Фиат се вклучува во вториот најпродаван сегмент во Европа со два модели, со големи СУВ од Б-сегментот со имиња Гризли и Гризли Фастбек. Додека Гризли е класичен семеен СУВ, Гризли Фастбек се нуди како подинамично СУВ-купе со линија на покривот што се спушта наназад.
Силуетите на двата нови модели беа прикажани уште за време на денот за инвеститори на Стелантис во Детроит, САД, во мај. Таму Фиат официјално го потврди името Гризли. Во изминатите месеци се шпекулираше околу името Гига Панда, по пример на Гранде Панда. Во секој случај, се испочитува именувањето по род на мечки.
Гризли е Панда во голем формат
Двата модели се потпираат врз актуелниот дизајнерски јазик на Фиат, којшто мошне забележано го внесе Гранде Панда. Карактеристичнa e широката маска што преоѓа без прекин во светлата, со препознатливата точкеста графика со крупен растер.
Иако стилот им е заеднички, исто и техниката, двете каросериски форми се разликуваат осетно. Класичното Гризли е наменето за семејства и за возачки и возачи што негуваат активен живот во слободното време, додека купеовското Гризли Фастбек повеќе е наменетo за клиенти што бараат динамика, и даваат помалку значење на практичноста.
Фиат тврди дека каросеријата со должина од окоилу 4,5 метри нуди натпросечна просторност во кабината. Техниката е иста кај двата модели. Тие се конструирани врз платформата Смарт Кар, што ја користат повеќе марки и модели на Стелантис.
Оваа приспособлива платформа веќе се користи во низа модели, почнувајќи од Ситроен Ц3 Еркрос, преку Опел Фронтера, до самата Фиат Гранде Панда. Платформата нуди изведување неколку видови погон и може да вдоми и обичен бензински мотор, и целосно електрична погонска спрега.
Бензинската понуда веројатно ќе се сведe на познатиот турбо трицилиндарец од 1,2 литар на Стелантис, изведен како 48-волтен благ хибрид, со електромотор вграден во 6-степениот менувач со двојна спојка. Моторот се нуди во изведби со системски 110 или 145 КС.
Гризли секако ќе биде достапен и во целосно електрична изведба. Раководејќи се според останатите модели на концернот врз платформата Смарт Кар, може да се очекуваат изведби со батерија од 43, односно 52 киловатчасови. Во Опел Фронтера Електрик или Ситроен е-Ц3 Еркрос, овие батерии дозволуваат досег до околу 290, односно 400 километри. Електромоторот со моќност од 113 КС ги задвижува предните тркала.

Фиат досега нема објавено подетални податоци за димензиите, за опременоста или за моќноста на моторите. За цената, може да се шпекулира со вредности од околу 25.000 евра за основната изведба, со што Фиат директно би целел кон мошне успешната Дачиа Бигстер.
За електричните изведби може да се очекува цена што е околу десетина проценти над хибридниот модел. Фастбек секако ќе има повисока цена од класичната изведба, вообичаено за купе-СУВ возилата.
Фиат наведува дека продажбата ќе започне во второто полугодие, а тоа би требало да се сличи најрано во текот на есента. Торино секако нема да пропушти во меѓувреме да ја анимира сцената со нови информации и детали околу двата нови модели.
















