
- Продажбата на возила од компакт сегментот опадна 22 проценти во јануари и тоа сега е 4-от по големина сегмент на европскиот пазар.
- На групацијата Фолксваген ѝ припаѓаат 53% од пазарот, откако бројни конкуренти заминаа.
- СУВ-моделите одвлекуваат две третини од клиентите што порано купуваа модел од компакт класата.
- Производителите не се откажуваат од сегментот и покрај опаднатата продажба и жестоката конкуренција.
Продажбата во сегментот, со којшто предводат Фолксваген Голф и Шкода Октавија, во јануари опадна за 22 проценти, на 85.767 возила.
Долготрајниот надолен тренд доведе до тоа компактите да станат 4-ти по големина сегмент, па дури и тоа место е загрозено, затоа што во исто време засилува продажбата во сегментот на СУВ од средна класа, што во јануари порасна 23 проценти, на 75.316 возила.
Продажбата на компакти трпи од силната конкуренција од СУВ-модели, што и натаму ги одвлекува клиентите од класичните комбилимузини, лимузини и комби возила.
Пазарните аналитичари откриваат дека помалку од една третина од поранешните купувачи на компакт во Германија, се решаваат повторно да купат модел од овој сегмент. Повеќето преседнуваат во компактни или малечки СУВ. Преоѓањето на возило од друг сегмент е вообичаено низ напредокот во животот, меѓутоа губењето две третини од клиентите е далеку од вообичаено.
Продажбата на лидерот во сегментот, Фолксваген Голф, лани опадна 9,8 проценти, на 195.554 возила, што претставува неколкукратно намалување, во споредба со периодот пред 10 години, кога Волфсбург продаваше по половина милион Голфови годишно, што му носеше титула на европски бестселер. Во јануари, Голф имаше пад од 18 проценти, со што се смали предноста во однос на сестринскиот модел Шкода Октавија, чијашто продажба во првиот месец од 2026 година опадна 9,4 проценти.
Целиот сегмент се скусува. Во 2009 година, во компакт сегментот се натпреваруваа 64 модели, коишто постигнуваа годишна продажба од 3,4 милиони возила. Во 2026 година, останаа само 34 модели.
Форд лани престана со производство на Фокус, еден од најпродаваните модели во Европа во минатото. Нема планови за наследник.
На откажувањето на Форд се надоврза големиот пад во продажбата на модели од концернот Стелантис, вклучувајќи ги Пежо 308 и Опел Астра, што му остави повеќе простор на концернот Фолксваген да го запоседне сегментот.
Половина од продадените компакти во 2025 година доаѓаше од марките Фолксваген, Шкода, Сеат и Купра. Во јануари, нивниот удел се зголеми на 53 проценти.
Покрај Голф и Октавија, во јануарскиот Топ 10 влегуваат три модели од Купра/Сеат и електричниот Фолксваген ИД.3. Најпродаван модел што не е од концернот Фолксваген беше Тојота Корола, на третото место.
Доминацијата на групацијата Фолксваген во секторот се огледува и во местото на Германија како лидерска земја, во поглед на продажбата на компакти во Европа. Земјата учествуваше со 27 проценти во вкупната продажба во сегментот во јануари.
Втора е Франција со 11 проценти, престигнувајќи ја Британија. Продажбата на компакти во ОК опадна 31 проценти во јануари.
И покрај тоа што продажбата опаѓа, производителите не се откажуваат од сегментот.
Дачиа, буџет марката на групацијата Рено, в година стартува со Страјкер, којшто цели директно на комби-моделите од сегментот, како Шкода Октавија.
Изгледот е спој меѓу комби и СУВ, а ќе се нуди и изведба со погон на сите тркала, што ќе биде силен продажен аргумент во северна Европа.
Директорката на Дачиа, Катрин Адт, изјави пред новинарите за време на објавувањето на среднорочниот план на Рено, на 10-ти март, дека „колку повеќе навлегувате во северниот дел од Европа, толку станува поважен Ц-сегментот.“
Дачиа со Страјкер ќе добие и модел за пазарот на службени возила.
„Во овој сегмент има повеќе флит-клиенти отколку во пониските сегменти, каде што главно продаваме на приватни купувачи. Влегуваме на нов пазар,“ изјави Адт.
Комби моделите и натаму се важни во сегментот, со удел од 38 проценти во продажбата лани. Октавија е најпродаван комби модел. Од вкупно продадени 161.023 Октавии во минатата година, близу три четвртини биле комби.

Во меѓувреме и Киа го удвојува бројот на модели во сегментот, заменувајќи го Сид со К4, со мотори со внатрешно согорување, што се увезува од мексико, но и со целосно електричната ЕВ4, како конкурент за ФВ ИД.3. Таа се произведува во Словачка, заедно со Спортаж и Ексид.
Киа ја нагласи ниската силуета како предност на својот електричен компакт, во споредба со СУВ, кога станува збор за досегот.
Изведбата на Киа ЕВ4 со батерија од 81,4 киловати располага со досег до 625 километри, што е меѓу најдобрите вредности во сегментот.
Шкода прикажа концепт што ја најавува идната електрична Октавија, но таа нема да се појави во продажба порано од 2030 година, од причина што досегот е од клучна важност за главниот круг на купувачи на овој модел.
„Имаме голем број флит-клиенти, од кои повеќето минуваат големи километражи,“ изјави извршниот директор на Шкода, Клаус Целмер.
За да го задоволи тоа барање, Октавија ќе ја користи идната платформа ССП на концернот Фолксваген. Производителот верува дека на купувачите на службени возила ќе им понуди достапна цена, долг досег и брзо полнење, што им е најважно. Тие барања досега не се исполнети.
„За жал, според нашите предвидувања, не гледаме пресвртница во поглед на профитот или технологијата, пред влезот во 2030-те,“ изјави Целмер.
Фолксваген на своите вработени во седиштето во Волфсбург им ја прикажа следната генерација на Голф со електричен погон, којашто исто така ќе ја користи платформата ССП. Производството ќе започне кон завршетокот на деценијава, додека тековниот модел ќе се пресели во Мексико.
Целосно електричните модели учествуваа со 17 проценти во продажбата на модели од компакт сегментот, што е мал раст во споредба со 16-те проценти во 2025 година.
Кинеските производители досега не се присутни помасовно во сегментот на компактите, што е сосем различно во споредба со СУВ-компактите, но и тоа ќе се смени. МГ лансираше втора генерација на МГ4, со нова електрична платформа, што е поевтина од претходно, а новиот модел преоѓа и во повисока класа, како комбилимузина што е насочена кон перформанси.
Годинава доаѓа и Липмотор Б05, исто како и нов електричен компакт од Би Уај Ди.















