- Фолксваген го пушти во продажба ИД.3 Нео, компактен електричен автомобил со сменет изглед од првиот ИД 3, како и со нови погонски единици.
- Волфсбург призна дека на ИД 3 му недостигаше препознатливоста на марката и чувството дека се седи во Фолксваген.
- ИД 3 Нео стартува во три варијанти на моќност и големини на батерија, досегот оди до 630 километри.
- Понатаму ќе следи спортска изведба, во традицијата на ГТИ-моделите.
Првиот електричен Фау Ве се појави во времето на Херберт Дис, тогашен извршен директор, кој замина брзо по отпочнувањето на електричната симфонија на германската марка.
Промените кај ИД 3 Нео ги зафатија надворешноста, донесувајќи го изгледот во чекор со тековниот дизајнерски јазик на Фау Ве, потоа внатрешноста, каде што е ставен нагласок на лесното ракување, и самиот електричен погон.
Фолксваген, чиешто име на германски јазик значи народно возило, ја загуби смислата на името, кога го лансираше ИД 3 и последувателните модели, како СУВ-варијантите ИД.4 и ИД.5. Автомобилите повеќе личеа како далечни роднини на бестселерите на марката со мотори со внатрешно согорување, место како нивни директни наследници во електричната доба.
Актуелниот извршен директор на марката Фолксваген, Маркус Шефер, кажа јасно при презентацијата на новата генерација електрични возила на марката, на настанот за медиуми што се одржа во Хамбург: „Ми беше јасно дека всушност го губиме нашето јадро, тоа што навистина го застапува Фолксваген, посебното чувство на Фолксваген,“ кажа шефот.
По тешкиот старт, ИД 3 сепак се покажа дека им е дораснат на соперниците. Според Фолксваген, лани во Европа биле продадени 78.000 примероци од ИД.3, со што тој се вбројува меѓу петте најпродавани БЕВ. Во првите два месеци од 2026, европската продажба на ИД 3 достигна 10.218 возила, незначително под истиот период лани, со 10.861 возила.
Останаа критиките дека ИД 3 не е вистински Фолксваген, кога Шефер во 2022 година го презеде раководењето со марката и си постави цел да ги донесе електричните возила поблиску до традиционалниот белег на Фолксваген.

Посебно за ИД 3 се сметаше дека е премногу оддалечен од препознатливиот изглед и чувство на Фау Ве, и самите директори признаа дека тој не личи „како вистински Фолксваген.“
На новинарите не им се допаѓаа дигиталните и неприродни контроли, како и неубедливиот впечаток за квалитет, што ги разочара очекувањата на клиентите. Иако ИД 3 се издвојуваше со изгледот како сосем нов електричен модел, му недостигаа препознатливост и емотивна поврзаност, коишто се суштински кај модели од ковот на Голф.
ИД 3 Нео не е електричниот Голф што го чекаат бројни заљубеници во марката, туку го претставува тоа што производителот го опишува како еволутивен чекор на БЕВ. Некои коментатори во Германија шпекулираат, дека откако Фау Ве ќе ја лансира 9-та генерација на Голф со мотори со внатрешно согорување, ИД 3 Нео ќе биде преименуван во ИД Голф.
Преработениот ИД 3 Нео се појавува со сменет нос и со светла чијшто изглед го следи дизајнерскипот јазик Пјур Позитив на марката. ЛЕД-светлата се потенки и поврзани со тенка светлечка лента. За разлика од прерходникот ИД 3, покривот и задниот дел од Нео се лакирани во истата боја како каросеријата, што прави автомобилот да изгледа подолг.

Сменет се кокпитот, средишната конзола и вградени се нови материјали, со повеќе внимание во комфорот и практичноста. Возачкиот екран е со пречник од 10,25 инчи, средишниот екран мери 12,9 инчи. Инфо-забавниот систем е нов и се води како Иновижн, поседува пристап до апликации и подобрена конективност.
ИД 3 Нео ќе нуди и широк опсег на онлајн услуги, вклучувајќи дигитален клуч. Фолксваген ќе го нуди пакетот Фау Ве Конект бесплатно во период од 10 години по испораката.
Нов електромотор за погон на задната оска, подолг досег
Возилото се базира врз најновата верзија од модуларната електрична платформа на концернот, МЕБ+, и користи нов електромотор за погон на задната оска, што се води како АПП350. Тој доаѓа во замена за претходниот АПП310 и се одликува со намалена потрошувачка.
При лансирањето, ИД 3 Нео ќе биде достапен во три степени на моќност и со три големини на батерија. Основната верзија испорачува 125 киловати (170 КС) и доаѓа со батерија од 50 кВч. По неа следат верзија со 140 кВ (190 КС) и батерија од 58 кВч, како и топ-верзија со 170 кВ (231 КС) и батерија од 79 кВч.
Со најголемата батерија, досегот изнесува до 630 километри, додека во останатите изведби е 417, односно 494 километри.
Брзината на полнење зависи од големината на батеријата. Брзото полнење кај двете помали батерии дозволува моќност на полнење до 105 кВ, додека кај најголемата батерија, можни се 183 кВ. Полнењето од 10 до 80% трае меѓу 26 и 29 минути.
ИД 3 Нео ќе се нуди во вообичаените три нивоа, Тренд, Лајф и Стајл, додека претходникот се испорачуваше во нивоа Пјур, Про и Про С.
Стандардната опременост опфаќа инфо-забавен систем со средишен екран од 12,3 инчи и возачки екран од 10,25 инчи, како и систем за автономно возење од ниво 2.

Од опции се нудат панорамски покрив, камери во 360 степени, проекциски дисплеј со виртуелна реалност и квалитетен аудио систем. Возилото може да се опреми и со носач за велосипеди, со носивост до 75 килограми.
Фолксваген вгради нови системи за автономно возење во ИД 3 Нео, вклучувајќи опционален Конектед Травел Асист, што распознава светла на семафор и го запира возилото автоматски на црвено светло.
Меѓу останатите посебности спаѓа возењето со една педала, односно возилото честопати може да се забави без потреба да се притиска сопирачката, како и можноста да се приклучат надворешни потрошувачи.
ИД 3 Нео е долг 4.265 милиметри, широк 1.809 милиметри и висок 1.554 милиметри, со меѓуоскино растојание од 2.766 милиметри. Багажникот располага со зафатнина од 385 литри, односно 1.267 литри со соборена клупа.
Новиот модел ќе се појави во салоните во јули. Фау Ве не соопшти цени. Тековниот модел во Германија чини 33.330 евра. Дилерите очекуваат дека Нео ќе стартува од 36.500 евра.
Волфсбург потврди дека понатаму ќе следи и посилна верзија на ИД 3 Нео.
















