
Ексид отсекогаш се издвојувал во уличната слика, како кросовер со отмена става, а извесно време се издвојуваше и во самата понуда на Киа – како последен модел со класична форма на светлата. Сега и тој се префрли на стилот што се води како Спротивностите Се Привлекуваат, со светлата во линија како соѕвездие. Новини има и во поврзувањето, практичноста, безбедноста, па и во возниот комфор.
Киа Ексид ѝ ја покажа вистинската насока на браншата, како вистински да изгледа автомобил што не треба да биде ниту класична комбилимузина, ниту СУВ по универзална шема. Денес во сегментот на компактни кросовери веќе има силни присуства на конкуренцијата, главно во форма на Пежо 408 или Фолксваген Т-Рок, и секако, Тојота Ц-ХР, што веќе две генерации се пробива на картата на стилски кросовер.
Корејскиот производител со фабрика во Словачка, вели дека Ексид е наменет за клиенти со активен стил на живот и во освежениот модел нуди комплетен пакет, „соединувајќи практичност за секој ден, со емотивен дизајн, висок комфор и практичност во град.“
Хаубата е целосно сменета, исто како и предниот браник, со нова маска и со нови светла, па и крилата се сменети. Нов дизајн добија и тркалата од 16 или 18 инчи.
Обемните промени во изгледот го опфаќаат и опашот, со нова врата на багажникот, нов браник и нова графика на светлата, што прави Ексид да изгледа поширок и со поцврста става врз асфалтот.
Предниот каросериски испуст е скусен за 15 милиметри, и тоа создава покомпактна појава. Багажникот нуди зафатнина од 426 литри.
Може да се избира меѓу девет бои, нова е бојата Утринска Измаглица, како нијанса меѓу сиво и светло зелено.
Во вообичаениот манир на фејслифт на модел на Киа, Ексид доаѓа и со нов ентериер. Производителот вели дека се унапредени комфорот и впечатокот за квалитет, и поедноставено е ракувањето. Воланот е нов, арматурната табла е сменета, со нова форма на отворите за воздух, има зафати во инфо-забавниот систем, во облогите во вратите, во облогите на седиштата.
Ракувањето со климатизацијата и инфо-забавниот систем е префрлено на заедничко сензорско поле, коешто во Киа е вообичаено уште од стартот на актуелниот Спортаж. Главата на рачката на менувачот исто така доби нова форма.
Како за модел со повисока спецификација, стандард е двојниот дисплеј со екрани од по 12,3 инчи под заедничко стакло. Преклу апликациите Киа Конект и Киа Ап се добива дополнителна функционалност и во Ексид. Киа воведе и Дигитален Клуч 2.0, односно можност возилото да се отклучи преку телефон или паметен часовник.
Од системите за асистенција, достапно е сé, од систем за следење лента и радарски темпомат што чита навигација, до автоматско запирање кога при излегување од паркинг наназад наидува возило од попречен правец.
Новата Киа Ексид нуди и повисок комфор во возење
Промените во водењето на задната оска и зафатите во насока на бучава и вибрација, донесоа подобрување во возниот комфор. Според Киа, патувањето на подолг пат сега е уште поудобно.
Програмата за спортско возење сега прави поголема разлика во споредба со нормалната програма.
Киа ПВ5 · Тест · Електричниот погон е друг свет кај доставните возила
Приклучен хибрид повеќе нема да биде достапен кај Ексид, изборот се сведува на чисти бензинци и благи хибриди.
Понудата почнува со 1.0 Т-ГДИ со 115 КС, достапен и со мануелен менувач и со ДЦТ7. Во втората варијанта, Ексид се нуди и како 48-волтен благ хибрид. По него следи 1,6-литарецот од Спортаж, со 150 или 180 КС.
Киа Ексид во новата моделска година е еден од бројните новитети што се очекуваат на македонскиот пазар, покрај Селтос и електричната ЕВ2.















