Во 2009 година, Mitsubishi го претстави својот i-MiEV како најнапреден електричен автомобил во светот. Јапонското мини поседуваше литиум-јон батерија, којашто денес е стандард во браншата. Во тоа време, Tesla уште беше далеку од улогата на предводник во погонот на струја.
Mitsubishi во тоа време светска сила во рели-спортот и предводник на бранот од СУВ-возила. Како моќен автомобилски концерн, Mitsubishi се впушти во предизвикот да биде пионер во електромобилноста. Tesla беше класична стартап-компанија. Илон Маск нарачуваше Lotus Elise од британската компанија што се соочуваше со тешка криза, вградуваше електричен погон и го продаваше автомобилот како Tesla Roadster.
Јапонците, пак, почнаа со продажба на моделот i-MiEV, кој имаше необичен дизајн за светот надвор од Јапонија, но затоа поседуваше напредна техника. По повеќе од една деценија, Mitsubishi објави завршеток на производството на моделот, што ќе се случи пред крајот на годинава. Тоа ќе го означи крајот на кариерата на електричниот автомобил,од когошто повеќе профитираше електромобилноста во светски рамки, отколку што профитираше производителот.
Зад кратенката што се однесува на „Mitsubishi innovative Electric Vehicle“ стоеше концепт што беше идеален за електричниот погон. Како основа послужи моделот „i“, долг 3,40 метри и широк само 1,48 метар, како претставник на категоријата на Kei-Cars, кои имааг ограничувања во димензиите и во погонот (до 64 КС), но затоа имаат бројни погодности на јапонскиот пазар и се мошне популарни.

Електромоторот е вграден назад, место обичниот мотор на „i“, исто така со 64 КС, но со вртежен момент од 180 њутнметри. Типично за погонот на струја, Mitsubishi i-MiEV забрзува моќно, но не долго. Крајната брзина е ограничена на 130 km/h, а реалниот досег се движи меѓу 100 и 140 километри. Капацитетот на батеријата од 16 киловатчасови е одвај половина од тоа што денес важи како стандард во новите модели на струја.
Типично јапонски, просторот е искористен рационално. Кабината е изненадувачки просторна и практична. Пластиката со основно ниво на квалитет не им пречеше премногу на купувачите. Сензацијата беше во концептот на возилото. Со лесна конструкција на каросеријата, возилото тежеше 1,1 тон. Тоа влијаеше позитивно врз досегот и немаше потреба да се вградува тешка и скапа батерија. Краш-тестовите не го посрамотија малечкиот автомобил, напротив, Mitsubishi вообичаено брилјираше.
Цената од 35.000 евра во почетните години обесхрабруваше добар дел од кругот на потенцијални купувачи, но автомобилот пак наиде на добра прифатеност – меѓу другото и кај компаниите и инстутициите на кои им беше важно уште рано да се докажат во заштитата на климата. Францускиот PSA исто така го продаваше Mitsubishi i-MiEV под логото на своите марки. Вкупната продукција достигна 32.000 примероци.
















