
Претседателот Доналд Трамп планира драстично спуштање на нормите што ја ограничуваат потрошувачката на гориво. Стелантис, Џенерал Моторс и Форд се на негова страна.
Доналд Трамп ќе ги откаже целите за смалување на емисијата на штетни материи за автомобилите што се продаваат во САД, донесени од неговиот претходник Џо Бајден. Како што Претседателот објави во средата од Белата Куќа, со неговите планови драстично ќе се спуштат барањата за смалување на потрошувачката на гориво на новите патнички автомобили и лесни товарни возила со мотор со внатрешно согорување.
Ефикасноста на возилата се исразува преку патот во милји што се минува со еден галон бензин. За време на администрацијата на Бајден, производителите добија цел, со своите возила за моделското годиште 2031, да постигнат просек од 50,4 милји со еден галон гориво. Тоа се околу 80 километри со 3,8 литри, односно според европските мерила, околу 4,75 литри на сто километри.
Намерата на Трамп е границата да ја спушти на 34,5 милји со галон, односно на 6,81 литри. Во моментов, просечната потрошувачка на новите возила што се регистрираат во САД изнесува околу 27 милји со галон (8,71 литри на сто километри)
Сообраќајот е најголемиот предизвикувач на т.н. стакленички гасови во САД. Трите најголеми производители во земјата, Стелантис, Џенерал Моторс и Форд, според Агенцијата за заштита на животната средина ЕПА, имаат највисока потрошувачка на гориво од сите производители во Соединетите Држави.
Трамп се бори против електричните автомобили
Производителите на автомобили искажаа поддршка за предлогот. Претставници од Форд, Стелантис и Џенерал Моторс, присуствуваа во Овалната Соба, додека Трамп ја соопштуваше веста. На настанот беа присутни и претставници од Здружението на дилери на автомобили НАДА.
Планираните измени во т.н. стандарди ЦАФЕ (корпоративна просечна економичност со горивото), што првпат биле воведени во 1975 година, претставуваат дел од напорите на владата на Трамп, за укинување на поддршката за преоѓање на електрични возила.
Трамп и конгресот што е под контрола на републиканците, во почетокот на годинава ги укинаа даночното ослободување за нови и користени електрични автомобили, како и овластувањето за Калифорнија, да воведува строги стандарди за емисија на штетни материи, којашто понатаму влијаеше за бројни сојузни држави исто така да прифатат построги стандарди.
[the_ad id=”85764″]
Шефот на Форд застана на страната на Трамп
Конгресот ги откажа и казните што требаше да им се изречат на производителите на автомобили, во случај да не бидат испочитувани нормите за потрошувачката на гориво. Трамп со тоа ѝ наштети на Тесла, којашто заработуваше стотоци милиони евра од продавање на кредити за ЦО2 на други производители.
„Денес победија здравиот човечки разум и достапноста,“ кажа на прес конференцијата извршниот директор на Форд, Џим Фарли. „Веруваме дека луѓето треба сами да изберат – како што кажавте, господин Претседател, и ние повеќе ќе вложуваме во достапни возила.“ Фарли во минатото честопати имаше критички став кон политиките на Трамп.
Извршниот директор на Стелантис, Антонио Филоса, исто така се сложува со предлогот. „Стелантис ги поздравува мерките на владата на Трамп, за стандардите ЦАФЕ повторно да се насочат повеќе кон реалните услови на пазарот, во рамките на една поширока визија за напредокот на автоиндустријата во САД.“
Присуството на индустријата при соопштувањето на измените што претстојат покажуваат колку се смениле времињата. За време на првиот мандат на Трамп, шесте производители на автомобили склучија спогодби со сојузната држава Калифорнија, за да се спротивстават на обидите за ублажување на нормите.
Сега истите тие производители застанаа на страната на Трамп, да се смали поддршката за електричните автомобили и да се поттикне продажбата на возила со бензински мотори.
„Тоа е важно за работните места,“ кажа министерот за сообраќај Шон Дафи. „Колку повеќе автомобили продаваме, толку повеќе имаме работни места во земјата.“















