Стоник излезе точно како што кажува името. Траен е како камен. Иако кумовите го смислија името како спој на „спиди“ за брзина и „тоник“, како основна нота во музиката, сите го поврзуваме името со англискиот збор за камен. Киа го држи моделов во понуда уште од есента 2017-та и нема причина за нешто да менува – освен можеби во изгледот, вклучувајќи го збунувачки „спортажираниот“ кокпит.
На производителите им доаѓа јасен знак кога треба да заменат некој модел. Првото и главното што (не) треба да се случи е продажбата да паѓа. Киа има мал проблем со Стоник во тој поглед, затоа што моделов упорно не сака да паѓа.
Според последната статистика за европскиот пазар, во првите два месеци од 2026 година, Киа испорачала 9.418 примероци од Стоник, што е за само 567 возила помалку од истиот период лани. Во време на Трамп, Иран, царини, Кинези, тоа е дури и напредок.
Стоник е втор најпродаван модел, најблиску до Спортаж, иако бестселерот на Киа е во друга димензија, со повеќе од двојно повисока продажба. Пример дека во класата на Стоник не движи сé околу цената, туку пак се бара нешто посебно, доаѓа од сопствената групација. Хјундаи Бајон, никогаш не успеа да го стигне Стоник на пазарот. Соодносот годинава е 9.418 примероци од Стоник наспроти 2.816 на Хјундаито.
Стартниот модел на Киа прво се соочи со предизвикот, да ги убеди купувачите што беа тргнати во салон, за да купат класична комбилимузина и таму очекуваа Рио, а место тоа им се нудеше Стоник. Киа го запре производството на Рио, затоа што со сите норми што денес треба да ги исполни секој автомобил, без разлика на големината и цената, на бројни големци во браншата им стана неисплатливо да произведуваат класична комбилимузина.
Стоник беше незначително поскап од Рио, меѓутоа македонскиот увозник го претвори како предност тоа што е кросовер и што двои, додавајќи му противвредност, односно преполнувајќи го со опременост, и тоа им се допадна на купувачите.
Во времето пред Ситроен Ц3 и Фиат Гранде Панда, Киа Стоник беше меѓу ретките малку поголеми автомобили, што чинеа до 20.000 евра. Тоа во Аутомедиа го искористивме како повод за летоска да ја извозиме „најтешката“ тест рута во должина од 800 километри низ цела Македонија, за да провериме дали во овој автомобил има и нешто повеќе отколку само цена и опрема. Шампион во противвредност.
Новата моделска година доаѓа со предни светла во шема на созвездие, по примерот на ЕВ9, Соренто и Спортаж, со целосно сменети преден и заден браник, со тркала со друг дизајн и со две нови бои. Вратата на багажникот доби целосно нова форма. Со тоа, Стоник личи со секоја нова Киа од ЕВ9 наваму.
Промената во внатрешноста е збунувачка. Кога ќе се седне зад воланот, човек добива впечаток како да е во Спортаж од првите моделски години. Огромен дисплеј што се состои од два екрани под заедничко стакло, целосно сменета средишна конзола, вклучувајќи го и полето за ракување со двојна поставеност, еднаш за ракување со музиката и навигацијата, еднаш за ракување со климатизацијата.
Тоа што навистина ја прави разликата кај Стоник е чувството во возење. Поради тоа што е кросовер и не е напумпан како СУВ, за да биде највисок и најдебел автомобил на паркингот, го влагословува со возливост што е блиска до спортска комбилимузина.
Стоник, колку што е автомобил за купувачи што сакаат противвредност и сугурно вложување, толку е автомобил за купувачи што умеат да препознаат и ценат „возачки“ автомобил, односно таков автомобил што ќе биде благодарен при подинамично возење.
Сите впечатоци од кусиот тест на Киа Стоник, со 1,0-литарски турбо бензинец со 100 КС и 6-степен мануелен менувач, пред да дојде на подолг тест друга изведба на моделот, опфатени се во видеото од тестот на нашиот канал на Јутјуб.















