за

Катни гаражи им служат како микро-депоа на доставувачите со велосипед

Големите камиони носат контејнери до празните места во катните гаражи во градското јадро, за пратките оттаму да ги преземат куририте со велосипеди и да ги достават до одредиштето.

Така функционираат паметните градови. UPS соработува со Apcoa, оператор на катни гаражи во цела Германија, за големите комбиња натоварени со пратки да не влегуваат во централното градско јадро, туку тој чекор да им препуштаат на куририте со товарни велосипеди.

Светскиот гигант во логистиката, компанијата UPS, ги користи катните гаражи на Apcoa, за пратките натоварени во големите камиони да се претоварат во товарни велосипеди, со коишто потоа се врши конечната достава. Соработката моментно се одвива во два големи градови во Германија, во Келн и во Хамбург.

Целта е да се намалат емисијата на СО2, бучавата и застоите. Apcoa користи од тоа што подобро се искористуваат слободните места, додека придобивката за UPS е воедно и придобивка за корисниците, затоа што со помош на товарните велосипеди може побрзо да се изврши доставата.

Организацијата се одвива на тој начин што UPS своите камиони ги упатува кон катните гаражи на Apcoa. Таму се растоваруваат контејнерите и се поставуваат на предвидените места за паркирање. Откако пратките ќе се претоварат во велосипедите, куририте ги носат истите до корисниците, за потоа да се вратат во катните гаражи и да преземат нови пратки, додека не се испразни контејнерот.

UPS уште во 2012 година стартуваше со проект за достава на пратки преку микро-депоа и со помош на велосипеди, во германскиот пристаништен град Хамбург. Оттогаш оваа форма на достава на пакети е воведена во повеќе од 30 градови во Германија. Предизвикот е во тоа што прво мора да се обезбеди соодветна локација за микро-депото, а во големите и раздвижени градови, тоа обично е голем проблем.

Apcoa во своите гаражи нуди и посебно изведени регали, од коишто клиентите можат сами да си ги преземат пратките, што не е друго освен поштенски фах за привремено користење. Полначи за електрични возила и станици за изнајмување возила од carsharing-шемите, веќе одамна се секојдневие.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Три од три: Сите доставни модели на Peugeot возат на струја

CarCert против лажните километражи на користените автомобили во Германија