за ,

Ако акумулаторот покажува знаци дека ќе откаже, тогаш ќе откаже

Половина од случаите во коишто автомобилот останува во дефект поради неисправен акумулатор можело да бидат избегнати.

Во тмурното време од годината им се губи волјата за работа на некои луѓе, но тоа честопати е случај и со акумулаторите во нашите автомобили. Тоа е време кога влечните служби имаат најмногу работа и мошне е раздвижено во продавниците за акумулатори. Со малку повеќе грижа може да се избегнат проблемите со акумулаторот.

Откажувањето на акумулаторот не се случува преку ноќ и тоа обично се најавува. Но, како се препознава навреме дека акумулаторот веќе почнува да слабее? Првиот знак дека тоа се случува е слабото или треперливо светло во кабината, и секако најсигурниот знак, отежнатото вртење на анласерот при стартувањето на моторот. Кај најновите генерации автомобили што поседуваат старт-стоп систем, слабеењето на акумулаторот може да се препознае и по тоа што моторот повеќе не се гасне кога се чека во место, иако тој веќе ја има достигнато работната температура.

Сите проблеми со неисправниот акумулатор се избегнуваат ако акумулаторот што е во служба повеќе години се даде на проверка во сервисна работилница или во специјализирана продавница за акумулатори и авто-прибор. Неколку минути грижа во вистинското време ќе се покажат како најдобар влог, кога возачката или возачот што постапиле така ќе забележат како другите имаат проблем со своето возило, кога температурите ќе се потспуштат.

Тоа звучи збунувачки, но акумулаторот се оштетува и во текот на жешкото лето, а во зима само се покажуваат последиците од оштетувањата

Ако во возилото е вграден аларм, не треба да се заборава дека и тој го троши акумулаторот, додека возилото мирува повеќе денови во место. Постојат повеќе такви „скриени“ потрошувачи, поради коишто акумулаторот се празни со текот на времето, доколку возилото не се користи. Неколкуте километри возење во град, до работното место и назад, или до супермаркет по неделни набавки, не се доволни за акумулаторот да се наполни. Тоа секако нема да се случи, ако при кусото возење уште се пушти и греењето на седиштата или грејачот на задното стакло се остави вклучен предолго. Сето тоа влијае врз акумулаторот.

New item by Automedia MK / Google Photos

Тоа што многумина го превидуваат е фактот дека акумулаторот старее и под дејство на високите температури во текот на летото. Но, во топлите денови уште не се покажуваат последиците од тоа. Дури откако ќе застуди и ќе се смали капацитетот на акумулаторот, проблемот се покажува со тоа што моторот не може да стартува.

Кога ќе откаже акумулаторот и возилото ќе остане во дефект, не се плаќа само за нов акумулатор, туку и за влечна служба, за такси или за билет за јавен превоз, а нема да биде чудо од продавница да се излезе и со некој „гаџет“, што ќе помогне за во иднина да се спречат проблемите со акумулаторот. Но, и најскапиот акумулатор што ќе се купи е бескорисен, ако по неколку години се пропушти навреме да се провери неговата состојба

При менувањето на акумулаторот, треба да се внимава, затоа што постојат работи во коишто може да се погреши. Во основа, прво се откачува минус полот (црн кабел), а потоа плус полот (црвен кабел). При приклучувањето на новиот акумулатор се постапува по обратен редослед. Полесно е кај постарите генерации автомобили. Кај новите веќе има посложена процедура и најдобро е за промена на акумулаторот да се посети сервисна работилница. Секако дека таму ќе се погрижат и за отстранувањето на акумулаторот во отпад.

Повеќето автомобилски марки имаат зимски акции, коишто меѓу другото предвидуваат и бесплатна проверка на состојбата на акумулаторот. Тоа секако дека треба да се искористи.

>>> Најголеми пет грешки што му штетат на акумулаторот

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Русија има олдтајмери за покажување: Фестивал на GAZ

Тоа е веќе ново: Renault со лоши оцени на Euro NCAP