По случаен избор, три модели што уште се произведуваат беа ставени на тест од страна на клубот АДАК. На Ford Kuga oд 2019 година, Opel Grandland X од 2020 година и Peugeot 208 од 2019 година им беше сменета километражата со помош на уред што е во редовна продажба.
Автомобилите во новиот тест на АДАК добија нова вредност на километражата за само неколку минути. Според процените на полицијата, секој трет користен автомобил што се продава во Германија има манипулирана километража.
Кај два од тестираните автомобили беше доволно уредот за манипулација само да се приклучи на портот за дијагностика на возилото. Кај Opel, уредот мораше дополнително да се поврзе и со брзиномерот. Во менито на уредот за враќање на километражата се наоѓаат преку 170 модели, за коишто истиот може да се користи за лажирање на бројот на поминати километри. На вебсајтот на производителот на уредот се наоѓа детален опис, за кои сé модели може да се користи истиот.
Клубот АДАК оценува дека е бескорисна важечката одредба на ЕУ, според којашто километражата на автомобилот мора да биде заштитена системски. Законот е на важност од септември 2017 година, за новите моделски генерации на автомобили, а од септември 2018 година тој важи за секој произведен автомобил. Најголемиот автоклуб во Европа бара да се дополни одредбата, во којашто јасно е посочено колку треба да биде делотворна заштитата и како таа се проверува. Покрај тоа, клубот бара и контрола на заштитата од манипулација од независна страна. За таа цел постојат методи што се признаени во светот, како што е Common Criteria, документирана и како ISO 15408.
За лажирање на километражата се применуваат мали уреди што се користат лесно и се продаваат легално. Кај повеќето возила нема потреба да се отстрануваат инструментите или да се вршат какви било дополнителни зафати.
Жртви се купувачите на користени возила. Тие се измамени, затоа што го преплаќаат возилото што реално има неколкукратно повисока километража. Покрај тоа, лажната километража може да доведе и до капитално оштетување на моторот, затоа што купувачот очекува дека има за возење уште многу километри додека дојде време да се замени некој скап дел или да се изврши релативно скапа сервисна интервенција, како на пример замена на запчест ремен. Тоа може да го чини сопственикот неколку илјади евра.
Повеќето сервисни работилници и стручни лица не можат да откријат професионално извршена манипулација на километражата. Затоа, при купување користено возило, мора најдетално да се провери дали се јавуваат отстапувања. Сервисни сметки, извештаи од технички преглед, но и налепница или етикета за промена на моторно масло, се неколкуи примери за докази дека километражата не е манипулирана.