Сузуки со посебна изведба од Свифт во чест на цутот на црешите

Сузуки го прославува својот најпродаван модел Свифт Хибрид со ексклузивна серија наречена Сакура, во чест на цутот на црешите што во Јапонија се одбележува како празник.

Посебноста на серијата Сакура, што на јапонски значи токму цут на црешите, е во комбинацијата од бела металик боја на каросеријата на Свифт, со розе-златна металик боја на покривот. Преку овие бои, Сузуки ја доловува сликата кога црешите во островската земја масовно ќе расцутат. За Јапонците, тоа е време што симболизира обнова и постојан циклус на природата.

Сузуки има и причина да го прославува својот најпродаван модел Свифт, којшто дојде на сцената во новата генерација, без премногу ветувања и непотребни техинологии, туку беше послужен како унапредување на концептот што успева. Свифт во првите два месеци од годината постигна 5.124 регистрации во Европа и ја држи предноста во однос на Витара, со 4.860 возила.

Посебно значи и симболот што е испишан во јапонско писмо и поставен е мошне впечатливо во задните столбови. Симболот 桜 значи токму Сакура. Сузуки има и зошто да биде горд на јапонското потекло на Свифт, затоа што во моментов е единствен модел од градската класа што е во понуда на македонската сцена, произведен во фабрика во Јапонија.

Боите од каросеријата се пренесуваат и внатре. Украсите на вратите, по арматурната табла и во рамката околу рачката на менувачот се бојадисани во розево-златна металик боја.

Основа на специјалниот модел е верзијата 1.2 Хибрид АТ ГЛИкс, што располага со изобилство од опрема и вклучува двобојни тркала од лесен метал од 16 инчи, автоматски клима уред, грејачи во предни седишта и затемнети стакла. Сакура дополнително додава ексклузивна двобојна карсоероија, безжичен полнач и меко обложен потпирач за лакт напред.

Новата генерација на Сузуки Свифт уште пред година и пол беше на тестирање во Аутомедиа и докажа дека напредокот може да се насети и без споредување на бројките во техничките податоци. Ова мошне успешно моделско име на македонскиот пазар, со генерации, покажа колку може да биде лесно секојдневието со автомобил од класата, но се докажа и со напредок во комфорот и во возните својства, и секако, во штедливоста.

Свифт стартува на македонскиот пазар со акциска цена од 16.990 евра, за основниот модел со благ хибриден погон и 82 КС, со изненадувачки богата опременост, посебно во поглед на системите за асистенција. Уште во основниот модел се вградуваат систем за следење лента, камера за брзинско ограничување, предупредување при возило во мртов агол. Клима уред и приспособлив темпомат се стандард, исто како пристап и старт без клуч, задна камера, и тоа што ни стана најважно со Безбеден град, лимитер.

Претходна објаваЗатворениот Ормуски Теснец го загрозува и производството на автомобили
Следна објаваЕден од трите произведени Бугати ЕБ112 оди на наддавање, се очекуваат 2 милиони евра

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here