Опел Фронтера во подостапна изведба, со рачен менувач и основна опрема

Црни браници, челични тркала, рачен менувач и класичен бензинец го спуштаат ценовниот праг кај Опел Фронтера во новата изведба со опрема Старт и со 100 КС.

Во време кога цел свет забавува со трошењето и пожелно е да се премине на штедење, време е и за поедноставни изведби на моделите, за тие да станат подостапни за поширок круг купувачи. Опел ја нуди популарната Фронтера во нова изведба Старт, без хибрид, со мануелен менувач и со поедноставна опрема.

Опел Фронтера 1.2 Турбо 100 Старт е новата моделска ознака со којашто ќе почнува ценовникот на најдостапниот СУВ на германската марка на Стелантис. Таму сега стои модел со благ хибриден погон со 110 КС и автоматски менувач со двојна спојка, со опременост Едишн.

Според германскиот ценовник, новата Фронтера 1.2 Турбо Старт го спушта прагот на 21.990 евра, од досега најдостапниот модел Фронтера Едишн Хибрид 110 со цена од 23.490 евра. Тоа е разлика од 1.500 евра, односно е близу 6,5 проценти подолу.

За македонскиот пазар уште не се објавени цените за Фронтера Старт, меѓутоа хибридната изведба во моментов стартува од 22.320 евра за Едишн (1.170 евра помалку во споредба со Германија, патем), според тековниот ценовник на Еуроимпекс. Увозникот наскоро ќе објави кога ќе почнат нарачките и испораките за новиот модел, како и конкретни податоци за цените и опременоста.

Во новата погонска изведба во гамата на Фронтера работи практично истиот мотор како во благата хибридна изведба, меѓутоа без електромотор и без автоматски менувач со двојна спојка.

Без клима нема „Старт“

Клима уредот останува во Старт, исто како и задните паркинг сензори и системот за задржување во лента. Заштеда е тоа што место средишен дисплеј, во Фронтера Старт се нуди само посебно лежиште за мобилен телефон, и во тој случај телефонот служи како средишен дисплеј. Тој потег се покажа популарен и кај сестринскиот модел од концернот, Ситроен Ц3/Ц3 Еркрос.

Ретровизорите и браниците (делумно) се нелакирани, место тркала од лесен метал работат 16-инчни челични тркала со црни раткапни.

Бензинецот со 100 КС без електрификација ќе биде достапен и за трите досегашни нивоа на опременост, односно за Едишн, Ултимејт и ГС.

Кај Старт може да се нарача пакет Комфор, со дводелен под во багажникот и огледала во штитниците за сонце.

Крајната брзина е за 3 км/ч повисока во споредба со Хибрид (179 км/ч), но забрзувањето доцни една секунда (11,4 с), додека просечната потрошувачка 5,9-6,1 Л/100 км е незначително повисока (5,3-5,4 Л). Во град треба да се очекуваат 6,9-7,2 литри, место 5,2-5,5 литри кај Хибрид, но тоа е ефектот од електромоторот, односно благиот хибрид.

Какви беа впечатоците од Опел Фронтера, погледнете во тестот на Аутомедиа

Опел Фронтера Хибрид · Тест · Тука повеќе добивка има купувачот, отколку производителот

Претходна објаваНовиот модел на Форд ќе биде препакуван кинески Џили
Следна објаваБМВ и Икс 3 во Кина се продава 30.000 евра поевтино во споредба со Европа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here