Претседателските автомобили имаат широк спектар на значења, од претставителност и углед, до порака и секако, лична заштита. Традицијата на Пежо за Претседателот на Франција датира од пред повеќе од половина век, од 604 до 5008.
Од Пежо 604 за Валери Жискар д’Естен до Пежо 5008 за Емануел Макрон, марката со лавот подолго од половина век испорачувала автомобил за шефот на француската држава.
Актуелниот француски претседател, во својот прв мандат, допатува на свеченото стапување на најпочесната фунција во државата, на 14-ти јули 2017 година, во Пежо 5008. Макрон го користеше ова возило за време на првиот петогодишен мандат и тоа направи СУВ-моделот да биде еден од најфотографираните и снимани автомбоили во последните пет години во Франција.
Малку се знае за тие возила. Секако, поради безбедносни причини, Кабинетот на францускиот претседател не соопштува детали за возилото.
Единствено е познато дека возилото е произведено во Рен, како и секој друг Пежо 5008, а потоа ѝ е испорачано на компанијата Центигон, што е специјализирана за блиндирање возила. Познато е уште дека назад има две место три седишта, вградени се ротациски светла зад маската и на каросеријата е поставен грбот на Претседателот на Република Франицја. Сé друго е строго доверливо.
Пионерот: Пежо Тип 156 на Александер Милеран

„Праисторијата“ на Пежо и Франција започнува во 1920-те. Александер Милеран е избран за претседател на Републиката во 1920 година. Во следната година, пристигнал Пежо Тип 156. Како прв модел од фабриката во Сошо, Тип 156 бил најлуксузен модел на Пежо во тоа време, со шестцилиндарец од 5.954 сантиметри кубни, со моќност од 25 КС.
Пежо 604 на Жискар д’Естен

По повеќе од половина век, Франција избра за Претседател голем заљубеник во автомобилите, а тој избра Пежо. Валери Жискар д’Естен во 1975 година го внесе Пежо во Елисејската Палата. Во таа година, марката со лавот го пушти својот нов знаменосец, Пежо 604. Новиот шеф на државата воведе и ново правило. Претседателските автомобили повеќе не беа црни, туку светло зелени.
За време на неговиот седумгодишен мандат, Елисејската Палата нарача четири возила Пежо 604. Три беа во стандардна изведба, со највисоката опременост СЛ, со мотор Ве-6 од 2,6 литри и 136 КС. Претседателот лично седнуваше да ги вози овие крстосувачи. Четвртиот примерок беше наменет за државнички посети, за свечености и паради.
Изработена во Елие, каросериски специјалист, лимузината беше продолжена за 62 сантиметри, за да се добие уште повеќе простор назад. Покривот беше обложен со црн винил.
Елисејската палата не го одобри проектот за Пежо 604 Ландоле, без покрив назад, што беше изработен во кароериската работилнца Шапрон. Тој уникат во 1979 година беше испорачан на претседателот на Нигер.
Блиндиран Пежо 605 за Франсоа Митеран
Во 1991 година, Елисејската палата нарача модел на Пежо 605, што беше преработен во Лабе, подоцна преименуван во Сентигон. Таму ја продолжија каросеријата и применија секаква заштита од напади. Лимузината со мотор Ве-6 со 170 КС, целосно беше заштитена со челични плочи и непробојни прозорци од стакло и поликарбонат.
Тежината порасна за 1.000 килограми, односно лимузината тежеше вкупно 2,5 тони. Возилото главно се користеше за превоз на гости, како Михаил Горбачов, Хосни Мубарак и папата Јован Павле Втори.
Пежоата на Жак Ширак
За време на своите 12 години во Елисејската Палата, Жак Ширак редовно го користеше моделот Пежо 607, со којшто постојано се освежуваше возниот парк. Најпопуларен Пежо меѓу Французите во тоа време сепак беше црвен 205 СР од 1984 година. Тоа беше автомобилот на Бернадет, сопругата на Претседателот, што таа го возеше по патиштата во Корез.
Пежо 607 Паладин на Никола Саркози

Пежо 607 Паладин е далеку највпечатливиот автомобил во служба на Претседателот, па и со најкус век во служба. Во 2007 година, Кабинетот на Саркози бараше возило со коешто ќе ја одбележи револуцијата, за време на Парадата долж Шанзелизе, при неговата инаугурација. Тогаш некој се сети на концептниот автомобил Пежо 607 Паладин, што требаше само да послужи за шоу на салонот во Женева во 2000-та година.
Изработен во Елие по нарачка на Пежо, петметарскиот Паладин се одликуваше со ландоле-изведба, односно со преклоплив покрив од челик и стакло, што се отвораше во делот над задната клупа.
Внатрешноста беше изведена најлуксузно кај специјалистите Ермес, со најскапа кожа во сина и беж боја, со шанк, елеткрични седишта и клупа за телохранителите.
По барање на Никола Саркози, Пежо 607 Паладин беше изнесен од музејот на Пежо и на 16-ти мај 2007, цела Франција и цел свет го гледаше елегантниот автомобил. Поради сложениот преклоплив покрив, резевоарот беше сведен на само 6 литри. Тоа не беше проблем за автомобил што треба да се изложи на голем салон, меѓутоа е сосем недоволно за негово користење во нормални услови. По парадата, Пежо 607 се врати во музејот.
















