
Пропорциите се слични со СУВ-моделот на Сузуки што има големо име на македонската сцена, па и името му е е-Витара, но погонот е сосем различен. Сузуки е-Витара е долга 4,28 метри, широка 1,8 и висока 1,64 метар. Тоа е првиот целосно електричен модел на јапонската марка, што со големината се сместува меѓу класичната Витара и С-Крос.
Тоа што се произведува во фабриката на Сузуки во Индија му обезбедува одличен старт на пазарот, затоа што производството е поевтино, а фактот што Тојота им довери на своите земјаци, нивната верзија на е-Витара со име Тојота Урбан Крузер, да се произведува во истата фабрика, говори доволно за квалитетот на изработката.
Електричниот Сузуки и сестринската Тојота се конструирани врз платформа Хартект-е, што е наменета строго за модели со електричен погон.
Избор меѓу три погонски изведби, досегот до 426 километри
За Сузуки е-Витара стојат на располагање три варијанти. Веројатно нема да постои отстапка на нашиот пазар. Основниот модел располага со батерија од 49 кВч и електромотор од 106 кВ, односно 144 КС. Вториот модел располага со батерија од 61 кВч и електромотор од 174 КС. Третата изведба, сосем вообичаено за Сузуки, вози со погон на сите тркала и дополнително поседува електромотор назад, со моќност од 65 КС. Системската моќност достигнува 183 КС.
Во втората изведба, досегот е најголем, односно може да се вози до 426 километри. На брз полнач, е-Витара се полни од 10 до 80 проценти за 45 минути. При приклучување на обичен полнач, се користи сопствениот полнач во е-Витара со 11 кВ.
Вообичаено за Сузуки, моделот се нуди во три нивоа на опременост, коишто кај нас обично гласат ГЛ, ГЛ Плус и ГЛС, меѓутоа увозникот веројатно ќе ги соопшти наскоро сите податоци околу новиот модел.
Според германскиот ценовник, основниот модел чини 29.990 евра, изведбата со поголема батерија доаѓа до 36.490 евра, додека за изведбата со погон на сите тркала е-Олгрип треба да се смета на 39.490 евра. За македонските цени и достапноста на моделските изведби треба да се причека.















