
Буџет марката на групацијата Рено во јули продаде 19.709 примероци од Сандеро, за 0,6 процент повеќе во споредба со истиот месец лани. За конечните вредности недостигаат уште неколку пазари, во моментов се пристигнати податоци за 98 проценти од пазарот. Но, местата на некои модели веќе се сигурни.
Втор најпродаван модел е Фолксваген Голф со 17.655 возила и тоа е за 14 проценти подобро во споредба со јули лани, а веднаш следи уште еден модел на Германците, кросоверот Т-Рок со 16.952 возила, за 17 проценти помалку од лани.
Тојота Јарис Крос следи на 4-то место со продадени 15.356 возила и пад од 8 проценти, додека водечката петка ја заокружува третиот модел на Фолксваген на врвот, Тигуан, со продадени 14.956 возила и пад од 6,1 проценти.
Недостигаат уште податоците од Португалија и Хрватска.
Сандеро го држеше врвот на европскиот пзар во април и мај, пред да ѝ го препушти водството на Тесла Модел Уај во јуни. Електричниот СУВ на Тесла беше најпродаван модел во јуни, откако постигна 32.685 продажби и постигна скок од третото место во мај.
Модел Уај во јули сепак падна ниско, на 73-то место со продадени 5.138 возила, за 3,5 проценти послабо од лани. Тесла обично ја качува продажбата во последниот месец во одделните квартали. Модел Уај се најде на врвот и во март, но потоа падна на 39-то место во април, за да се поправи во мај и јуни.

Мерцедес-Бенц ГЛЦ се проби меѓу 10-те најпродавани
Мерцедес-Бенц ГЛЦ е меѓу моделите што постигнаа најголем пробив во јулскиот Топ 10. СУВ-моделот од средната класа постигна раст од 45 проценти, со продадени 13.602 возила. Тоа му обезбеди 7-мо место меѓу десетте најпродавани модели во Европа во јули.
Осми е Пежо 208 со раст од 12 проценти и продадени 13.337 возила, следи Тојота Јарис со раст од 0,5 процент и 12.867 продажби. Десетката ја заокружи Киа Спортаж со продадени 12.776 возила и пад од 14 проценти.
Меѓу останатите модели што напредуваа најмногу се БИД Сил Ју, со раст од 61 проценти и 10.007 возила, на 21-то место, како и Мерцедес-Бенц ЦЛА, којшто постигна раст од 159 проценти, со продадени 9.378 возила, на 26-то место.
Продажбата на Фолксваген Поло порасна 48 проценти, со 9.357 возила и на 27-то место, додека електричниот Рено 5 Е-Тек исто така зголеми за 49 проценти и достигна 8.343 продажби, завршувајќи го месецот на 36-то место.
БИД Ато 2 се најде на 40-то место со продадени 7.679 возила, што е повеќе од десеткратно зголемување во споредба со лани. Опел Фронтера е 47-ма со продадени 7.094 возила и раст од 55 проценти.
Меѓу моделите што бележат двоцифрен пад се Дачиа Дастер, со 21 проценти во минус и продадени 11.494 возила, на 15-то место. Рено Клио намали 15 проценти со 11.350 возила, на 16-то место, додека Фолксваген Т-Крос опадна 19 проценти на 7.889 возила и Шкода Фабиа исто така за 19 проценти, на 7.862 возила.
Сандеро води по седум месеци
Сандеро остана најпродаван модел по првите седум месеци од годината. Вкупно се продадени 132.998 возила, што сепак е пад од 11 проценти во споредба со истиот период лани.
Голф е втор најпородаван модел со 121.272 возила и раст од 1,2 процент, со мала преднот пред Фолксваген Т-Рок со 120.247 возила, којшто има пад од 5,4 проценти.
Четврти е Рено Клио со 119.287 возила и пад од 13 проценти, додека Модел Уај е на 5-то место со 115.957 возила и раст од 55 проценти од лани.
Меѓу 50-те најпродавани модели што најсилно ја зголемија продажбата во првите седум месеци во споредба со лани, се наоѓа Ситроен Ц3 Еркрос, којшто со 62.222 возила постигна раст од 228 проценти, исто и Опел Фронтера качи 278 проценти, на 51.119 возила. Дури и Мерцедес-Бенц ЦЛА ја зголеми продажбата повеќе од двојно и достигна 61.940 продажби.
Најпродаваниот електричен автомобил во Европа во јули, Шкода Елрок, исто така е меѓу 50-те најпродавани, со раст од 59 проценти и продадени 67.760 возила, на 27-то место.














