Кинескиот Фрилендер на Ленд Ровер и Чери ќе се продава и во Европа

Новата марка Фрилендер на Чери и Џагјуар Ленд Ровер е планирано да се продава и во Европа и на бројни светски пазари, заживувајќи го името што Ленд Ровер го напушти пред повеќе од една деценија.

Првиот модел на марката Фрилендер носи број 8 и вози со приклучен хибрид, цели кон премиум сегментот.

Марката што користи технологија на Чери е создадена во рамките на заедничкиот проект на двата партнери во Кина. Со овој чекор, Џагјуар Ленд Ровер ќе произведува сé помалку свои возила во Кина и ќе се префрлува на возила од марката Фрилендер.

Фрилендер ја доживеа својата светска премиера на 29-ти септември во Обединетите Арапски Емирати, коишто се прв пазар на марката надвор од Кина.

Марката соопшти на 6-ти октомври дека планира да почне со продажба во Германија, Обединетото Кралство, Италија, Шпанија, Белгија, Холандија и Швајцарија, што ќе се случува во „третата фаза“ на проширувањето, но не се наведува датумот.

Првиот модел е Фрилендер 8, којшто поседува приклучен хибриден погон и наменет е за премиум сегментот. Тој веројатно ќе се поклопува со подостапните изведби на Ленд Ровер Дискавери, но првенствено ќе им конкурира на кинеските марки што сé помасовно се префрлуваат во повисоките класи, со подостапни електрични СУВ.

Името Фрилендер им е познато на европските купувачи, затоа што Ленд Ровер своевремено го користеше за својата најдостапна моделска серија. Тоа веројатно ќе биде предност пред големиот број новодојденци од Кина.

За извозните пазари, Фрилендер ќе доаѓа со батерија од 34 киловатчасови, место со 60-те кВч како во Кина. Тоа е истата батерија што Чери ја користи во поголемите модели со приклучен хибриден погон, како Омода 9 или Тиго 9.

Со помалата батерија, електричниот досег на Фрилендер 8 ќе се скуси на 110 километри, наспроти кинеската верзија што според тамошните стандарди минува 310 километри во чисто електричен режим.

Уште една важна промена кај изведбите на Фрилендер 8 за извозните пазари е тоа што 1,5-литарскиот мотор за Кина е заменет со 2,0-литарски мотор. Системската моќност изнесува 626 КС.

Во новиот Фрилендер ќе се користи технологија од Чери

Во Кина, Фрилендер 8 почнува од цена во противвредност на 38.500 евра, односно 40.000 евра за изведбата со три реда седишта. Во Европа ќе бидат повисоки цените.

Со преоѓањето на Џагјуар Ленд Ровер во поскапите сементи, со своите марки Рејнџ Ровер, Дифендер и Џагјуар, ќе се смали преклопувањето со Фрилендер. Но, уште е нејасно како ќе влијае Фрилендер врз моделите Дискавери, коишто целат кон слична група купувачи.

Ленд Ровер првпат ја пушти во продажба моделската серија Фрилендер во 1997 година, како влез на марката на масовниот пазар на СУВ возила. Моделот се произведуваше во две генерации, пред да биде заменет со Дискавери Спорт во 2015 година.

Чери вложи околу 3 милијарди јуани, односно 400 милиони евра, за заедничката фабрика во Чангшу, во близина на Шангај, да ја приспособи за производството на хибридните Фрилендери.

Британците раководеа со дизајнирањето и ќе добијат исплата на лиценца за секое продадено возило, додека Чери ќе се грижи за продажбата и за дистрибуцијата ширум светот.

M-Hero M817 · Тест · Борбен авион во низок лет

Претходна објаваНајпродавани компактни и малечки СУВ во Европа до август
Следна објаваПежо ќе изложува на домашен терен на салонот во Париз

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here