Најновиот модел од марката Еолус, којшто стартува на македонскиот пазар, доаѓа на добро подготвен терен. За тоа се погрижи Еолус Шајн, лимузина со издолжена и нагласено аеродинамична каросерија, што дојде со титула на најдостапна лимузина од компакт класата, меѓутоа донесе и бројни други квалитети. Шајн ГС има материјал да се пробие повисоко од кој било друг модел од кинески производител на нашиот автомобилски пазар.
Да не се појавеше овој модел на нашиот пазар во 2024 година, немаше да се сетиме дека кинескиот производител учествуваше со близу половина во трошоците за развој на платформата ЦМП, што денес ја користат бројни модели на концернот Стелантис, од Алфа Ромео Јуниор до Пежо 2008.
Платформата од лимузината Еолус Шајн, во преработена изведба служи и како основа за кросоверот Еолус Шајн ГС. Меѓуоскиното растојание од 2,68 метри остана, меѓутоа разликата во висината е очигледна, сепак станува збор за модел што балансира меѓу лимузинскиот Шајн и меѓу кутиест СУВ што е качен високо.
Шајн ГС е висок 1,61 метар, наспроти 1,49 метар кај лимузината. Дел од таа разлика создава и зголеменото растојание од подлогата (17 сантиметри). Во должина, Шајн ГС со 4,61 метри е шест сантиметри покус, и околу два сантиметри е поширок.
Тоа што го двои новиот модел во марката Еолус на Донгфенг е свежо осмислениот концепт, односно различниот изглед. Место кутиеста каросерија што личи исто како секој СУВ на улица, тука има нос што оддава динамика како спортска лимузина, страничната силуета е поблиску до изгледот на добро направено семејно комби, додека назад пак презема спортскиот стил. Овој изглед е мошне извесно дека ќе привлекува внимание кај македонските возачки и возачи.
Вообичаено за кинеските производители, не се сведува на шминка однадвор, туку внатрешноста e таа што плени
Секако постојат и други квалитети, освен изгледот. Способноста на подвозјето се докажа при тестот на лимузината Еолус Шајн пред година и пол. Моторот исто така е познат, тоа е конструкција што влече основа од моторите на Мицубиши, меѓутоа е постојано усовршувана.
Кај Шајн ГС се избира меѓу две изведби, основната Комфорт со 1,5-литарски бензинец со 116 КС и спортската изведба Хантинг Најт со турбо-натполнење и 195 КС. Двете верзии користат 6-степен автоматски менувач со двојна спојка (ДЦТ) од Гетраг.
Основниот модел Комфорт ДЦТ со промотивната цена чини 19.490 евра, место 21.490 евра (2.000 евра разлика), додека спортската изведба Хантинг Најт ДЦТ чини 22.390 евра, што пак е 2.000 евра под редовната цена.
View this post on Instagram
Покрај посилниот мотор и стилските додатоци, како по каросеријата, така и по целата кабина, Хантинг Најт се разликува и по збогатената опрема: Греење на ветробранот и на предните седишта, електрично местење и на совозачко седиште, предупредување за возило во мртов агол и наидување возило при излегување од паркинг наназад, самостојно собирање на ретровизорите и уште бројни ставки.
Автоматска клима со пречистување од честички ПМ како стандард
Тоа што е стандард во секој Шајн ГС се тркала од лесен метал, панорамски покрив, греење на волан, пристап и старт без клуч, автоматски клима уред со пречистување честички ПМ2,5, седишта обложени со еко-кожа, двобоен ентериер, електрично местење на возачко седиште, задржување при поаѓање на нагорнина, ауто холд, електрична паркирна сопирачка, камери во 360 степени, 4 воздушни перници, безжичен полнач, дигитални инструменти од 7 инчи и средишен контролен дисплеј од 13 инчи.
Гаранцијата важи 8 години или 200.000 километри за мотор и менувач, односно 5 години или 150.000 километри за останатата техника.
Со изгледот, со бројните зафати со свежи бои, но и со солидни материјали во кабината, одлична просторност и навистина огромен багажник, со добра техника и врвна опременост за класата, несомнено е дека Донгфенг Еолус Шајн ГС ќе го привлече вниманието и на македонските возачки и возачи, но и на силната конкуренција во оваа класа.
Моделот наскоро доаѓа на тест во Аутомедиа МК и стандардно за секое возило на тест ќе следи обемен видео запис.
















