Порше пријави висок профит, расте побарувачката за најскапите 911-ки

Порше во првите девет месеци постигна оперативна маржа од 6,9 проценти и покрај смалената продажба за 1,6 процент. Германската спортска марка планира да воведе модели над 911, за да се пробие во ексклузивниот сегмент.

Зголемената побарувачка за иконскиот Порше 911 надомести за падот во продажбата на марката на кинескиот пазар и за празнината што остана откако заврши производството на бензинскиот Макан и двете 718-ки.

Порше ја задржa високата профитабилност и покрај тоа што продолжи да опаѓа продажбата, благодарение на зголемената побарувачка за најскапите моделски изведби на 911 и на останатите модели, што компензираше за смалената продажба во Кина.

Германскиот производител на спортски автомобили оствари оперативна маржа од 6,9 проценти во првите девет месеци, што е повеќе во споредба со истиот период лани, кога компанијата имаше само мала позитива, откако високите трошоци за реструктурирање ја смалија добивката.

Поволните услови на пазарот и збогатената понуда од модели ја зголемија добивката и покрај опаднатиот приход, а од друга страна, продажбата на недвижнини го зголеми приливот на готовина, стои во соопштението од 27-ми октомври. Резултатите покажуваат дека Порше почнува да ја стабилизира добивката, дури и покрај скусувањето на обемот на делување, за да се приспособи на усложнените услови на пазарот.

Извршниот директор Михаел Лајтерс работи на преформулирање на моделот на постигнување добивка, којшто се потпираше на висока побарувачка во Кина, на висок сепен на искористеност на фабриките и на постојан прилив од нови модели што носат висока заработка.

Сите овие три фактори ослабнаа во исто време, а дополнително влијаеја и царините во САД, како и скапата одлука на менаџментот на концернот Фолксваген да ги отпише милијардите вложувања во електричните автомобили на спортската марка, со чијшто акции се тргува на берзата.

Испораките во првите девет месеци опаднаа за 16 проценти, што ги смали приходите, но цените и моделскиот микс во продажбата го ублажија тој пад. Оперативниот профит постигна висок раст во споредба со лани, кога компанијата ги апсорбираше високите трошоци што беа предизвикани од реорганизирањето на стратегијата. Порше ја задржа својата прогноза дека годинава ќе ја заврши со оперативна маржа на групацијата од 5,5 до 7,5 проценти и приход во висина од 35 до 36 милијарди евра.

Се подобри и приливот на готовина, што во голем дел се темели на продажбата на уделот на Порше во компанијата Бугати Римац и Римац Група. Од овие продажби беше постигнат приход од речиси една милијарда евра и се зајакна финансиската состојба во компанијата.

Расте побарувачката за Порше 911

Моделот 911 и натаму е најсилен столб на компанијата Порше. Испораките на иконската моделска серија пораснаа, а купувачите сé повеќе посегаат по најскапите моделски изведби ГТС, Турбо и ГТ. Тој микс помогна да се надомести падот во продажбата во Кина и празнината што остана откако заврши производството на бензинскиот Макан и на 718 Бокстер/Кајман.

Тоа сепак не може во целост да ги поткрепи фабричките капацитети и плановите за развој, што се темелат врз многу повисока продажба. Компанијата планира да укине 9.000 работни места, да го скуси обемот на менаџментот за 40 проценти и да ја спушти годишната продукција на околу 200.000 возила. Се вложува помалку во развој и средствата се насочуваат кон помали модели што носат заработка.

 

Порше Мишн С е прилепен за земја, со каросерија што им се потчинува на потисокот и на брзината. Дизајнерот Тобијас Зилман покрај Мишн С на премиерата во Њујорк

Порше во следниот чекор ќе се насочи кон ексклузивниот пазарен сегмент, со план цените на најексклузивните модели да се зголемат за околу 20 проценти, да се нуди поширока програма за изработка на возила по мера, повеќе возила за приватни тркачи и воведување суперспортско купе што ќе биде позиционирано над 911-ката, односно „нојн-елферот“.

Претходна објаваКупра ја качува продажбата на електрични модели, планот за 2027 е над 100.000 Равали