за

Милано се буди со звукот на најбрзата Alfa Romeo во 5.30 часот

Валтери Ботас навистина го будеше Милано со својот Ф1 болид, на 112-от роденден на Alfa Romeo.

Alfa Romeo се реши на единствен начин да ја одбележи 112-та годишнина од основањето на марката. Валтери Ботас го возеше својот службен Ф1 болид по главните улици во Милано, во 5.30 часот наутро, на 24-ти јуни.

Историското возење стартуваше од Пјаца Дуомо и водеше кон Пјаца Сан Бабила, Порта Нуова, маестралната Чентрал Стацио, а потоа и низ реонот на City Life, за рутата да заврши точно на Гатамелата. Тоа е место од клучна важност во историјата на Alfa Romeo.

Во 1910 година, тука се наоѓаше Портело, првата фабрика на Alfa Romeo. На тоа место денес се наоѓа најпретставителниот салон на марката. Новоотворениот салон го прикажува новиот идентитет на марката Alfa Romeo, односно обележјата по коишто ќе се распознава јасно дека станува збор за славната италијанска марка.

Милано е суштината на Alfa Romeo. Токму во Милано, пред 112 години, светот ја доби марката што првично беше регистрирана како Anonima Lombarda Fabbrica Automobili. Оттаму подоцна произлезе кратенката Alfa. Мотоспортот беше главното поле преку коешто марката го градеше и усовршуваше својот генетски код. Во тоа време, само благородниците можеа да си го дозволат мотоспортот. Соодветно на тоа и марките што постигнуваа успеси во мотоспортот, добиваа посебно место на сцената.

Возачот во Ф1 тимот на Alfa Romeo, Финецот Валтери Ботас, за само неколку месеци докажа дека поседува исклучителна возачка способност и досега има освоено 46 бодови, со коишто е на 8-то место во конкуренција на возачи.

Ова навистина беше оригинален начин за Alfa Romeo да го разбуди духот на градот Милано, чијшто жители се чудеа што се случува во моментот, по уште неразбудените и нераздвижени улици на еден од главните светски градови и симбол на Made in Italy.

Buon compleanno Alfa Romeo!

Среќен ти роденден Alfa Romeo!

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Денес е на струја: Погоните се менуваат, Fiat 500 останува

Водородна електрана од 1 MW дава струја за фабриката на Ferrari