеше на надморска висина од преку 2.000 метри, што беше дополнителен предизвик за градежниците.

Проектот се цени како посебно техничко достигнување. Планините се геолошки нестабилно подрачје и температурите се менуваат во широк опсег. Заради забрзување на изградбата, во исто време се работеше на повеќе места. Проветрувањето, осветлувањето и техниката за вонредни ситуации ги исполнуваат кинеските стандарди за безбедност на тунели.

Автопатот е пуштен во промет во исто време со тунелот

Тунелот е од големо значење за сообраќајот во Синџианг. Тој го олеснува прометот меѓу индустриските центри на северот со земјоделските региони на југот. За превозот на стока е важно тоа што се скусува патот и се вози по сигурен пат. Градежниот проект е дел од државната програма за изградба на инфрастуктура во западна Кина, со цел да се подобри поврзувањето со зафрлените региони.

Со своите 22,13 километри, тунелот Тјаншан-Шенгли ги надминува сите познати автопатски тунели. Тунелот Готард во Швајцарија е долг 16,9 километри, додека јапонскиот Јамате мери 18,2 километри. Лердал во Норвешка со 24,5 километри и натаму е најдолг патен тунел во светот, но низ него не минува автопат.

Претходна објаваДонгфенг и Хуавеј создадоа нова марка, првиот модел на Јиџинг со премиера во април
Следна објаваАуди 50 години вградува 5-цилиндарци во своите модели

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here