Електричните автомобили не се посебно интересни за македонските возачки и возачи. Полначи има малку, државата не придонесува за цената да се доведе на ниво на возило со обичен погон, нема привилегии во секојдневието, и струјата е „нечиста“. Но, се чини дека и покрај сиве навидум ограничувања, пак има простор да се размислува околу преоѓањето на електричен автомобил. Првпат во Македонија, споредба на електричен и бензински автомобил, Киа ЕВ3 во улога на предизвикувачка, против Киа Спортаж во одбрана на својата улога на бестселер.
Тоа што им е очигледно на фирмите што располагаат со возен парк и на поединци што го користат возилото како алат за работа, уште не е пробиено во свеста на приватното користење на автомобилот. Фирмите и деловниот свет јасно препознава дека електричните возила им нудат смалување на работните трошоци. Затоа, кога се обновува возниот парк, во професионалниот свет нема двоумење, електричниот погон е добредојден.
Киа ЕВ 3 е пример за тоа. Штипска такси компанија лани набави 70 електрични возила од овој модел, а тоа охрабри уште неколку фирми да вклучат електрична Киа во својата работа. Во меѓувреме се чека да почнат и испораките на патничката изведба од Киа ПВ5, електричниот ван којшто пролетоска беше на тест во Аутомедиа и привлече многу внимание.
Но, како изгледаат работите во приватниот свет? Кога се купува автомобил за приватно, семејно користење, се земаат предвид и други нешта, просторноста на пример, практичноста и големината на багажникот, опременоста. Затоа, направивме сеопфатна споредба на електричната Киа ЕВ 3 и на познатиот модел Спортаж, заштитен знак на Киа и честопати најпродаван модел вооошто на македонскиот пазар.
Секоја споредба почнува од цената. Тоа решава. Но, основната изведба на ЕВ 3 не може со цената да се споредува со основната изведба на Киа Спортаж. Ценовникот на електричната Киа почнува од 37.450 евра, додека најдостапниот Спортаж чини 28.800 евра, вклучувајќи го акцискиот попуст од 2.000 евра. За споредбата да биде повеќе фер, Спортаж треба да се избере со автоматски менувач, и во тој случај се доаѓа до 30.800 евра.
Цени за споредбата
- Киа ЕВ 3 Лајт · 37.450 евра
- Киа Спортаж 1.6 Т-ГДи ФВД Референс · 36.800 евра
Уште една компензација следи за моќноста. Додека електричната Киа уште во основната изведба располага со 204 КС и спринтува до темпо сто за 7,5 секунди, Киа Спортаж доаѓа со 150 КС и го завршува спринтот речиси две секунди подоцна. Еднаш е во предност ЕВ 3, еднаш Спортаж. За пак да се постигне балансот, во споредбава земаме изведба на Спортаж со третото ниво на опременост, Референс. Значи, ЕВ 3 Лајт со цена од 37.450 евра, наспроти Спортаж 1.6 Т-ГДи Референс ФВД со цена од 36.800 евра. Разликата е 650 евра.
Доколку се избере електричната ЕВ 3 во нејзината основна изведба Лајт, пред бензински Спортаж со луксузната опременост Референс, навистина се пропуштаат дузина ставки. Во ЕВ 3 ќе недостигаат безжичен полнач за телефон, амбиентално осветлување во кабината, самозатемнувачки внатрешен ретровизор, автоматско отворање на врата на багажник – тоа се ставки што одвај менуваат нешто во секојдневното возење. Да не помисли некој поинаку, ЕВ 3 и во изведбата Лајт е опремена натпросечно. Но, мора да се мери со Спортаж.
Луксузен свет во Спортаж Референс, поскромно во ЕВ 3
Човек сепак ќе треба да се откаже и од луксузот во Спортаж Референс: Кожени седишта, греење на сите седишта и на волан, вентилација на предни седишта, електрика на предни седишта и меморија, аудио систем Харман Кардон со сабвуфер. Постојат разлики и во функционалноста: Додека кај ЕВ 3 мора да се смета дека кит за лепење гума ќе ја спаси работата, кај Спортаж има резервно тркало во полна големина.
Во случај човек да е подготвен да го жртвува луксузот на Референс, но затоа да ужива во новото чувство на возење електричен автомобил, следно што одлучува по цената, секако е просторноста.
