
Масовно се редат наслови, како во земјава се увезувале трипати повеќе стари отколку нови автомобили, како возниот парк стареел, без притоа да се направи анализа, што е тоа што нé доведе до ваква незавидна, па веројатно и срамна состојба. А, корените влечат уште рано во самиот почеток на милениумот, значи пред подолго од четвртина век.
Земјава ги живее плодовите од најголемата автомобилска револуција што се има случено на овие простори. Големата побуна се случи во 2010 година, кога 50.000 возачи со закачени бугарски регистерски таблици на своите автомобили и со соодветен пасош во џеб, се заканија на тогашната влада, дека ќе ги блокираат сите патишта низ земјата, ако тие мора да платат давачки за своите божем луксузни автомобили, довлечкани од отпадите отаде Пиринот.
Исплашени од опасноста дека ќе се случи голема народна побуна, тогашните актери пред народот во парламентот и во владата, ги симнаа сите заштити, со коишто остатоците од нормалната држава поставуваа ограничувања, што смее, а што не смее да се увезе и да им се пушти пред нос на бројни недолжни граѓани – од коишто многумина дотогаш немаа чуено за честичките ПМ и за одземањето на здравјето на национално ниво.
Така беа урнати сите рампи, во земјава тогаш можеше да се увезе сé, па и Еуро 0, односно автoмобил без каков било катализатор. Тие закони-незакони, во основа останаа до денес. Единствено се реагираше со тоа што границата се постави и остави на нормата Еуро 4 – тоа се автомобили произведени од 2005 година, па до 2009 година, кога презема Еуро 5. Во меѓувреме, нормалниот свет се подготвува за Еуро 7, што ќе стапи на сила за новите модели од ноември 2026 година.
Но, како воопшто се случи, од Шар Планина до Огражден и од Осогово до Галичица, да се насоберат 50.000 користени, та преискористени возила, главно од луксузни маски и големи, брзи и со силни мотори – и најважното, со масовно загадување што тие го оставаа на секој метар зад себе?
Политиката не достаса да се свести навреме за „револуцијата“
„Револуцијата“ што не смееше да се случи, почна да тлее уште во раните 2000-ти години, кога ЕУ воведе драстично построги норми за издувни гасови за автомобилите, со цел да се спречи масовно загадување. Така дојдоа ДПФ-филтрите во автомобилите, коишто ја имаат единствената функција, да ги таложат честичките ПМ – овие филтри, патем, одвај дека уште се функционални во тоа што ни вози пред нос.
Државите во ЕУ тогаш почнаа со субвенции. Луѓето добиваа од државата многу повеќе за своите стари автомобили, отколку што можеа да постигнат при нивна продажба. Во исто време, за да се даде дополнителен поттик, истите тие влади, координирани од Брисел, воведоа драстично повисоки давачки при регистрацијата на автомобили со висока емисија на штетни материи – односно ПМ и азотни оксиди. Последниве, меѓу другото, се поврзуваат со дизел аферата.
Автомобилите што се евтини во ЕУ затоа што им следат високи давачки поради штетниот издув, тука станаа добредојдени
Како резултат од тоа, вредноста на старите автомобили што дотогаш ги возеа Европејците, опадна драстично. За кола што многу загадува, се плаќа соодветно повисока давачка при годишната регистрација. Првичната намера беше ЕУ да ги претопи старите автомобилите собрани по пат на субвенционирањето и да си направи ново железо. Добро и за индустријата, патем.
Но, топењето води кон друг проблем, а тоа е создавање облаци ЦО2 над Европа. Затоа, некои вешти политичари, најдоа излез, за по кој знае кои патишта, автомобилите наменети за топење, да се донесат во Бугарија, Романија и слични земји. Така се трупаше непрегледна маса користени автомобили, од марки за коишто многумина само сонувале дека некогаш ќе ги имаат во животот.
Земјата со најлош возен парк во Европа уште не дозна од каде ѝ доаѓа загадувањето
Колку ли само туѓи пасоши се купија за да се вози голема и угледна кола од отпад?
бугарите беа пресреќни од отпадот што им го донесе Европа. Таа среќа ги намами и нашите граѓани. Масовно се продаваше родната земја на деда си, за да се земе туѓ пасош, само колку да се седне во луксузен автомобил, донесен главно од германските отпади. Десет години се гледаа автомобили со туѓи регистерски ознаки, но никој одговорен не паничеше. Така се собраа 50.000 револуционери и ги урнаа законите што дотогаш правеа земјава да има нормален возен парк.
Хаосот, отсуството на каква било свест за неопходноста од автомобилска политика, донесе до тоа, земјава денес да се уназади во еден непрегледен автопазар, повеќе авто панаѓур.

До 2010 година, земјава се движеше во споредлива насока со автомобилските пазари во Словенија и Хрватска
Поразително е тоа што земјава до 2010 година бележеше постојан напредок во развојот на возниот парк. Луѓе возеа сé подобри и сé понови автомобили, се купуваа Шкода Фелициа, Пежо 206, Фолксваген Поло, Даево, па по него, Шевролет Авео, Спарк. А, Голф или Астра? Тоа беше врвот. Возниот парк почна да се подмладува. Наспроти сегашните 20 години, просекот тогаш се движеше во ниските децимали на 15-ката.
Пред да се отепа пазарот на автомобили, беше постигнат рекорд, со околу 18.000 нови патнички и доставни возила. За десет години, земјава се имаше подмладено со преку 150.000 нови возила.
Бемве Џип место Пунто и Поло
Но, со увозот на полираниот крш, место Поло почна да се вози „Бемве Џип“. Во меѓувреме, половина од автомобилскиот крш, што на некои им се видел поинаку, што бил увезен од 2010 година наваму, веќе е или фрлен на отпад, или чмае пред сервис и зграда, а небројни се и „болидите“ што завршиле во судир и се оставени на нива.
Автомобилската политика е многу повеќе од тема со којашто треба да се мешетари по паразит-портали и да се дозволи народот и натаму да се залажува. Со увозот на кршот во 2010 година, тогашните политиканти, делумно бегалки, неуко ги покрадоа сите возачки и возачи во земјава што претходно купиле нов или понов користен автомобил, затоа што нивните возила загубија илјадници евра – откако полираниот крш се покажа поевтин и подобар избор, па соодевтно опадна и вредноста на нивните „матични“ автомобили.

Враќањето километртажа е криминал во нормалните средини, но не и тука
Истите тие политиканти и делумно бегалки, заедно со нивните наследници, го покрадоа народот и со враќањето на километражата на користените автомобили. За тоа што може да урне влада во нормална држава, тука одвај дека некој е свесен. Враќањето на километражата и додавањето вредност на автомобилот на тој начин, направи милијарди евра да заминат од џебовите на граѓаните во нечии туѓи џебови. Тоа е криминал, но не и тука.
Сé настрада од таа несреќна 2010-година, почнувајќи од квалитетот на воздухот што го дишеме, преку масовното осиромашување на народот, откако ќе се свести дека купил крш што само е исполиран, па сé до медиумите, и дневните весници, и телевизиите, чијшто уредници потпаднаа на верувањето дека револуцијата со автомобилскиот отпад со светната ламарина ќе ни донесе добро. Тие ги загубија рекламите, место квиз Милионер, народот доби ефтини серии, а место фестивали, актери и ѕвезди, доби панаѓури на секој чекор.














