Оваа марка има свое ЈАС

Редок, ако не и единствен случај, кога автомобилска марка се чита и на кирилица, па и добива многу погодена смисла. ЈАС, односно за други пазари ЈАК, додава СУВ-модел од компактна класа на македонскиот пазар, покрај досегашните пикапи.

ЈАЦ ЈС6 се разликува во дизајнот и има причина за тоа, создаден е во студиото на ЈАЦ во Торино

Марката ЈАК има многу богата историја, што во главни црти се сведува на  повеќе од шест децении во развој и производство на тешки товарни возила и пикапи, како еден од најголемите производители на возила под контрола на Пекинг. ЈАК е име што значи во светот на работните возила, каде што е важно да се вложи во издржлив и траен „алат“ за работа. Пред близу две децении, ЈАК почна да произведува и СУВ модели, коишто во почетокот беа конструирани врз основа на тогашната Хјундаи Санта Фе.

Во минатото, компанијата постојано им беше цел на странските компании, за да воспостават соработка со ЈАК и на тој начин да си обезбедат пристап на големиот кинески пазар. Меѓу најголемите актуелни партнери е групацијата Фолксваген, којашто воедно поседува 25% во капиталот на огранокот на ЈАК за патнички возила со седиште во Хефеи.

Важно е и партнерството со техно-гигантот Хуавеј, од коешто произлезе познатиот Маекстро С 800, со планови во иднина да се вклучи и концернот Стелантис, со марката Масерати. Постои и тесна соработка со стартапот Нио и со Чери Интернејшенел, компании со седиште во Хефеи, со коишто се користат заеднички добавувачи и производствени вериги, и се соработува во истражување и развој.

ЈАК меѓу другото испорачува и полуготови и готови китови до фабриката на Москвич во Русија. Тоа е во основа беџ-инженеринг, односно моделите на кинескиот партнер само се монтираат во фабриката во Москва и носат знак на звучната руска марка, што се врати во живот токму преку соработката со ЈАК.

Пикапот ЈАК Т9 којшто во моментов е изложен во салонот на увозникот АБЦ Брадер, познат по марките на Донгфенг, БАВ и други марки, одлично му го подготви теренот на СУВ-то од компакт класата, што е новина во понудата на ЈАК на македонскиот пазар и носи ознака ЈС6.

ЈАК ЈС6 е дизајниран во студиото на кинескиот производител во Торино и тоа е воедно едно од обележјата на овој модел. Тоа што остави впечаток при салонската премиера на ЈС6 во АБЦ Брадер е примерната завршна изработка, и секако богатата опременост.

Со цената од 25.900 евра во најопремената изведба, што соодветно е именувана Флегшип – знаменосец – ЈАК ЈС6 ќе настапува во двојка со еден мошне популарен модел на Донгфенг во класата, со Мејџ. Двата модели се разликуваат значително, не само во техниката, туку и во концептот. Додека Мејџ повеќе оди на спортска динамика и младешка енергија, ЈАК ЈС6 се потпира на класика и на вредност.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Основните технички податоци и опременоста на ЈАК ЈС6 можете да ја погледнете во нашиот онлајн-каталог со податоци и цени за сите нови автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК.

Меѓу функционалностите на АВТОСАЛОН.МК се наоѓа и можност за пребарување на модели по класа, по вид на каросерија, по гориво, според ранг на цени и уште бројни критериуми.

JAC JS6 Flagship

Претходна објаваЕвропа со рекордна продажба на електрични автомобили