На германските производители на автомобили им престои тешка зима

Криза во германската автоиндустрија: Најавени масовни отпуштања, затворање фабрики и жестоки штрајкови.

Со предлогот се бара возилата да поседуваат одреден минимум на делови од локално производство, мерено според нивната вредност

На германските производители на автомобили им претсојат долги месеци на напорни преговори со синдикатите и најави за штрајкови поради плановите за кратење работни места и затворање погони, во услови кога досегашниот модел на високоплатена работна сила во овој сектор почнува да се распаѓа.

Со години наназад, високите трошоци за труд и производство во Германија успешно се надоместуваа преку силната заработка на глобалните пазари. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека сè посилното влијание на кинеската конкуренција, американските царини и намалената побарувачка сериозно ги поткопуваат профитите.

Како одговор на кризата, гигантите „Фолксваген“, „Мерцедес-Бенц“, „Роберт Бош“ и „Шефлер“ најавија укинување на илјадници работни места, намалување на инвестициите и можно затворање на фабрики – потези кои наидуваат на жесток отпор кај синдикатите.

„Опаѓањето на повратот на инвестициите и профитабилноста укажуваат на тешка зима во преговорите за работничките права. Синдикатите се во многу незавидна положба бидејќи компаниите не остваруваат профит и не инвестираат, додека менаџментот е сè поодлучен да спроведе радикални промени“, оценува Ендру Бергбаум, партнер во консултантската куќа „АликсПартнерс“.

Финансиските показатели ја потврдуваат сериозноста на состојбата. Минатиот месец „Фолксваген“ ја пријави својата најголема оперативна загуба во повеќе од една деценија. Истовремено, деветмесечните профитни маржи на „Мерцедес“ и „БМВ“ паднаа на 1,9 отсто и 3,5 отсто, што е драстичен пад во споредба со 14,9 отсто и 8,7 отсто пред четири години.

Клучни преговори во „Фолксваген“

Најголемите тензии во моментов се концентрирани во „Фолксваген“, каде на 24 ноември започнуваат одлучувачки преговори со најголемиот германски синдикат, ИГ Метал, околу најавените намалувања на платите и бројот на вработени.

Главниот синдикален преговарач Торстен Грегер порача дека „не доаѓа предвид“ да се постигне договор до крајот на годинава, оценувајќи ја понудата на раководството како навреда за работниците. Синдикатот веќе се закани со генерални штрајкови од 1 јануари доколку не се најде решение, откако еднодневни предупредувачки штрајкови веќе ги погодија „БМВ“ и дивизијата „Ауди“.

Според податоците на Институтот за светска економија во Кил, германските работници во автомобилскиот сектор се најплатени во светот со просек од 65 евра на час – што е за над 50 отсто повеќе од нивните колеги во САД и повеќе од трипати повисоко во однос на платите во Полска.

Од „Фолксваген“ инсистираат дека длабоките резови се неопходни за зачувување на конкурентноста. Компанијата планира до јуни 2027 година да го финализира планот за своите европски погони, вклучувајќи ја и судбината на четири фабрики во Германија за кои нема предвидено нови модели. Како можни опции се разгледува нивна пренамена за воената индустрија, производство на возила за кинескиот пазар или нивно целосно затворање во наредната деценија.

Од друга страна, претставниците на инвеститорите предупредуваат на ризик од банкрот. „Мораме да го надминеме ова цунами во секторот и да спречиме компаниите да станат несолвентни на среден рок. Тоа мора да го разбере и ИГ Метал“, изјави Даниел Бауер, претседател на здружението за заштита на инвеститорите СдК.

Проблемите се прелеваат кај добавувачите

Кризата не ги заобиколува ниту производителите на автоделови. Истражувањето на „Роланд Бергер“ и „Лазард“ покажува дека оперативните маржи на европските добавувачи годинава ќе паднат на просечни 2,9 отсто (во однос на 7,1 отсто во 2018 година), што е многу поостар пад отколку кај кинеските конкуренти.

„Ова не е само уште еден цикличен пад. Нов круг на кратење трошоци едноставно нема да биде доволен“, предупредува Феликс Моге од „Роланд Бергер“, додека Марко Сантино од „Оливер Вајман“ додава дека индустријата ќе мора да посегне по подлабоки структурни реформи, а не само по постепени отпуштања.

Тест на зимски гуми на ADAC: Димензија 225/50 R17

Официјалните податоци на Федералниот завод за статистика покажуваат дека бројот на вработени во германската автоиндустрија е на најниско ниво во последните 21 година, додека извозот на возила паднал за речиси 8 отсто меѓу 2023 и 2025 година.

Контрастот на пазарот дополнително го нагласи неодамнешната одлука на американски „Тесла“ да инвестира 3 милијарди евра во проширување на својата фабрика кај Берлин – вест што пристигна само четири дена откако „Мерцедес“ објави дека ги замрзнува своите инвестиции во Германија.

Претходна објаваКако помина првиот кинески автомобил на технички преглед кај ТУВ?