за

Волво по 45 години се збогува со дизелот

Дизел моторите учествуваа со половина во продажбата на Волво меѓу 2012 и 2016 година, главнината од дизелите се продаваше во Европа.

Последниот Волво со дизел мотор е Икс Це 90, што се симна од монтажната лента во фабриката во Торсланда на 26-ти март.

Волво заврши со дизелот.

Традицијата на шведскиот производител со дизел моторите траеше 45 години и заврши во вторникот, на 26-ти март. Половината од возилата што Волво ги продаваше во светот во периодот меѓу 2012 и 2016 година, беа со дизел мотор.

Од 1991 година се произведени повеќе од 9 милиони возила Волво. Тоа е последниот датум до којшто досегаат архивите на марката. Дванаесетте години пред тоа, не се вклучени во оваа бројка.

Последниот автомобил во којшто Волво вгради дизел мотор е луксузниот СУВ-модел Икс Це 90, што во вторникот ги напушти монтажните ленти во фабриката во Торсланда, Шведска. Овој историски автомобил ќе биде испратен во Светот на Волво во Гетеборг, каде што ќе можат да го видат посетителите.

Музејскиот примерок од лусузниот СУВ користи дволитарски дизел од семејството ВЕА (Волво Енџин Архитектура), којашто почна да се вградува во 2013 година.

Тоа е само втора генерација дизел мотори што е од сопствен развој и од сопствено производство на Волво, во 97-годишната историја на марката. Првиот сопствен дизел беше претставен во 2001 година. Тоа е петцилиндарскиот дизел што се произведуваше во фабриката за мотори на Волво во Скевде, Шведска.

Фабриката во моментов произведува електромотори за понудата од целосно електрични модели што Волво ја проширува сé побрзо.

Волво по 2030 година ќе произведува единствено електрични возила. Тоа е крупна примена, ако се земе предвид дека главнината од автомобилите што Волво ги продаваше на европскиот пазар во 2010-те години беа дизели.

Промените почнаа во јули 2017 година.

Поранешниот извршен директор Хакан Самуелсон, тогаш го отпочна агресивното преоѓање на шведската марка кон електрифициран погон. Уште тогаш беше соопштено дека Волво престанува со натамошен развој на дизели, во време кога близу половина од продажбата на нови автомобили во Европа беа дизели.

Тоа се совпадна со моментот кога Европа почна да врши притисок врз дизел моторите, меѓу другото и со воведување забрана за возила со дизел мотор да пристапуваат во градското јадро.

Сé почна со дизел од Фолксваген

Историјата на Волво со дизелот почнува од партнерствата со Фолксваген и со поранешната групација ПСА Пежо Ситроен, којашто денес е дел од Стелантис.

Првиот дизел на Волво е 244 ГЛ Д6 од 1979 година, со шестцилиндарски дизел од Фолксваген.

Кога Волво ја лансираше гамата Драјв-Е во 2008 година, таа вклучуваше 1,6-литарски дизел од соработката со ПСА. Волво тогаш рекламираше дека автомобил со дизел мотор може да вози 1.300 километри со еден резервоар и дека емисијата на штетни материи е доволно ниска за моторот да се квалификува за „зелен мотор“ во Шведска.

Времињата се сменија. Зборот „зелен“ денес воопшто не се поврзува со дизелот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест · БМВ 520д · Скроена по мера

По 2028 година само на струја: Кои се новите модели на Опел