
Настан од светско значење, посебно за мотоциклистите, за италијанската авто-мото култура, а специјално за Дукатистите, се одвиваше во Скопје во минатиот викенд. Дукати ги повика своите обожавателки и обожаватели ширум светот, да се соберат и годинава на настанот што се води како #WeRideAsOne, но овојпат имаше и дополнителен повод, затоа што престои големата прослава на 100-годишнината на Дукати. Тој настан ќе се одржува во периодот од 3-ти до 5-ти јули, на тркачката патека во Мизано.
Во организација на МакАутостар и на нивната нова марка во портфолиото, покрај Мерцедес-Бенц, во саботата на 9-ти мај, точно во 9.00 часот, од салонот на Дукати во Скопје појдоа 40 мотоцикли со 55 Дукатисти. Тоа беше најновата сцена што се случува „еднаш во 100 години“, пред големата прослава на еден век на италијанската марка, што ќе следи во почетокот на јули.
Овој собир, што и самиот предизвика огромно внимание во светски размери, укажува на моќта и единството на заедницата, што повторно ќе се собере најмасовно, за 100-те години на Дукати, на 4-ти јули, во рамките на повеќедневниот фестивал на тркачката патека во Мизано.
Сцената снимена од дрон, со 40 мотоцикли Дукати, како поаѓаат едно по друго во стилот на Леман, вклучувајќи се на булеварот Киро Глигоров, додека редовниот сообраќај чека да ги пропушти Дукатистите, стана дел од историјата. Македонските Дукатисти чекаа точно во 9.00 часот, да стартуваат, заедно со уште 22.000 свои колеги ширум светот.
Цел свет на Дукати стартуваше во исто време, без оглед на географската ширина и временската зона или континентот, „од Болоња до Њујорк, од Сао Паоло до Бали, па сé до Дубаи, Кејптаун, Перт и Сингапур“. Десетици илјади Дукатисти ги спојуваше едно, страста кон италијанската марка мотоцикли.
Во Скопје се возеше низ Аеродром, Центар, рутата водеше и до Кале и до старата Железничка Станица. Една од мисиите на најголемиот собир на #WeRideAsOne досега, беше Дукатистите на сите страни на светот да го овековечат својот собир, со најпрепознатливите обележја од својата земја и од својот крај.
View this post on Instagram
Во македонската престолнина беа избрани токму Калето, градба што ја сочинува сликата на Скопје уште од византиско време, од владеењето на Јустинијан Први, како и старата Железничка Станица, што во својата оригинална форма уште е во помнење на бројни генерации. Кадрите направени на овие две локации станаа дел од историскиот колаж од илјадници фотографии, а веројатно милиони, овековечени и од професионални фотографи и видеографи, Дукатисти, минувачи, намерници и ненамерници, со собирот од светски рамки.
Тоа што му даде главна смисла на настанот е заедништвото, припадноста на една дружина што може да биде различна од бројни аспекти, почнувајќи од професијата, до животниот пристап, но сите се едно, кога ќе седнат на својот Дукати. Тоа што ги поврзува сите е марката, и таа волшебна привлечност што ја создаваат италијанските машини.
Неколку ексклузивни мотоцикли од марката возеа по скопските улици по големиот повод
Настанот во Скопје секако ѝ носи бодови на Македонија како локација што котира високо на мапата во седиштето на Дукати во Болоња. Секако дека за оваа единствена заедница на домашни Дукатисти придонесе и имиџот што на марката и на нејзините обожаватели ѝ го донесе вдомувањето во престижен салон. Дукати е прва и единствена марка мотоцикли од премиум сегментот, којашто заработи ексклузивен салон.
Настанот воедно послужи и за одбележување на формирањето на Дукати Официјален Клуб Македонија. Веќе има потврди дека неколку членови на клубот, којшто е со седиште во салонот во Мак Аутостар, ќе патуваат за Мизано, за историскиот настан на одбележување на 100-годишнината на марката од Борго Панигале.
По забележената тура низ Скопје, Дукатистите одржаа средба во Плеј Кафе, со вообичаеното разменување искуства од патувањата, од машините, од луѓето. Тоа е воедно и суштината на моќните мото марки. Не е само до возењето, туку и до луѓето и дружењето.
View this post on Instagram















