Сузуки јавува за зголемена побарувачка за скутери до 125 кубици со новите закони

Претставништвото на Сузуки во Македонија бележи зголемена побарувачка за скутерите до 125 сантиметри кубни, што сега може да се управуваат само со Б-дозвола.

Бургман Стрит е знаменосецот во понудата од скутери до 125 сантиметри кубни на Сузуки, со името на големиот Бургман 400

Со промените што дозволуваат возачи со Б-категорија, со поминување неколкучасовна теоретска обука во автошколите, да управуваат со мотоцикл со зафатнина до 125 сантиметри кубни, зголемена е продажбата на овие мотоцикли, јавуваат од Миркат, увозник на автомобили и мотоцикли Сузуки во Македонија.

Пред новиот закон, возачите со Б-категорија мораа посебно да полагаат практичен испит за да добијат дозвола за управување возило од А1-категорија со зафатнина до 125 сантиметри кубни, исто како за големите мотоцикли. Освен што тоа повлекуваше дополнителни трошоци за стекнување дозвола, возачите на патнички автомобили се двоумеа и поради процедурата на полагање. Сега тоа е сменето.

Се покажуваат и првите резултати од промените. Сузуки бележи зголемена побарувачка за своите модели со зафатнина до 125 сантиметри кубни. Јапонската марка во моментов има три скутери во понуда во оваа категорија. Тоа се познати модели на сцената, различно од напливот од кинески марки, и соодветно се ценети.

Најдостапниот модел е Адрес 125 со цена од 3.190 евра, со 4-тактен мотор со воздушно ладење и два вентили, моќност од 9 КС и потрошувачка од 1,9 литар бензин на сто километри. Адрес е тежок 105 килограми и користи предно тркало од 12 инчи и задно тркало од 10 инчи. Тоа му дава лесна управливост во градската средина.

Над него е позициониран Авенис 125, со подинамичен стил, по пример на големите мотоцикли на Сузуки. Моторот е ист како во Адрес, што важи и за меѓуоскиното растојание и големината на тркалата. Цената на Авенис е 3.290 евра.

Бургман е големото име на Сузуки во светот на скутерите, ценето по комфорот и практичноста. Моделот Бургман Стрит 125 Е Икс се потпира врз имиџот на големата 400-ка, но затоа и нуди цена од 3.490 евра, наспроти големиот брат што чини 9.990 евра. Задното тркало тука добива иста димензија од 12 инчи, како предното, а соодветно е поголемо и меѓуоскиното растојание (1.290 милиметри), што прави возењето на правец да биде посмирено. Тежината е незначително зголемена на 112 килограми.

Претходна објаваПежо ќе прикажува филмови покрај патеката за време на 24 часа Леман
Следна објаваБИД слабее на домашниот пазар, извозот надоместува за сé

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here