Од 1-ви јули во австрискиот град Салцбург, односно Залцбург во оригинален изговор, важат нови ограничувања за влез во центарот. Целта е да се смали престојниот силен бран од дневни посетители, што ќе започне уште во престојниот и викенд, и ќе трае цело лето.
Посетителите однадвор повеќе не можат да пристапат до поширокиот круг на центарот на градот. Патувањето им продолжува со т.н. парк енд рајд систем, односно паркирање на возилата надвор од центарот и користење директни врски со јавниот превоз.
Сличен обид имаше во Скопје, меѓутоа обидот да се преслика систем од друга средина мина неславно, впрочем исто како што секоја идеја за користење јавен превоз, место буткање автомобил низ постојаниот метеж во градот, секогаш наидува на исмевање.
Ограничувањето важи само за еднодневни туристи. Секако дека Австријците направија исклучок за хотелски гости, за жители и други групи.
Намерата е да се смали сообраќајот во центарот. Во текот на викендите, а посебно за време на Залцбуршкиот Фестивал, што се одржува од 1920 година, се создава голем метеж, затоа што гостите сакаат да пристапат со своите автомобили колку е можно поблиску до градските знаменитости. Градот пресметал дека на овој начин ќе се запрат околу 1.000 влезови со автомобил дневно, од историскиот центар на Залцбург.
Новите правила важат од 1-ви јули до 31-ви август. Опфатено е подрачјето околу стариот град, пристапите преку Милнер Хигел, Зимгмундстор, Имбергштрасе и Шварцштрасе.
Мотото на градот за оваа акција гласи „Помалку застој, повеќе град“. Властите ценат дека смалувањето за 1.000 пристапи со автомобил дневно ќе донесе осетно растоварување.
Наспроти тоа, во центарот ќе продолжат да пристапуваат возила со регистерски ознаки С (Залцбург, град), СЛ (Залцбург, периферија), ХА (Халајн), БГЛ, БГД, РЕИ и ЛФ (округ Берхтесгаден).
Изземањето важи за хотелски гости со резервација, за вработени, за достава, дистрибуција на лекарства, за лица со физичка попреченост, за итни и сервисни служби.

Камерите ќе ги откриваат возилата што се движат недозволено
Кој доаѓа во градот на еден ден, отсега ќе паркира надвор од центарот и ќе користи јавен превоз. Дневна карта чини 7,50 евра. За споредба, дневна паркинг карта во Скопје, во 1-ва зона, чини 1.600 денари.
Во цената на залцбуршката карта влегуваат целодневно паркирање, една дневна карта за јавен превоз, со важност до пет лица.
Во почетокот, полицијата ќе врши надзор, а за понатаму се планира користење камери. Казната изнесува 80 евра.
Ограничувања од овој вид се вообичаени во бројни европски држави. Најмногу ги има во старите италијански гратчиња.
За застоите во Скопје уште се верува дека се дневен феномен, а не секојдневен терор
Иако е сé совршено јасно, и секој ден се јавуваат примери како големите градови ги решаваат проблемите, Скопје и натаму останува хронично „затнато“, без најави дека ќе се преземе нешто во таа насока. Толкав е капацитетот на градот, тие се последиците од кривоградбите, мора да се прават непопуларни зафати.
Исто како што во почетокот, луѓе се тркаа кој повеќе да го оцрни Безбедниот Град и да му предвиди неславен крај, денес на сите им е јасно дека Безбедниот Град го спаси градот, барем што се однесува до сообраќајниот тероризам. Но, застојот остана и расте. Трпи економијата, трпи квалитетот на живот, загадувањето повеќе никој не го регистрира. Исто како за бројни други сфери, оставено е да се чека некој попаметен да дојде однадвор и божем да најде решение. А, и тоа, пак ќе биде во туѓа корист.
















