Најпродавани електрични автомобили во Европа во јануари

Во јануари на европскиот пазар биле продадени преку 185.000 електрични автомобил, што претставува раст од близу 14 проценти во споредба со лани.

Фолксваген го задржа водството во продажбата на електрични автомобили во Европа, но Рено и Шкода силно грабат напред да го скусат заостатокот.

Фолксваген ја почна годинава на истото место каде што ја заврши минатата, на врвот на продажбата на батериски електрични автомобили во Европа. Пазарниот извештај од јануарската продажба покажува дека главниот соперник на Фолксваген повеќе не е Тесла, но покажува и дека конкуренцијата е сé поблиску.

Фолксваген го задржа првото место во јануари, со регистрирани 17.230 нови електрични автомобили. Тоа претставува пад од 16 проценти во споредба со лани.

Семејството електрични модели ИД е силен адут на Фолксваген. Продажбата во семејството ја предводи компактот ИД.3 со 5.417 испорачани возила, по него следат компактниот СУВ-модел ИД.4 со 4.829 и моделот од средна класа ИД.7 со 4.663 возила. Ретро-ванот ИД Баз додаде 1420 возила и со тоа го заокружи силното присуство на ФВ во сите пазарни сегменти.

Додека Фолксваген го задржа темпото, неколку конкуренти засилија и го скусија заостатокот.

Рено искачи пет места и беше втора најпродавана ЕВ-марка во јануари, со раст од 65 проценти и регистрирани 14.447 возила со целосно електричен погон. Овој успех во најголема мера се должи на Рено 5 Е-Тек, којшто постигна 7.149 регистрации во јануари годинава наспроти 4.196 регистрации лани. Неколку пазари во Европа уште немаат почнато со редовна продажба на моделот. Рено 5 Е-Тек беше и на тест во Аутомедиа летоска.

Засилување доаѓа од Сеник Е-Тек со 3.317 испораки и од Меган Е-Тек со 1.652 испораки. Неодамна започна и продажбата на Рено 4 Е-Тек, од коешто се регистрирани 2.245 возила, што на францускиот производител му дава силен настап во сегментот на малите и компактни возила.

Шкода Елрок беше најпродаван електричен автомобил во Европа во јануари

Шкода е меѓу марките што постигнаа најголем скок во продажбата и искачи шест места, за да стане трета најпродавана ЕВ-марка во регионот. Со раст од 91 проценти, Чесите испорачаа 14.022 од своите електрични возила во првиот месец.

Елрок ја предводи продажбата на Шкода, со 8.426 регистрации во минатиот месец, наспроти 627 возила кога во истиот месец лани ја почнуваше својата продажба. Тоа е воедно и најпродаваниот ЕВ во Европа во јануари. Шкода Енијак се држи пристојно со 4.482 возила, иако има пад од лани, купе изведбата на Енијак учествува со 1.106 возила.

Кинескиот производител Би Уај Ди продолжува со силниот пробив, искачувајќи шест места до 8-та позиција и зголемувајќи ја продажбата на БЕВ речиси двојно, со 8.711 возила. Долфин Сурф е најпродаван модел со 3.007 регистрации, пред Силајон 7 со 1.909 и Сил со 1.310 возила. Би Уај Ди продолжи со освојување на пазарот и покрај тоа што ЕУ воведе дополнителни царини за БЕВ што се увезуваат од Кина. Производителот нуди високи попусти за да освои поголем удел на европскиот пазар.

Меѓу марките што изгубија најмногу е Тесла. Производителот на ЕВ од САД падна шест места и со 7.794 возила се најде на 10-то место, како резултат од губитокот од 17 проценти од ланскиот пазар. Модел 3 се сведе на 1.119 регистрации, наспроти 3.410 возила лани, што претставува пад од две третини. Тоа го расипа и напредокот на Модел Уај, којшто зголеми од 5.802 лани на 6.601 возило во првиот месец.

Претходна објаваМерцедес-Бенц слави два милиони користени автомобили проверени од фабрика
Следна објаваЕУ има можности значително да го поевтини локалното производство на батерии за електрични автoмобили

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here