На 20 ноември во Вухан, Донгфенг (DFMIEC) и премиум марката Воја (VOYAH) одржаа свеченост за испраќање на 1.000 возила Воја Дрим (VOYAH DREAM RHD) со волан од десна страна – најголема групна испорака на возила со електрифициран погон од премиум сегмент во провинцијата Хубеј во последните години, и по извозна вредност и по обем на пратката.
Воја е премиум марка на Донгфенг и со вредноста на прометот што го постигнува важи како еден од главните носители на извозниот бизнис на кинескиот производител. За да биде уште поубедлива во освојувањето нови пазари, Воја освен возила ќе нуди и целосни услуги за своите клиенти, односно компаниите.
Од Донгфенг најавуваат дека заедно со Воја и партнерите во странство ќе работат на унапредување на дилерската мрежа, продажната и постпродажната поддршка и системите за грижа за корисниците, со длабоко вклопување во локалните пазари и индустриски средини.
Зошто на Донгфенг му е толку важен пробивот со Воја на пазарите со десен волан?
- Помала конкуренција во премиум сегментот со десен волан: Голем дел од кинеските производители првично се фокусираа на пазарите со лев волан, додека префрлањето на архитектура и производство за десен волан бара дополнителни инженерски и хомологациски вложувања. Со навремен влез со премиум миниван/МПВ модел како Воја Дрим, Донгфенг може побрзо да заземе позиции на пазари како Тајланд, Хонгконг, Велика Британија, Австралија, Нов Зеланд или Јапонија.
- Подигнување на маржата и имиџот преку премиум понуда: Продажбата на возила од повисока класа носи подобра финансиска оправданост на логистиката и локалната инфраструктура отколку нискобуџетните модели. Преку Воја, Донгфенг се обидува да се позиционира како технолошки напреден и премиум играч, а не само како ценовно конкурентен извозник.
- Диверзификација наспроти царинските и трговските бариери: Ширењето на повеќе пазари со десен волан во Азија и пошироко ја намалува зависноста од поединечни региони – главно Европа – каде што трговските мерки или царини ја отежнуваат продажбата на кинески возила.
- Градење целосен екосистем наместо само извоз на возила: За да опстане во повисокиот ценовен сегмент, на купувачите им се потребни сигурна сервисна мрежа, резервни делови и дигитална поддршка. Пратката од 1.000 возила е сигнал за сериозна пазарна посветеност.
Марката Воја е во редовна понуда кај увозникот на Донгфенг за македонскиот пазар АБЦ Брадер
Донгфенг го испорача првиот автомобил од премиум марката Воја
















