Дачиа ја следи насоката што ја постави шефот на групацијата, Лука де Мео, пред да замине во светот на модата и да ја води Гучи, откако повеќе немаше што да направи подобро во компанијата: Марката се шири во повисоките сегменти, каде што и заработката е подобра. И оваа комбинација од хибрид-4х4-автогас кај Бигстер, делува победички.
Бигстер ја подигна за едно скалило понудата во гамата на Дачиа, којашто долги години завршуваше со Дастер. Наскоро доаѓа и Страјкер, што го нуди истото како Бигстер, меѓутоа во форма на кросовер, што отстапува од секаква шема, но тоа веќе е посебна тема.
Тоа што ќе израдува многумина во гамата на Бигстер, несомнено е изведбата со хибриден погон – поточно една од трите. Дачиа доаѓа со благ хибриден погон, со полн хибриден погон и уште еднаш со благ хибриден погон, но во комбинација со втор електромотор назад и погон на сите тркала.
Погонската спрега ја сочинува 1,2-литарски турбо бензинец со 140 КС, што работи заедно со 48-волтен стартер-генератор, потоа електромотор на задната оска со максимална моќност од 31 КС и батерија со искористлив капацитет од 0,6 киловатчас. Сето тоа го заокружува менувач со двојна спојка со 6 степени на пренос.
Дополнителна посебност е тоа што во изведбата со официјална ознака Хибрид-Г 150 4х4, се вградува и втор резервоар – за автогас, покрај резервоарот за бензин. Ова е единствена комбинација, што не остава неисполнети желби. Двата резервоари, со зафатнина од по 50 литри, овозможуваат возење до 1.500 километри, пред да се запре и да се дополни гориво.
Хибридот е посебно интересен со тоа што вториот електромотор е поставен на задната оска и ја движи исклучиво неа. Нема потреба од карданско вратило и средишен диференцијал, што дополнително ја комплицираат техниката, а бараат и дополнителна грижа за одржување. Електромоторот е за сé.

Покрај тоа што електрифицираната задна оска се грижи за дополнителна тракција, кога ќе се излезе на терен, таа овозможува и целосно возење на струја, на пример во град, кога е доволен вртежиот момент на електромоторот за да го задвижи возилото и да го одржува темпото во колона.
До 60% од возењето низ град е на струја, вели Дачиа
Секако дека секое отпуштање на педалата за гас, значи и искористување на залетот, за да се дополни батеријата. Дачиа тврди дека електромоторот ќе го движи возилото по 60% од патот што ќе се помине во град.
Преку вртливиот бирач во средишната конзола може да се избира меѓу економична програма, автоматска програма, потоа режим за возење по снег, по земја, како и заклучување на погонската спрега, кога моторот и електромоторот работат заедно, без вмешувње на автоматиката. Дополнително постои режим за одржување на брзината при спуштање.
Многу внимание е посветено во погонската спрега. Електромоторот има на располагање два степени на пренос. Тие се бираат преку рачките зад воланот, зависно дали возачот сака посилно забрзување, повеќе тракција на земја, или сака да ја поштеди батеријата и да вклучи долг пренос, кога се вози по пат со постојана брзина.
Овој СУВ долг 4,57 метри и тежок 1,6 тон, според фабрика троши 7,8 литри бензин во град, односно во просек 5,9 литри. Кога се вози на автогас, тогаш се 8,7 литри во град и 7,2 во просек. Тука се наѕира и изборот: Во град на автогас, а на отворено секако на бензин. Забрзувањето до темпо сто трае 10,5 секунди, крајната брзина е 180 км/ч.
Цената на оваа изведба што фигурира и во ценовникот на Дачиа за македонскиот пазар е 32.290 евра со второто ниво на опременост Експрешн, што е значително над 25.950 евра за основната моделска изведба на Бигстер. Но, секој „суперавтомобил“ чини.
Уште една добра вест е тоа што истиов погон се вградува и во Дастер, каде што се поминува со 10% пониска сума.
















