за

Новата серија 7 на BMW ќе дебитира в година на салонот во Франкфурт

Баварците интензивно го тестираат знаменосецот којшто треба да одговори на предизвикот од класата Ѕ на Mercedes. Новата „седумка“ ќе биде полесна до 200 kg, ќе има и четирицилиндарски турбомотори.

Големите иновации во автомобилската бранша обично доаѓаат во најголемата класа. Новата серија 7 на BMW се подготвува да промени многу работи во луксузната класа, со каросеријата што ќе биде изработена во комбинација од лесни и технолошки напредни материјали, вклучувајќи магнезиум, карбонски ламинат, покрај веќе „стандардните“ алуминиум и челик со висока цврстина. Благодарение на новите материјали, лимузината ќе тежи до 200 килограми помалку од актуелниот модел. Притоа, новата генерација на знаменосецот на BMW ќе има иста должина како сегашната „седумка“, но ќе биде пониска и поширока, заради подинамичен изглед. Премиерата на серискиот модел се очекува в година, на салонот во Франкфурт, а продажбата ќе стартува во втората половина на 2016 година.

Потрошувачката на новиот G11, како што гласи интерниот код на новата серија 7, ќе биде значително намалена. Новитет е произведувањето струја од топлината на издувните гасови, како надополнување на актуелниот пакет EfficientDynamics. Основниот модел ќе вози со дволитарски бензинец со четири цилиндри и турбонатполнење, додека во посилните моделски верзии ќе останат моторите со шест и осум цилиндри со зафатнина од три и четири литри, исто така со турбонатполнење.

За нагласување на престижот на врвниот модел, под хаубата повторно ќе има шестлитарски V12, којшто ќе се вградува и во моделите на Rolls-Royce. Сите моделски изведби ќе имаат деветстепен автоматски менувач од ZF. Новата „седумка“ повторно ќе се нуди во две различни должини и со погон на сите тркала. Се планира и екстрадолга лимузина, како конкурент на верзијата Maybach од класата Ѕ на Mercedes, исто како и спортска верзија од M GmbH, како одговор на Audi S8 и на Mercedes-AMG. Ракувањето со функциите преку говорна команда е примарна цел во развојот на кокпитот, така што во иднина ќе отпадне централната функција на iDrive.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Dodge Charger Hellcat е пеколна машина престорена во лимузина

Toyota FT-1 на чекор поблиску до реалноста