Донгфенг го најавува Виго како следен електричен модел со достапна цена

Донгфенг веќе има широка понуда од електрични модели на македонскиот пазар, од градскиот модел Бокс до премиум кросоверот Воја Кариџ, но со Виго доаѓа веројатно најважниот модел.

Кинескиот производител Донгфенг постепено изгради најбогата понуда од модели со електричен погон на македонската автомобилска сцена, почнувајќи од Бокс, којшто ја понесе и титулата на најдостапен електричен автомобил, со цена од 21.900 евра, до луксузен СУВ од својата марка Воја. Пријатно изненадување е најавата дека во понудата наскоро доаѓа Виго, компактен СУВ со електричен погон и со применливост на семејно возило.

Донгфенг досега се издвои како најактивна марка од Кина на македонскиот автомобилски пазар, како во поглед на ажурноста на воведувањето нови модели во понудата, така и во поглед на градењето на имиџот, посебно со спонзорството на македонскиот маратонец Дарио Ивановски. Успехот се огледува со тоа што овој кинески производител во јануари се појави во Топ 10 на најпродавани марки на нашиот пазар.

Не отсуствува и успехот со електричните модели. Како што наведуваат менаџерите во АБЦ Брадер, досега се испорачани околу дваесетина модели со батериски електричен погон, од коишто половината се токму од моделот Бокс.

Следниот електричен модел на Донгфенг се надоврзува на Бокс, односно Виго е за еден чекор поголем, попросторен и пофункционален, со поголема батерија и со подолг досег. Виго е долг 4,30 метри, широк 1,87 и висок 1,66 метар, со меѓуоскино растојание од 2,72 метри. Тоа се димензии на СУВ од Б-сегментот, односно е големина слична со Рено Каптур или Хјундаи Кона.

Но, меѓу предностите на електричниот погон секако спаѓа и тоа што компонентите од погонот зафаќаат помалку простор и има поголема флексибилност за нивната поставеност, така што е за очекување Донгфенг Виго да понуди значително попросторна кабина. Тоа ќе може да се потврди откако моделот ќе дојде во салон.

Во поглед на моќноста, Виго располага со електромотор со 99 киловати, односно 135 КС, наспроти 95 КС кај Бокс, со максимален вртежен момент од 230 њутнметри. Исто и досегот од 480 километри според кинеските норми, со батерија од 51,5 киловатчасови, претставува важна надградба во поглед на погодноста за подолго патување. Спринтот до темпо сто трае 9,5 секунди.

Производитлеот импресионира и со брзото полнење, односно техниката дозволува користење брзи полначи со еднонасочна струја, на коишто може да се полни најмногу со моќност од 167 киловати. Тоа значи дека батеријата се полни до 80 проценти за помалку од десет минути.

Багажникот располага со зафатнина од 500 литри, а ја има и таа посебност што вратата е дводелна, поделена надолжно, за полесно товарење гломазни предмети.

За опременоста засега може само да се нагаѓа, додека моделот не дојде во салон, меѓутоа е за очекување дека Виго ќе биде уште поопремен од Бокс, со камери од сите страни и поглед озгора при паркирање, приспособлив темпомат, стаклен покрив, елеткрично местење на седиштата, безжично полнење, клима уред со пречистување честички ПМ2,5 и целосен арсенал од системи за асистенција. Возачот добива екран од 8,8 инчи, во средина се наоѓа голем екран од 12,8 инчи.

Цените и деталите околу опременоста и техниката ќе бидат познати откако АБЦ Брадер ќе го означи почетокот на продажбата, а тоа веројатно ќе се случи во вториот салон, што во моментов уште се опремува. Објектот се наоѓа на улица Кочо Битољану, веднаш пред фабриките на Европа и Пивара.

Донгфенг Нами Бокс ·Тест ·Електро охрабрувач

Претходна објаваФабриката на Тесла во Германија работи со одвај половина капацитет
Следна објаваКако конфликтот со Иран ќе влијае врз автомобилската индустрија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here