По запирањето на продажбата на дизел-верзиите од актуелниот Porsche Cayenne на германскиот пазар, можно е новата генерација на теренецот целосно да се откаже од дизел мотори во понудата.
Во Porsche веќе извесно време се размислува за брзо ставање крај за дизел моторот. Швабската марка веќе располага со плагин-хибридни варијанти во повеќе моделски серии. Тие ќе бидат „новиот дизел“ на Porsche, во време кога германските власти ставија забрана за продажбата на верзиите од актуелниот Porsche Cayenne со дизел мотор.
Колку брзо ќе се случи исфрлувањето, уште не се знае. Можно е новата генерација на Porsche Cayenne, чијашто премиера ќе се случи на салонот во Франкфурт наесен, повеќе да не се нуди со дизел мотори. Во меѓувреме силно опаѓа и интересот. Во првото полугодие, од секои седум продадени возила на Porsche на светскиот пазар, само едно е задвижувано од дизел мотор.
Дизелот е европска работа, в0 Кина и САД не постои интерес за овој мотор
Откажувањето од дизелот воопшто нема да влијае врз продажбата во САД или Кина, како најголеми пазари. Дизелот таму не се бара. Различна е ситуацијата на германскиот пазар и на останатите пазари кадешто постои долга традиција и цврсто убедување во дизелот. На домашниот пазар, само два од секои десет продадени примероци од Cayenne поседуваат бензинец под хаубата. Но, концернот Volkswagen ќе го има крајниот збор. Дизелот останува во моделите на Volkswagen и Audi, откажувањето на Porsche би значело и намалување на профитабилноста во развојот на идна дизелска технологија.
Porsche Cayenne ги вози последните километри пред премиерата
Промена на имиџот: Плагин-хибридот ќе биде врвна моделска изведба во гамата на новиот Porsche Cayenne
Спортската марка долго време се спротивставуваше на дизелите. Нивното прво вградување се случи во 2009 година. Но, Porsche никогаш нема развиено сопствен дизел мотор, туку ги добива од Audi. Во актуелната ситуација, дел од менаџментот на Porsche смета дека нивната марка е „измамена од Audi“.
Веќе е направен еден важен чекор во промената на имиџот на плагин-хибридите. Позицијата на врвната моделска изведба во гамата на луксузната лимузина Panamera ја презеде верзијата со плагин-хибрид со моќност од 680 КС.
















