Донгфенг Виго е електричен СУВ од Б-сегментот, со каросерија долга 4,3 метри и електромотор со моќност од 120 киловати/163 КС, со досег до 340 километри според светската норма.
Донгфенг Виго во понудата од електрични автомобили на кинескиот производител на македонскиот пазар е позициониран меѓу градската комбилимузина Бокс и лимузината С7.
Со големината припаѓа во Б-СУВ сегментот, со просторна и практична кабина. Последново се забележува посебно во задниот дел, каде што е изведена дводелна врата, поделена надолжно, со спуштање на долната половина од вратата. Меѓуоскиното растојание од 2,715 метри е основа за добра просторност во кабината.
Електромоторот со моќност од 120 киловати/163 КС испорачува погон на предната оска. Со вредност на вртежниот момент од 230 њутнметри и тежина малку под 1,6 тон, електричниот СУВ забрзува до 100 километри на час за помалку од 8 секунди, според декларацијата на фабриката.
Батеријата со бруто капацитет од 51,87 киловатчасови и хемија ЛФП, што нуди подостапна цена, дозволува полнење на наизменична струја со моќност од 6,6 киловати, односно полнење на еднонасочна струја со моќност до 167 киловати. Во најдобриот случај, полнењето од 30 до 80 проценти ќе трае 18 минути. Според фабрика, досегот изнесува 340 километри/ВЛТП, односно 471 километри според кинеската норма.
Од опременоста се издвојуваат автоматски клима уред со филтер за честички ПМ2,5, пристап и стартување без клуч, инфо забавен систем со средишен дисплеј од 12,8 инчи, поврзување преку Епл Карплеј, камера за брзинско ограничување, приспособлив темпомат и уште бројни ставки. Во првото ниво на опременост, Донгфенг Виго со промотивната цена чини 26.900 евра, што е 2.600 евра под редовната цена.
View this post on Instagram
Во повисокото ниво на опременост, со цена од 28.900 евра, односно 2.000 евра повеќе од првото ниво, следуваат уште склопување на ретровизори, електрично местење на предни седишта, греење и вентилација за возачко седиште, амбиентално осветлување, паркинг сензори на пред и камери во 360 степени и стаклен покрив.
















