Би Уај Ди вградува батерија што се полни за 12 минути

Батериите со зголемена енергетска густина им обезбедуваат досег над 1.000 километри на електричните автомобили од премиум марките на Би Уај Ди.

Би Уај Ди на салонот ИАА во Минхен во септември

Би Уај Ди почна со вградување нова генерација батерии, по шест години од последниот технолошки скок, во обид да ја засили продажбата на кинескиот пазар, каде што владее беспоштедна конкурентска борба со електричните автомобили.

Втората генерација на батериите Блејд може на брз полнач да постигне наполнетост од 20 до 97 проценти за помалку од 12 минути. Тоа важи и при температури од 20 степени под нулата. Претседателот на Би Уај Ди, Ванг Чуанфу ветува и досег до 777 километри.

Батеријата со зголемена енергетска густина на Би Уај Ди, може на моделите од премиум марката Денза и од луксузната серија Јангванг У7 да им обезбеди досег од преку 1.000 километри, напомена Ванг. Батериите во меѓувреме ги минаа безбедносните тестови што се предвидени според најновите национални стандарди на Кина.

Би Уај Ди воедно планира да ја прошири својата мрежа за „Флеш чарџинг“ на 20.000 станици до завршетокот на 2026 година. Од нив, 2.000 станици ќе бидат на автопатиштата. Компанијата до март има поставено преку 4.000 такви станици.

Во тричасовниот пренос од настанот, Би Уај Ди лансираше преку 10 модели што поседуваат батерија Блејд, од сите свои марки, во распон од 155.000 јуани (околу 22.500 долари) колку што чини моделот Сонг Ултра ЕВ, до 1,3 милион јуани за знаменосецот Јангванг У8Л.

Потребни се дополнителни зафати за Би Уај Ди да ја врати продажбата

Аналитичарите го потврдија технолошкиот напредок кај батеријата на Би Уај Ди, но напоменаа и дека проширувањето на моделската понуда нема да биде доволно да се засили продажбата, во време кога кинеските купувачи првенствено бараат да им се понудат поевтини возила.

Би Уај Ди го одржа настанот во време кога Пекинг притиска за браншата да се посвети повеќе на подостапните модели, да се запре самоуништувачката ценовна војна меѓу производителите и да се развиваат поразновидни модели, што нудат и повисок квалитет.

Би Уај Ди ја почитува најновата иницијатива на Кина, за удвојување на бројот на станици за полнење во следните три години.

Со голема претпазливост, по минатогодишната распродажба на возила од залиха што се случуваше во браншата и со предупредувањата од Пекинг, Би Уај Ди воведе приклучни хибриди со подолг досег и понуди седумгодишно кредитирање со ниска камата, по пример на Тесла.

Компанијата пак мора да се соочи со падот во продажбата на домашниот пазар, којшто се должи на загубената технолошка предност на Би Уај Ди, пренесуваат кинеските медиуми, повикувајќи се на говорот на Ванг.

Иновациите не го спречија падот во продажбата што почна во второто полугодие од 2025 и уште се засили во јануари и февруари годинава, кога локалниот соперник Џили го презеде водството.

Истекувањето на периодот на ослободување на електричните и приклучните хибридни возила од даноци, им донесе корист на традиционалните производители, како групацијата Фолксваген, којашто во јануари се врати на врвот на продажбата на кинескиот пазар.

Би Уај Ди лани се обиде да внесе иновација со воведувањето на автопилотски функции во своите модели со цена под 10.000 долари, а во април понуди и можност за петминутно полнење на батеријата кај двата нови модели, Хан Л и Танг Л, но тие до јануари достигнаа продажна од само 49.000 возила, што е незначително покрај вкупната продажба на Би Уај Ди од 3,76 милиони возила лани.

Претходна објаваЈапонски авто-компании се префрлија на руски алуминиум поради војната во Иран
Следна објаваСтрајкер: Новиот врвен модел на Дачиа погодува точно во целта

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here