
Во Стаклената Мануфактура, којашто е изградена за време на поранешниот прв човек на концернот, Фердинанд Пиех, осмислена како престижна фабрика, автомобили се произведуваа 23 години. Тоа беше дом на најпрестижниот модел на Фолскваген во историјата, на Фетон. Кусо пред католички Божик, оттаму ќе излезе последниот автомобил, електричен ИД.3. Фолскваген на крајот реши да престане со производство.
Иновацискиот камп е предложен како решение, за објектот да продолжи да се користи. Таму ќе се работи на вештачка интелигенција (ВИ) и на роботика. Фолксваген и ТУ во следните седум години таму ќе вложат преку 50 милиони евра.
Средствата ќе се користат за истражување, развој на технологија, како и за четири професорски места што ќе бидат финансирани со донации.
Дел од Мануфактурата и натаму ќе се користи како „Свет за искуства“, односно ќе служи како центар за испорака на возила и за истражување во рамките на самиот концерн Фолксваген.
Одлуката за Дрезден е дел од програмата за штедење
Со новата намена на Мануфактурата, Фолксваген спроведува дел од својата програма наречена „Иднината на Фолксваген.“ Техничките капацитети за производство во Германија ќе се намалат за 730.000 возила годишно, постепено до 2028 година.
Покрај тоа, компанијата и работничкиот совет се спогодија, преку социјални програми да се скусат 35.000 работни места во германските фабрики на Фолксваген, до 2030 година.
















