- Јапонските производители на делови за автомобили преговараат со рускиот Русал, по 4-годишен бојкот
Воените судири во Персискиот Залив погодија 10% од светската продукција на алуминиум - ОАЕ и Бахреин прогласија вис-мајор и ги откажаа сите обврски, предизвикувајќи прекин во снабдувањето на целиот Азиски континент
- Јужна Кореја веќе се снабдува со 500.000 тони годишно од рускиот алуминиум
- Јапонските компании ги преиспитуваат комерцијалните и геополитички алтернативи
Прекинатите патишта на трговијата со алуминум, поради растечкиот конфликт на Средниот Исток, присили неколку јапонски производители на делови за автомобили да стапат во преговори со рускиот гигант Русал, соопштуваат луѓе што се упатени во состојбите.
Преговорите за купување примарни алуминиумски легури – коишто понатаму се користат во автомобилската индустрија за изработка на тркала, блокови и глави на мотори, како и каросериски панели – отпочнати се уште пред една недела, кажуваат извори. Дел од тие зделки се очекува да бидат потпишани веќе во следните неколку денови.
Некои производители на делови за фабриките за автомобили од Јужна Кореја, исто така преговараат со Русал, додаваат познавачите. Јапонските и корејските компании бараат опции и во Индија и кај други производители во Азија.
Производите од алуминиум на Русал не подлежат на санкции, но некои клиенти, вклучувајќи бројни јапонски компании, доброволно се откажаа од набавки, откако Русија ја нападна Украина во 2022 година.
Овој чекор претставува ненадејно отстапување од тој став, со што се нагласува колку се далекусежни последиците од прекинатите патишта за снабдување преку Персискиот Залив. Регионот учествува со околу 10 проценти во светската продукција на алуминиум.
Неколку фабрики во регионот се важни добавувачи со легурата што се води како ПФА. Обединетите Арапски Емирати и Бахреин се два најголеми производители на алуминиум во Заливот, додека Емиратс Глобал Алуминиум ПЈСЦ и Алуминиум Бахреин БСЦ се главни извозници во Јапонија и Јужна Кореја.
Војната го прекина прекуморскиот транспорт низ Ормузкиот Теснец, погодувајќи го снабдувањето со енергенси, но и со суровини. Откако САД и Израел го нападнаа Иран, Алуминиум Бахреин прогласи вис-мајор, односно делување на виша сила и ги прекина сите обврски, додека Емиратс Глобал Алуминиум доцнат со товарањето.
Русал во изминатите четири години ја пренасочи продажбата кон Азија, откако европските клиенти, коишто претходно покриваа половина од својата побарувачка, одбија да продолжат да купуваат руски метал. Продажбата во ЕУ продолжи да опаѓа, откако Унијата во 2025 година воведе квоти за увозот на руски алуминиум.
Кореја е едно од одредиштата што го купуваат рускиот алуминиум, со побарувачка од малку под 500.000 тони што е предвидена за годинава.
Некои добавувачи на јапонските фабрики ги запреа испораките откако започна војната и очекуваат дека ќе продаваат поскапо. Рио Тинто во минатата недела ги прекина преговорите со јапонските клиенти, за снабдување со примарен алуминиум во второто тромесечје и ја повлече претходната понуда за 250 долари по тон.
Цената на алуминиумот достигна највисоко ниво во изминативе четири години, откако започнаа немирите на Средниот Исток.
Купувачите на алуминиум во САД исто така итаат да обезбедат алтернативни извори. Земјата има голема зависност од увозот. Близу една петина од побарувачката за алуминиум лани, се покриваше од Средниот Исток.
















