
Тоа е вообичаена слика во земјите со поширока мрежа од брзи полначи и со пристоен возен парк од електрични автомобили. Полначите за ЕВ обично се веднаш покрај ресторани за брза храна, до пекарници или сендвичарници.
Самите оператори со мрежите од полначи обично поставуваат ресторани за брза храна, на паркиралиштата со станици со брзи полначи. Кога треба да се потрошат дваесетина минути, првиот избор е да се касне помфрит или бургер. Тоа сега го потврди истражувањето на агенцијата Сиви во Германија, по налог на една германска осигурителна компанија.
Еден детал се издвојува посебно. Повеќето возачи го користат времето додека возилото е приклучено на полнач за да јадат. Место да почекаат неколку минути, возачките и возачите се решаваат и самите да си ја обноват енергијата.
Секој втор испитаник со електрично возило (ЕВ) навел дека времето додека се полни струја го поминува во јадење или поткаснување. Тоа подразбира пристоен меѓуоброк, слатки, пијалоци. Резултатите недвојбено укажуваат дека чекањето на брз полнач или на станица со обични полначи честопати се поврзува со дополнително земање храна.
Заклучоците од студијата може да се толкуваат и поинаку: Доколку не се запрело на брз полнач, немало ни да се изеде бургерот
Секако дека тоа не е правило и постојат возачки и возачи што го минуваат времето поинаку. Истражувањето покажува и дека бројни возачи ја користат починката активно. Околу една третина од испитаниците, во меѓувреме купуваат или завршуваат некоја обврска.
Секој четврти испитаник едноставно се опушта и си починува, па дури и дремнува. Но, одвај дека некој се решава да спортува. Само шест проценти навеле дека го користат времето за движење и вежбање.
За ваквото однесување придонесува и самата средина околу полначите. Недостигаат тоалети, клупи за седење, па и заштитен простор од дожд или сонце. На таков простор, или се останува во возилото, или се оди до супермаркет и продавница.
Возачите на ЕВ имаат точна претстава за времето
Возачите одговараа и како тие го проценуваат времето додека ЕВ им е приклучен за полнење. Истражувањето утврди големи разлики меѓу процената на возачите на електричен автомобил и процената на возачи на автомобил со мотор со внатрешно согорување.
Кај возачите на е-автомобили, 86% ценат дека чекање до 20 минути е прифатливо, доколку за тоа време наполнат енергија за најмалку 200 километри пат. За 35%, прифатливо е да се почека и 30 минути.
Сосем други ставови имаат возачите на автомобил со бензински или дизел мотор. Кај нив, 43% ценат дека 10 минути е најдолго што можат да прифатат за возилото да се полни, доколку би имале електирично возило.
Постојат големи разлики и во оцената на мрежата од полначи. Кај возачите на е-автомобил, 38% велат дека мрежата е доволна. Кај другите, само 10 проценти имаат такво мислење.
Обемната студија – сепак се работи за Германци – понатаму утврдува и дека постоечките корисници не чувствуваат ограничувања. Еден од секои четворица, критикува дека е мала достапноста на брзи полначи. Тоа е важно, затоа што новите електирчни автомобили подржуваат брзо полнење и за нив е потребна посериозна инфраструктура од брзи полначи.
Најболна точка се парите
Најголема болка во секојдневието не е недостигот од полначи, туку цената. Секој втор испитаник се жали дека формирањето на цената е нејасно и дека плаќањето е сложено. На повеќето места не може да се користи обична кредитна картичка.
Истражувањето било спроведено од 4-ти до 13-ти март, меѓу 2.500 Германки и Германци, над 18 години, а доиполнително и меѓу 1.000 возачи на патнички електрични автомобил. Со тоа се задоволени условите за репрезентативен примерок, со статистичка грешка меѓу 3,5 и 6,2 проценти бодови. Германска прецизност.















