
Огранокот на производителот на автомобили Тојота во Канада потпиша договор со Аџилити Роботикс од Орегон, за примена на половина дузина хуманоидни роботи во својата фабрика за монтажа во Вудсток, Онтарио.
Тојота ги заврши тестирањата во вистински услови на примена во текот на минатата година, со три роботи. Во фабриката во Онтарио се врши монтажа на РАВ4.
Со договорот што беше потпишан на 19-ти февруари, Тојота ќе ја прошири примената со седум хуманоидни роботи, како дел од договорот што се води под „роботи како услуга“, со Аџилити Роботикс.
Дигит е името на хуманоидниот робот за општа примена од специјализираната компанија за ова подрачје. Тој има задача да врши процеси што постојано се повторуваат, на позиции во логистиката и во производството. Вештачка интелигенција се користи за роботот да ги научи и да се приспособи на новите производствени процеси.
Воведувањето на Дигит во поширок обем во фабриката ТММЦ се случува по околу една година работа во развој, проверување на технологијата и во проба во вистински услови. Седумте роботи ќе бидат задолжени да товарат и растовараат контејнери од автоматски транспортер.
Тим Холендер, претседател на ТММЦ, во соопштението напоменува дека компанијата отсекогаш била пионер во воведувањето иновации во производството.
„Откако тестиравме со неколку роботи, се радуваме што со воведувањето на Дигит ќе го подобриме искуството на членовите на тимот и што ќе ја зголемиме оперативната ефикасност во нашите производствени погони.“
ТММЦ вработува околу 8.500 лица во своите три фабрики во Онтарио. Тоа е далеку најголем производител на возила во Канада, со преку половина милион Тојота РАВ4 и Лексус Р Икс во 2025 година.
Пеги Џонсон, извршна директорка на Аџилити Роботикс, кажа дека е привилегија да се здружат силите со Тојота во интеграцијата на роботите.
Аџилити Роботикс е основана во 2015 година, откако се издвои како засебен бизнис од Државниот Универзитет на Орегон. Нејзините роботи ги користат Амазон, добавувачот Шефлер Група и компанијата за логистика Г Икс О, покрај бројни други компании.
Како дел од договорот, Аџилити Роботикс ќе истражува следни начини за хуманоидните роботи да се пуштат во примена во фабриката на Тојота во Вудсток.
Повеќе производители на автомобили користат хуманоидни роботи. БМВ и Мерцедес-Бенц се меѓу компаниите што ја тестираа оваа технологија во своите фабрики во Европа и САД, а Хјундаи исто така планира најдоцна до 2028 година да пушти хуманоиди во фабричкиот комплекс во Џорџија.















