Марка продава марка, Еуроимпекс стартува со Чанган

На десетината марки од кинески производители што се присутни и прифатени на македонската автомобилска сцена, им се придружува Чанган, како трета автомобилска марка во понудата на Еуроимпекс.

Зоран Серафимовски, извршен директор во Еуримпекс и Дејан Ступар, директор во Кросроуд Азија, огранок на групација ОМР, на денешното потпишување договор за застапување на марката Чанган

Точно на пладне, во уметничка галерија во Сити Мол во Скопје, се одржа свечено потпишување на договорот за застапување за марката Чанган, меѓу домашната компанија Еуроимпекс и генералниот дистрибутер за Чанган во регионот, Кросроуд Азија, огранок на групација ОМР. Со тоа беше означен македонскиот старт на производителот што менаџерите го опишаа како дел од „Големата Четворка“ што покрива преку половина од продажбата на автомобили во Кина.

Еуроимпекс додава уште една марка во своето портфолио, коешто сега опфаќа осум брендови, вклучувајќи ги двата автомобилски бренда, Пежо и Опел. Најстарата македонска компанија, којашто лани одбележа 35-години од основањето, на свеченоста најави и скорешно отворање на новиот центар што се наоѓа на „автомобилската улица“ во Скопје, каде што на веќе познатите содржини ќе им се придружи Чанган.

Еуроимпекс со тој чекор ќе стане единствена автомобилска компанија што своите услуги и марки ќе ги нуди на две локации во Скопје, во новиот деловен бизнис центар на Скупи и во досегашниот центар во Аеродром. Тоа ќе биде следниот исчекор напред на компанијата, којашто своевремено прва го надмина дотогаш класичниот пристап со салон во Центар и го изгради првиот целосен комплекс, на денешен булевар Александар Македонски.

Извршниот директор на Еуроимпекс, Зоран Серафимовски, на свеченоста кажа дека дека „со особена чест и гордост воведуваме нов бренд во нашето портфолио, кинескиот автомобилски гигант, Чанган.“ Менаџерот ја претстави марката како „совршен спој на иновација, технологија и квалитет,“ а целта на македонскиот тим ќе биде „на клиентите да им понудиме автомобили кои ги исполнуваат највисоките светски стандарди.“

Убедени сме дека CHANGAN ќе биде освежување на домашниот автомобилски пазар и ќе постави нов праг на очекувања кај потрошувачите
Зоран Серафимовски, извршен директор на Еуроимпекс.

На настанот организиран со рутина на компанија што најмалку петпати годишно сооштува новини во своето работење во изминативе близу четири децении, но и со вештина за овие настани секогаш да бидат нови и достојни, директорката за маркетинг и заменичката извршна директорка Ивана Манчева Михајловска, најави дека „во првата фаза, клиентите ќе имаат можност да се запознаат со моделите кои веќе успешно се претставуваат на европските пазари, нудејќи напредни системи за безбедност, современи дигитални технологии, електрифицирани погонски решенија и врвно ниво на комфор.“

Со официјалното пристигнување на Чанган, „купувачите во Македонија добиваат не само нов автомобилски бренд, туку и целосно корисничко искуство кое вклучува професионална продажба, овластен сервис и постпродажна поддршка, согласно највисоките стандарди на производителот,“ порача менаџерката.

Името Чанган се состои од зборовите Чанг, што значи долготрајност, вечност, и Ан, што значи спокојство, згриженост

На настанот присуствуваа менаџери од регионалниот дистрибутер со седиште во Белград, директорот на автомобилската дивизија на групација ОМР, Дејан Ступар, бренд менаџерот Дарко Обрадовиќ, маркетинг менаџерот Борис Цуцковиќ и менаџерот за развој на мрежа Милан Велимировиќ, како и сопствениците на Еуроимпекс, Кирил Воиновски, Даниел Воиновски и Олег Воиновски, и директорот за продажба Томислав Нафидов.

Понудата на Чанган во моментов ја сочинуваат пет модели, почнувајќи од Ц35 Плус, СУВ-модел од градската класа, со бензински мотор и автоматски менувач, со цена од 21.040 евра, до врвниот модел Дипал С 07, спортски кросовер со врвни перформанси и со целосно електричен погон. Наскоро ќе се придружи изведба на СУВ-моделот од средна класа С 05 со приклучен хибриден погон.

Пуленот во првичното запознавање на македонската автомобилска сцена со марката Чанган е електричниот Дипал С 05, којшто деновиве ја држеше во неизвесност сцената, покриен под вел на влезот во Сити Мол, за којшто јасно беше укажано дека се работи за модел од марката Чанган и за Еуроимпекс.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Дипал С 05 е СУВ што со големината одговара на двата модели од традиционалната гама на Еуроимпекс, на Пежо 5008 и Опел Грандленд, засега достапен само во целосно електрична изведба. Може да се избира меѓу три моделски изведби, две со погон назад и со моќност од 272 КС, и една со погон на сите тркала и дополнително со електормотор од 163 КС на задната оска.

Првата изведба на Чанган Дипал С 05 чини 33.990 евра, поседува батерија од 68,8 киловатчасови и со неа постигнува досег до 485 километри. На брз полнач, наполнетост од 80 проценти се постигнува за 23 минути. Топлинската пумпа што ја подобрува ефикасноста на погонот и го продолжува досег е стандард во сите модели.

Вебсајт на Чанган и друштвени мрежи

Вебсајт

Фејсбук

 

Инстаграм

Претходна објаваБи Уај Ди ќе побрза со подигањето фабрики, откако ЕУ стави рампа за хибридите

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here