Во должина, Спортаж додава 24 сантиметри, на 4,3-те метри на ЕВ 3. Тоа е друга класа. Во ширина, разликата е 1,5 сантиметар, а Спортаж го надвиснува кросоверот за 8,5 сантиметри. Уште една димензија што прави важна разлика е растојанието од подлогата. Додека Спортаж со 17 сантиметри е полновреден СУВ, ЕВ 3 со 14-те сантиметри сепак останува кросовер.
При директната споредба од видеото не се чувствува стеснетост во електричната Киа
Електричната Киа пак добива шанси, затоа што меѓуоскиното растојание им е исто, 2,68 метри. Од тоа може да се очекува споредлива просторност во кабината.
Затоа, пак, Спортаж владее целосно и неоспорно во делот на багажникот и практичноста. На неговите 562 литри, доаѓаат 460 литри на ЕВ 3. Разликата од стотина литри сепак се смалува, затоа што Киа на струја има уште еден багажник напред, иако малечок, но ќе се најде: 25 литри. Со соборена клупа, разликата е 500 литри, СУВ-то тука нуди 1.751 литар. Ако се повлече црта, разлика постои, но 460 литри се далеку од малку. Плус 25 литри.
Изнеднадување е тежината. Би претпоставиле дека ЕВ 3 ќе тежи преку два тони, со батерија што самата е тешка 375 килограми. Но, податоците велат точно 1.800 килограми, што е 210 килограми повеќе од бензинецот. Точно е дека батеријата тежи, но нема менувач, нема резервоар, нема помошни агрегати, а и самиот електромотор е повеќекратно полесен од моторот. Не е проблем носивоста, затоа што Киа дозволува 470 килограми кај ЕВ 3. Спортаж пак е друг свет, со 590 килограми. Овие вредности вклучуваат возач од 75 килограми и полн резервоар.
Спринтот е на страната на ЕВ 3
Во перформансите, електричниот погон одамна не заостанува. Дури, во предност е. Киа ЕВ 3 доаѓа со 204 КС и 283 њутнметри, Спортаж нуди 150 КС и 250 њутнметри. Според фабрика, спринтот до темпо сто трае 7,5 секунди за ЕВ 3 и 9,4 секунди за СУВ-то.
Клучниот момент во споредбата сепак е разликата во трошоците за возење. Соодносот најверно го прикажува следната графика:
Оваа споредба покажува дека сто километри со Киа Спортаж во просек чинат 627,8 денари, додека со елеткричната ЕВ3, за истиот пат се плаќа 32,6 денари. Во таа пресметка е земено полнење на батеријата по ноќна тарифа, на домашен полнач.
Киа вели дека досегот со полна батерија изнесува 436 километри, во комбинирани услови според норма ВЛТП, односно 584 километри, доколку се вози во град. Наспроти тоа, Спортаж минува далеку над 700 километри со резервоарот од 54 литри, но поважно, секаде може да запре и да наполни гориво.
Полнењето на обичен домашен полнач со моќност од 11 кВ, трае 320 минути, односно 5 часови и 20 минути. За девет часови, колку што секој работен ден стојат на располагање по евтина тарифа, тоа значи дека има време за батеријата да се наполни еден и пол пат, и со неа да се извози преку 650 километри. Секој ден.
Батеријата ќе мора да се приклучи 23 пати на полнач, за да се извозат 10.000 километри годишно
Вредностите за патот што се минува секој ден во просек, далеку се од тие 650 километри. Ако се земе дека просечната километража на македонските возачки и возачи изнесува околу 10.000 километри, на ден тоа дава одвај 30 километри.
Со досегот од 436 километри, тоа значи дека Киа ЕВ 3 ќе мора да оди на полнач секоја втора седмица. Ако се вози само во град, полнач следи на секои 17 денови.
Според примерот во видеото од споредбата, Киа ЕВ 3 заштедува 5,55 денари на секои поминат километар, во споредба со бензинска Киа Спортаж, којашто и самата не троши премногу бензин.
По шест месеци, електричната Киа ќе ја врати доплатата од 650 евра над Спортаж
Со таква заштеда, сопственичката или сопственикот на Киа ЕВ 3 ќе си ја вратат разликата од 650 евра над Спортаж Референс за шест месеци. Со секој километар потоа, електричната Киа само носи добивка.
Така се доаѓа и до следното ниво, буквално. Место да се избере основното ниво Лајт, може да се вложи во следното ниво Ер, коешто чини 38.950 евра, односно е точно 1.500 евра над стартот. По една и пол година, таа доплата веќе ќе се врати, со самиот избор на електричен автомобил.
Споредбата наскоро продолжува во вториот дел, со впечатоци од возењето на Киа ЕВ 3.














