Рено 5 Е-Тек избран за најдобар увозен автомобил од читателите на ауто мотор унд шпорт

За редакцијата на прочуениот германски магазин ауто мотор унд шпорт беше изненадување тоа што Рено 5 Е-Тек победи во изборот за најдобар градски увозен автомобил од читателите, но и тоа што електричниот Французин е вицешампион и во општа конкуренција на модели од градската класа.

Рено 5 на брз полнач во Охрид, за време на тестот во Аутомедиа во минатото лето

Со насловот на најдобар градски автомобил од увозна марка и со вицешампионската титула во класата на градски автомобили од сите марки, електричниот Рено 5 Е-Тек се избори за предност над модели, што германската публика сепак ги цени повеќе за свои, како што се Ауди А1 или Мини Купер, модел на групацијата БМВ.

Во посебната објава што ауто мотор унд шпорт ја посвети на успехот на електричниот Рено 5 Е-Тек, редакцијата понатаму наведува и факт дека „петката“, покрај тоа што освојува гласови, привлекува и купувачи, затоа што во јануари, таа била втор најпродаван модел на Рено на важниот германски пазар за марката, по Клио.

Цената не е пресудна за успехот, затоа што со 28.000 евра колку што со сите попусти чини електричната петка во Германија, вистина е дека таа е меѓу подостапните модели со погон на струја, меѓутоа сумата пак е „висока за автомобил од градската класа“.

„Очигледно, повеќе е до стилскиот настап и до грижливите детали, тоа што Р5 го става на патот на победата“, пишуваат Германците. Тој го следи моделот од 1980-те години, „без силење да се направи ретро, модерната интерпретација на старата тема се вклопува во времево“.

Ауто мотор унд шпорт своевремено направи интервју со главниот дизајнер на Рено, Лоренс ван ден Акер, во коешто тој објасни: „Постојат луѓе што некогаш поседувале Рено 5 или 4, и си велат дека би било многу добро кога пак би можеле да ги возат. И, сега можеме да го понудиме точно тоа, со модерна техника, со автомобилските услуги на гугл, со конективност. Но, формата е таа што ги побудува убавите сеќавања. И, тоа е најдобрата комбинација.“

Електричната петка е втора според гласовите на читателите во конкуренција на градски модели од сите марки, зад Фолскваген Поло, на третото место е Ауди А1, додека четвртото место му припадна на Алпин А290, спортска изведба на Рено 5 Е-Тек.

Во конкуренција на градски модели од увозни марки, 5 Е-Тек е прв, пред Шкода Фабиа и Мини Купер, и пак Алпин А290 на 4-то место.

Рено 5 Е-Тек летоска беше на тест возење во Аутомедиа и нормално дека привлече големо внимание, тоа беше меѓу другото и прв автомобил што на тестот беше возен по ново отворената делница од идниот автопат од Кичево до Охрид.

Претходна објаваМерцедес на 10-ти март со премиера на електрично комбе ВЛЕ
Следна објаваВолво собра многу нарачки за Е Икс 60, се трка со БМВ и-Икс-3

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here